Судењето за родилката од Дебар се враќа на почеток, судијата и обвинителот заминуваат во пензија


Повторно одложено судското рочиште за родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, која при породување во 2020 година во струшката болница, остана без три органи: бубрег, матка и јајник. На денешното рочиште требаше да сведочи вештак од Клиниката за гинекологија и акушерство но тој не дојде поради годишен одмор.

Веапоска видно вознемирена и разочарана, рече нема никакви очекувања од струшкиот суд но најави дека нема да се откаже од правда.

„Јас правдата колку години ќе ја барам, бидејќи сум физички оштетена а овде во ходниците судски и психички ќе се пореметам, така што можеби до мојата смрт правда ќе има“, рече Јилдаз Веапоска-родилка од Дебар.

После долго одолговлекување, судскиот процес се враќа на почеток, бидејќи судијата Живко Аврамовски и обвинителот Благоја Даскаловски заминуваат во пензија.

„Секој бега како ѓавол од крст од овој предмет, ама нема каде да бегаат јас ви гарантирам. Еден ден ќе падне пресуда и јас ви гарантирам дека таа ќе биде осудителна. Нема каде да бегаат од вистината и од правдата“, рече Сашо Јанев-адвокат на Веапоска.

Следното рочиште од процесот кој се води против тројца гинеколози од струшката болница кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето се одложи на неопределено.