Судењето за организаторите на „27 април“ продолжува на 16 февруари
Судењето за организаторите на случувањата во Собранието на 27 април 2017 година продолжува на 16 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци на одбраната.
Поранешната заменик министерка за правда Биљана Бришковска Бошковски, рече дека на 27 април 2017 година попладнето, откако дознала за случувањата се упатила во штабот на ВМРО-ДПМНЕ да се види со Иво Котевски, кој бил со Спиро Ристовски и Луке Гелевски.
– Се упатив на 8-ми кат, каде беа повеќе функционери и членови на извршен одбор на партијата, директори и градоначалници. Колку што се сеќавам Миле Јанакиески и Спиро Ристовски ги видов на 8-ми кат на мое заминување од штабот околу 21:30 часот, рече Бришковска.
Прашана дали го познава лицето Александар Василевски – Нинџа, Бришковска рече дека како име и презиме го има сретнато во службена комуникација во Министерството за правда, како лице со големо криминално досие.
– Не сум го видела во штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека сум била таму. Ликот го знам од медиуми и лице со негова градба сигурно би го приметила, рече Бришковска.
Претходно сведочеше Цветан Трипуновски, кој рече дека немал никаква комуникација на 27 април 2017 година со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески.
Поранешниот директор на Водовод Александар Атанасов, рече дека лично учествувал на протестите „За заедничка Македонија”, но дека немал никаква комуникација или насоки од Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за учество или евентуално организирање на вработени за учество на протестите.
На почетокот денеска сведочеше и поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кој рече дека како тогашен претседател на државата од ниту една служба немал информација за најава на организиран влез на толпата во Собранието на 27 април 2017 година.
Во однос на изнесените информации за прогласување воена состојба на 27 април 2017 година, Иванов рече дека се што е поврзано со воена состојба произлегло од текст објавен во еден неделник, неколку дена претходно.
– Беа изнесени невистини и шпекулации кои потоа се пренесуваа и коментираа. Целиот текст е небулоза, затоа што уставот е јасен. Како држава имаме строго дефинирани механизми за спречување злоупотреба на воена состојба. Тоа е школски пример на психолошка војна, за некој да преземе нешто, а вината да падне на претседателот и армијата, рече Иванов.
Прашан како тогашен претседател на државата, каков бил неговиот став за граѓанското движење “За заедничка Македонија”, Иванов рече дека тој јавно неколку пати ги поддржал, преку негови јавни излагања и соопштенија.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
На следното рочиште треба да бидат сослушани сведоците Богдан Илиевски и Борис Јосифовски, предложени од одбраната на Спиро Ристовски.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.