Имала забрана да му се приближува и да го вознемирува, а му пишувала пораки: Повторно куп тепачки во македонските семејства
Сопрузи си ги тепале сопругите, поранешна партнерка, вознемирувала партнер, мајка и татко се расправале, а ќерката била психички малтретирана, татко тепал малолетна ќерка – сето ова е регистрирано во најновиот полициски билтен.
На 14.09.2026 во 23:50 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода М.М.(28) од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека во домот, по кратка расправија, физички ја нападнал неговата 22-годишна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица, известени биле јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.09.2026 во 16:40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Т.Џ.(43) од Куманово, затоа што физички ја нападнал неговата 38-годишна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
На 14.09.2026 во 13:35 часот, полициски службеници од СВР Велес извршија службен разговор со 38-годишната А.Ј. од Велес, постапувајќи по претходна пријава дека не ја почитувала одлуката од Основен суд Велес за забрана да го вознемирува, да му се приближува и директно или индиректно да комуницира со нејзиниот 36-годишен поранешен партнер. Таа му ѕвонела на неговиот број и му пишувала пораки на социјални мрежи со заканувачка и навредлива содржина . По целосно расчистување и документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 14.09.2026 во 12:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода П.А.(65) од тетовско, постапувајќи по претходна пријава од неговата 62-годишна сопруга дека претходната вечер околу 21:00 часот во нивниот дом, физички ја нападнал и ѝ нанел повреди. Исто така, пријавено е дека тој во изминатиот период вршел физичко и психичко насилство врз нивната 49-годишна ќерка. Тој е задржан во Полициска станица Тетово и по документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.
На 14.09.2026 во 19:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во домот на подрачјето на Бит Пазар, С.Ш. физички ја нападнал неговата малолетна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.09.2026 во 16:30 часот во СВР Скопје, 42-годишна жена пријави дека на 13.09.2026 во домот на подрачјето на Кисела Вода, била физички нападната од нејзиниот сопруг Р.П.(41). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.09.2026 во 17:00 часот во ОВР Прилеп, 36-годишна прилепчанка пријави дека била физички нападната од нејзиниот партнер З.Д.. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На 14.09.2026 во 23:25 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена пријави дека нејзиниот поранешен партнер Г.Ј. психички ја вознемирувал и доаѓал пред нејзиниот дом и работното место. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 14.09.2026 во 23:00 часот во СВР Скопје, Р.А.(33) од Скопје пријави дека на подрачјето на Шуто Оризари, А.„Н.“ физички ги нападнала нејзината мајка А.А.(67) и нејзината малолетна внука. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.