Судењето за „Монструм“ продолжува на 21 септември со изнесување докази на обвинителството

На 21 септември со изнесување на докази од обвинителството, треба да продолжи судењето за предметот „Монструм“. На денешното рочиште сведочеа четврица вработени во Министерството за внатрешни работи. Тие ги објаснија процедурите како пристапиле кон извршување на здачите на 12 април 2012 година кога беа убиени момчињата и рибарот на брегот на езерото во близина на селото Смилковци, кога им било јавено за настанот.

Бидејќи се поминати осум години од убиството, сведоците за дел од настаните се сеќаваа, но за делот што обвинителите и судиите прашуваа за тоа кој пријавил за најдената „Опел Омега“, одговор неможеа да дадат.

Последниот сведок, кој се уште е вработен во Центарот за известување при МВР кој бил на работа на 13 април 2012 година рече дека не се сеќава дали преку „совесен граѓанин“ или преку „полициска патрола“ било пријавено дека е најдено возило паркирано покрај патот, но се сеќава дека по пријавата постапил според процедурата. Сведокот им посочи на судиите службено да побараат од МВР да им достават листа за тој ден со што би дошле до одговорот како стигнала пријавата до Центарот.

Според адвокатката Дафинка Ивановска, која ги застапува родителите на убиените деца, сведоците го кажале она што е запишано во записниците и службаните белешки кои претставуваа доказен материјал во предметот.

-Нешто посебно што би се истакнало сметам дека нема, затоа што се укажува на тоа, посебно на инспекторите и началниците кои си ја вршеле работата по нивните протоколи и правилници, од аспект како ја организирале работата, во соодност и содејство со јавниот обвинител и со истражен судија кој ги дава наредбите што да се превземе, како што е обезбедување на доказите од Смилковското езеро кое било обезбедено веднаш после дојавата на настанот после 22:30 часот, истакна Ивановска.