Судење во време на Ковид-19

Фото: Б. Грданоски

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 го промени функционирањето и работењето во сите области од животот. Технологијата и новите алатки забрзано го наоѓаат својот пат во сите сектори, па дури и во индустрии во кои што претходно биле незамисливи.

Здравствените власти долго време повторуваат дека единствен начин за заштита од вирусот е строго почитување на мерките и протоколите – носење на маска и држење социјална дистанца. Со такви мерки и протоколи продолжува работата и на судовите низ земјава.

Во Основниот кривичен суд судењата се одвиваат со интензитет од пред короната. За жал, технологијата, се уште, не го наоѓа патот до зградата на Основниот кривичен суд во Скопје, па судските рочишта се одвиваат со следење на строги мерки и протоколи.

Додека за некого примерите од судовите, како судот во Масачусетс, во САД кои судските рочишта ги пренесува преку оналјн конференциски врски за јавноста, изгледаат како недостижни, во Основниот кривичен суд во Кавадарци веќе се одржа првото онлајн судење.

Основниот суд во Кавдарци го одржа првото онлајн судење во април годинава

Додека Основниот суд во Кавадарци на 15 април годинава одржа онлајн судење за разбојништо со користење на електронската платформа за аудио визуелна коминикација Мајркософт Тимс, во Основниот кривичен суд во Скопје веќе подолго време има целосно опремена просторија за видео пренос на судските рочишта, донација од мисијата на ОБСЕ во Скопје, но за жал се уште не е ставена во функција.

Центарот, кој беше промовиран во февруари минатата година, е опремен со шест компјутери и аудио и видео опрема за следење на судењата во Судница 1, но таа се уште не е ставена во функција.

Од Судот во Скопје за МИА информираат дека прават напори да се овозможат технички и безбедносни услови како новинарите да ги следат главните расправи преку аудио и видео опремата во медиа центарот.

– Согласно Законските одредби, доколку на главната расправа се повикани двајца или повеќе сведоци во постапката, при сослушување на еден сведок другите сведоци, кои се уште не биле сослушани, не смеат да го слушаат и знаат исказот на претходниот. Со оглед на тоа дека медиа центарот се наоѓа непосредно до холот пред големата судница каде чекаат сведоците за да бидат повикани и сослушани во судница, судот прави напори да овозможи технички и безбедносни услови како новинарите би следеле главни расправи преку аудио и видео опремата поставена во медиа центарот, а притоа доследно да се почитуваат законските одредби, нагласуваат за МИА од Основниот кривичен суд во Скопје.

Според претседателот на судот во Кавадарци Лазар Нанев, ситуацијата со КОВИД-19 ја искористиле за организирање на првото онлајн судење, на барање на обвинетиот.

– Морам да потенцирам, дека на барање на странките, со физичка оддалеченост на обвинетиот, кој беше во притворското одделение во затворот во Скопје и преку адвокатите во Гевгелија и Велес, што овозможи една нова револуција во делот на постапување и остварување на правдата, изјави Нанев за МИА.

Посочи, дека во светот постојат најразлични затворени платформи кои се користат за онлајн судења.

– Многу важно е, дека тим на експерти во нашата држава работи на креирање на затворена платформа, преку Мајкрософт тимс, за евентуално наредните состојби и потреби за онлајн судења, преку целосна заштита и гаранција на сите странки во текот на постапката преку обезбедување на дигиталниот идентитет на сите странки, истакна Нанев.

За новинарите, нагласи тој, се подготвува и мобилна апликација за дел од судовите, како и во неколку судови веќе се работи на обезбедување на лајв стриминг за странките и електронски судски табли.

– Од 1 септември годинава стапи во сила Законот за електронски документи и електронска идентификација и доверливи услуги, кои треба да го применуваат и правосудните системи. На овој начин, доколку судовите располагаат со соодветна опрема, целосно ќе може да го дигитализираат својот процес, изјави Нанев за МИА.

Посочува дека Судов во Кавадарци веќе ја има исфрлено хартијата во 90 проценти од своето работење.

Од Кривчниот суд децидни – доследно се почитуваат препораките од здравствените власти

Најголемиот суд во земјава – Основниот кривичен суд во Скопје судењата ги организира со физичко присуство на сите странки и со строго почитување на правилата и препораките од здравствените власти.

– При влез на секое лице во судот, без разлика дали е судија, судски службеник или странка во постапка му се мери телесната температура со безконтактен уред и доколку се утврди тепература над 37.5 не му се дозволува влез во судот, а за неговото отсуство и причините за истото се известува раководителот – доколку се работи за службеник или надлежниот судија –  доколку се работи за странка во постапка, информираат од Судот за МИА.

Странките, посочуваат од Судот, се должни при влез во судот како и при движење низ судот и присуство во судница, постојано да носат заштита маска или визир, а со истото задолжение се обврзани и вработените на шалтерите, судиите, судиите – поротници и записничарите присутни во судниците, за која цел судот им обезбеди заштитна опрема.

Прашани за тоа како се почитуваат мерките внатре во судница и дали имало поплаки за непочитување, од Судот одговараат дека на секој шалтер и во судниците е поставен гел за дезинфекција наменет за странките, а на влезот во судската зграда и во секој хол пред судниците се обележани места за стоење како би се одржувала пропишаната дистанца.

– Во помалите судници се одржуваат расправи каде нема повеќе од 5 до 6 странки во постапката додека сите други судења со повеќе странки и заинтересирана јавност се одржуваат во трите големи судници каде е усогласен распоред на седење на одалечност од 2 метри. Воедно судниците редовно се чистат од службите во судот, а еднаш неделно судниците, шалтерите и тоалетите се дезинфицираат од професиопнална фирма за одржување, информираат од Судот.

Посочуваат дека благодарение на доследно почитување на овие мерки и протоколи, досега ниту еден вработен не пријавил дека е заразен со вирусот или дека добил решение за изолација, а за целото време од прогласување на пандемијата до сега, судот и покрај реудцираниот број на вработени и вонредните услови за работа, покажал максимална ажурност и професионалност во работењето.

Судењата за едни безбедни, за други не, а трети сметаат дека може и треба да се направи повеќе

За тоа како тие лично се чувствуваат на самите судски рочишта, разговаравме со неколку учесници на постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје пред една недела.

Според јавниот обвинител Гаврил Бубевски, од негово лично искуство како обвинител од почетокот на пандемијата, смета дека Судот и Судскиот совет создале услови во кои може еден учесник во постапката, вклучително и обвинител и странки и обвинети, да се чувствуваат безбедно во смисла да бидат здравствено сигурни дека нема да заболат од болеста КОВИД-19.

– Протоколите кои што се одвиваат во Судот, од влезот на судската зграда со мерење на температура, со растојание меѓу учесниците, со носење на задолжителни маски, на почетокот и ракавици, кои сега веќе мислам дека не е во протокол, со една таква поставеност досега не сум запознаен за ниту еден можен случај да биде пренесена болеста КОВИД-19 на некој учесник во постапката. Сметам дека целосно се запазени процедурите. Судиите ревносно постапуваат. Во судница има растојание и јавноста и странските во споровите се безбедни во тој дел, вели Бубевски за МИА.

За тоа како пандемијата влијае врз неговата секојдневна работа, Бубевски вели дека на почетокот многу повеќе, во споредба со сега.

– На почетокот и вирусот беше многу понејасен, сега од прилика мораме да се научиме да живееме со него и тоа е факт. Полека сите веќе се привикнуваме да живееме со него и начинот на функционирање на институциите се прилагодува. Сметам дека веќе сите институции кои постапуваат, дека веќе застоите нема да бидат на тоа ниво, како на почетокот и полека полека си прилагодуваме и не може тоа веќе да биде оправдание за непостапување, изјави Бубевски.

Адвокатот Еленко Миланов, пак, во разговор за МИА истакна дека во почетокот Судот презел некои мерки и одложил некои рочишта со повеќе присутни луѓе, но не слушнал дека постои пропишан протокол од Министерството за здравство за тоа како ќе се одвиваат процесите во судница, кои сите се во затворен простор.

– Речиси секојдневно сум присутен во судница во која има од најмалку десет, па до 40 или 50 луѓе. Тоа се рочишта, на кои сите ние, сме изложени на ризик од можност на ширење на КОВИД-19, затоа што рочиштата многу често траат по повеќе часови, не се дезинфицира и нема дури ниту услови во поголемиот дел од судниците истите да бидат проветрени на соодветен начин, изјави Миланов.

Смета дека треба да се преземат мерки и да се пропишат протоколи, зошто на поголемиот дел од судењата растојанието не е ниту метар и заштитната маска е единствено средство.

За тоа како ковид кризата влијае врз нивното работење, Миланов, вели дека како и во сите сегменти од животот, нормално дека отежнува затоа што сите комуникации се намалени и оневозможени.

– Имате многу институции кои воопшто не примаат пошта на шалтер. Сето тоа мора да оди преку писмена пошта, што го развлекува рокот и за можност за добивање на одговор и за можност за обезбедување на докази во законските рокови пропишани во ЗКП, изјави Миланов.

Новинарот Матеја Петровски, вели дека на поголем дел од судењата се почитуваат препораките и има растојание во судница, меѓутоа во помалите судници нема доволно растојание.

– Мислам дека во суд треба малку повеќе да се почитуваат препораките за заштита од КОВИД-19. Маски се носат, но треба и растојание да има, изјави Петровски.

Смета дека поголемите судења, кои се поинтересни за јавност треба да се одржуваат во големата судница во новата зграда на Кривичниот суд.

Според Мирјана Костадиновска од Здружението Зелена лупа, споредено со периодот пред пандемијата предизвикана од КОВИД-19 кога рочиштата беа следени од поголем број медиуми, невладини организации и јавноста, сегашната ситуација е драстично променета.

– Здружението Зелена Лупа од самиот почеток на пандемијата со исто темпо ги следи судските процеси и може да констатираме дека пропишаните мерки за заштита од Владата и Комисијата за заразни болести единствено може да се почитуваат во судница број 1 на првиот кат од кривичниот суд, која овзоможува услови за целосна примена на мерките и препораките, вели Костадиновска за МИА.

При влезот на Судот, посочува таа, се преземаат сите мерки со мерење на температура, употреба на дезинфекциски средства и заштитни маски, но во судниците овие мерки само делумно се почитуваат.

– Има се почести појави на лица кои не ги користат маските во судниците, а поради немање доволно простор во судниците е невозможно одржување на растојание од минимум два метри. Во малите судници се почеста појава е рочишта со над 50 до 60 странки, меѓу кои и протворени лица. Под вакви околности ниту еден учесник во постапките не може да се чувствува безбеден. Лично јас како набљудувач и покрај тоа што ги употребувам сите заштитни мерки сепак не се чувствувам безбедено, меѓутоа поради фактот што за самите судски предмети е битно јавноста да биде навремено информирана продолжуваме со мониторинг, вели Костадиновска.

Во вакви околности, таа препорачува, судските постапки каде има повеќе странки рочиштата да се одржуваат во поголемите судски сали во старата и новата зграда на Кривичниот суд, а на медиумите и невладините организации да им се овозможи ауди-визуелно следење на предметите.

Александар Атанасов