Субвенции во 2026 за произведен расад за домати во 2024 – за кого е стокмена оваа невообичаена мерка во земјоделието?

Сточарите реагираат – 1.400 одгледувачи на овци останаа без субвенции за 2024, а на оние што правеле расад за домати во таа година ќе добијат пари како тоа да го направиле сега


 

БИТОЛА – Во програмата за субвенционирање на земјоделците за 2026 година власта планира да исплаќа субвенции за оние што произвеле расад за домати во 2024. На ова укажуваат земјоделци откако Платежната агенција беше децидна дека не ќе може да им ги исплати субвенциите за предадено јагне за 2024 година на сточарите кои не го исполниле условот 50 проценти од јагнињата од бројот на овци да ги предадат во кланица, услов поради кој околу 1.400 одгледувачи на овци останаа без пари.

Земјоделци кои од година во година ги следат владините програми за земјоделие, за „Независен“ алармираат дека ако може за расад за домати ретроактивно да се исплаќаат субвенции тогаш треба и за предадено јагне.

Нашите соговорници велат дека во Уредбата за директни плаќања 2024 година е предвидена мерка за субвенционирање на производство на сертифициран посадочен материјал за градинарски култури (1.16). Истата мерка постои и во Уредбата за директни плаќања за 2025 година (1.12).  И во двете години е предвидено субвенционирање на производство на сертифициран посадочен материјал за градинарски култури од видовите домат, пипер и краставица. И во двата случаи поддршката е условена со доказ дека произведениот сертифициран посадочен материјал е продаден, односно корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства запишани во Регистарот на снабдувачи на саден материјал кои имаат произведен и продаден посадочен материјал.

„Она што е симптоматично во Уредбата за директни плаќања за 2026 година е што ваква мерка повеќе не постои. Уште посимптоматично е што е предвидена мерка (3.11) со која ќе се финансира производство на сертифициран посадочен материјал за градинарски култури и тоа само од видот домат и тоа за произведен посадочен материјал во 2024 година, значи земјоделецот во овој случај ќе може да земе ретроактивно субвенции за 2 години наназад“, велат наши соговорници кои сакаа да останат анонимни.

Според нив, уште посимтоматично е штово описот на оваа мерка (3.11) изостанува условот за корисникот да докаже дека произведениот посадочен материјал го продал, како во случајот во 2024 и 2025 година, каде исплатата на субвенциите е условена со доказ за продаден расад.

Вториот момент што е симптоматичен во овој случај е што за разлика од другите мерки за градинарите, тука е предвиден посебен рок за аплицирање.

„За нас е нејасно и треба министерот или Платежната агенција да ни обрзложат како може за истата мерка (3.11) во Уредбата за директни плаќања да е предвиден посебен рок за аплицирање (05.08.2026) со што е издвоена од роковите за поднесување на барања за поддршка по основ на другите мерки, што исто така се разликува од уредбите за директни плаќања за 2024 и 2025 година“, укажуваат земјоделци за „Независен“.

Земјоделците велат дека МЗШВ ќе треба да одговори зошто во програмата и уредбата за 2026 година се предвидува мерка за субвенционирање на производство направено во 2024 година? Зошто за разлика од претходните години – сега потенцијалните корисници немаат услов да докажат дека произведениот посадочен материјал е продаден? Зошто за оваа мерка има посебен рок за поднесување на барање за финансиска поддршка, за разлика од претходните години кога за оваа мерка важел истиот рок како и за сите други?

Според нив, доколку оваа мерка не се разјасни јавно од министерот Цветан Трипуновски ќе остане да буди сомнеж „за вештачко креирање на услови и создавање на наменска мерка од која допрва ќе се види кој ќе има корист“, велат нашите соговорници.

Сточарите пак, јасно укажуваат дека ова што се прави со можноста за ретроактивна исплата на субвенции за расад за домати целосно се коси со изјавата на директорката на Платежната агенција, Даниела Иротова, дадена во Прилеп пред десеттина дена на средба со сточарите, која коментирајќи ја мерката за субвенционирање на огледувачите на овци за 2024 години кажа дека за нешто што било случено во 2024 година не може да даде субвенција во 2026 година.

„За голем број сточари спорна е мерката за 2024 година, при што им беше објаснето дека таа е таква каква што е и не навлегуваме дали навремено се реагирало. Меѓутоа, најголем дел од сточарите не биле ниту свесни како оваа мерка тогаш ќе влијае на исплатата. Факт е дека исплатата е задоцната, да се реагирало навреме во 2025 година. Од 2.200 пријавени, само 800 го исполнуваат условот за минимум предадени јагниња во кланични капацитети. Не било земено предвид исклучувањето на младите нерепродуктивни грла и машките грла од условот 50 отсто предадени јагниња во 2024. За нешто што било случено во 2024 сега, не можам ниту да коментирам ниту да дадеме нешто во 2026 година“,рече Иротова на средбата со сточарите.

Оттука земјоделците велат дека ако може да се исплати за расадот за домати за 2024 година тогаш да се примени истиот начин да се доисплатат одгледувачите на овци со по 1.400 денари за грло овца.