Студентското собрание при УКИМ се извини за говорите на денешниот собир за трагедијата во Кочани

Во објавата на официјалниот фејсбук-профил на УСС УКИМ, оттаму велат дека ги прифаќаат критиките во врска со настанот и додаваат дека на наредните собири кои се предвидени до 21 март нема да има никакви обраќања.
Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ упати јавно извинување до сите членови на академската заедница во врска со говорите на ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот собир пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше организиран по повод оддавање почит за 59 загинати во трагедијата во Кочани.
Во објавата на официјалниот фејсбук-профил на УСС УКИМ, оттаму велат дека ги прифаќаат критиките во врска со настанот и додаваат дека на наредните собири кои се предвидени до 21 март нема да има никакви обраќања.
„Ова е прва наша организација од овој тип и се молиме дека ќе биде последна. Ги прифаќаме сите критики за овој и секој нареден настан, а и ние самите ги увидовме. На наредните собири нема да има никакви обраќања“, наведуваат од УСС УКИМ.
Реакцијата на Универзитетското студетско собрание при УКИМ следува по денешниот собир пред платото на Универзитетот во чест на жртвите од трагедијата во Кочани на кој свои обраќања во форма на говор имаа ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според организацијата „Студентски отпор“, на денешниот собир не било испочитувано барањето на студентите и наместо седумминутен молк и достоинствено оддавање на почит за жртвите, ректорката и министерката имале говори. Ова, како што велат оттаму, се случило и покрај јасниот притисок од студентите да не се ваков трагичен момент да се користи за говори и политичка самопромоција. „Додека тие ги читаа своите подготвени изјави, неколку студенти се почувствуваа лошо и побараа итна медицинска помош. Но, наместо внимание кон оваа ситуација, ректорката и министерката продолжија со своите говори, целосно игнорирајќи ја состојбата на студентите. За нив, поважна беше пиар кампањата отколку почитта кон жртвите и здравјето на младите кои присуствуваа на собирот. Студентите јасно и гласно порачаа дека ваквото однесување е недостоинствено и неприфатливо. Ова не беше момент за политички пораки, туку за тивка почит кон загинатите и солидарност со нивните семејства“, велат од организацијата „Студентски отпор“.
Оттаму побараа ваквите комеморативни настани во иднина да се организираат со почит и достоинство.