Студентите, в петок, се приклучуваат на протестот на Дудуш за ЈСП
На протестот пред Град Скопје, во петок, во 13,30 часот, ќе се приклучат и студентите, затоа што доцнат на предавања и на испити, бидејќи нема автобуси низ Скопје што би ги однеле до факултетите. Протестот го закажа градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој се жали дека жителите на неговата општина подолго време чекаат на автобуските постојки од еден до три часа.
Во соопштението доставено до медиумите од на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, стои дека по спроведената анкета на која одговорилеа над 3.150 студенти, 84% од нив во последните денови чекале автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% од нив чекаат автобус над 20 минути. Дополнително, 93,4% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 65,9% од истите воопшто не се задоволни од истиот.
„По добиените бројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржување на колоквиумска недела и предавања при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во која што се наоѓа градскиот превоз (нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки), која секојдневно го нарушува студенскиот стандард, ви го доставуваме следниот ултиматум:
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје- Скопје и градоначалник на град Скопје , Данела Арсовска до крајот на утрешниот ден да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студенскиот стандард.
Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок со цел изразување на огромното незадоволството од менаџирањето на ЈСП.
Дополнително, испраќаме силен апел за воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и конечно отпочнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од ваша страна и вашиот тим во градоначалничката предизборна програма, но и од страна на претходните градоначалници. Конкретно, барањата се следните:
– Продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit;
-Воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје;
– Отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен Булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница;
– Набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии;
-Надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт;
Доколку не можете да ги исполните ветувањата дадени во програмата, но и силните барања на граѓаните на вашиот град, оставката секогаш е отворена опција, се вели во соопштението од УСС УКИМ, потпишано од претседателот Александар Николовски.
Попладнево многу редуциран беше сообраќајот на градските автобуси во главниот град, поради недостиг на нафта.Возеа само оние автобуси кои во резервоарите имаа уште некоја капка гориво. Метежот на автомобили низ Скопје беше видлив.