Студентите имаат три дена за пријавување за субвенциониран студентски оброк – од денес до 5 октомври
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година трае од 1 до 5 октомври 2026 година.
Студентите кои ќе се пријават во овој период ќе може да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк од 1 ноември 2026 година.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20262027-godina
За поддршка при аплицирањето студентите може да го контактираат МОН преку е-пошта: [email protected]
-Студентите на кои им било прекинато или одбиено правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходниот активен рок, информира Министерството за образование и наука.
Поради законска регулатива за засилена автентикација при бесконтактни плаќања на ПОС-терминали, студентите ќе треба да го внесат ПИН-кодот за трансакциите да бидат успешни.
-Шпаркасе банка објави две важни известувања во врска со оваа новина и поддршка за студентите: https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/16/Izvestuvanje-za-upot…
https://www.sparkasse.mk/mk/soopshtenija/2025/01/14/Izvestuvanje-za-kori…
Ако го знаете или го чувате ПИН-кодот, нема потреба од реактивација, наведува МОН.
Денеска, пак, новите студенти ги охрабри и претседателката на УСС на УКИМ, Ангела Василевска. Рече и таа пред три години била како нив збунета и со многу прашања за иднината и дилеми за избраниот факултет, но сега, рече, е веќе на говорницата како лидер на студентската организација.
- Денес стојам од оваа страна. И ако нешто научив од овие три години, тоа е дека најважните работи што ќе ги научите на универзитетот никогаш нема да ги најдете во скриптите. Ќе ги најдете во луѓето што ќе ги запознаете, во пријателствата што случајно ќе почнат по првото предавање, во професорот што ќе ве натера да размислувате поинаку. Учете, правете грешки, запознавајте луѓе, барајте можности — и создавајте ги кога ги нема, истакна Василевска.
Им порача постојано да инвестираат во својата иднина и да посетуваат што повеќе пракса, за што корисна ќе им биде веб-платформата „LInker“ преку која студентите ќе може полесно да стигнат до компании и практична обука.
Василевска нагласи и дека УСС на УКИМ постои за да ги брани правата на студентите и да поднесува иницијативи за подобри услови за студирање.
- Поднесовме иницијатива за дигитална автобуска картичка, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, а заедно со многу други универзитети бараме студентскиот оброк да се покачи од 140 на 200 денари. Не се помируваме со „така било отсекогаш“. Ако нешто може да биде подобро, ќе предложиме подобро решение и ќе се бориме тоа да стане реалност, рече претседателката на УСС на УКИМ, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.