Студентите бараат откажување на наставата и испитите за време на деновите на жалост

Студентските организации од повеќе државни и приватни универзитети во земјата информираа дека поднеле барања за прекин на наставата и организирање собири додека траат деновите на жалост по повод трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 59 главно млади лица, а над 150 се повредени.
Универзитетското студентско собрание при најголемиот универзитет во земјата, УКИМ информираше дека сношти одржале вонреден состанок по кој поднеле барање до Ректоратот за прекин на наставата и организирање на заедничка настава во вид на собири од 17 до 21.03.2025 година.

„Сите настани и работилници ќе бидат одложени. Ве повикуваме на заедничка сплотеност почнувајќи од денес 17.03.2025 г. “, напишаа тие на нивниот Инстаграм профил.
УСС УКИМ пренесе порака од ректорката на Универзитетот, која им порачува на членовите на Ректорската управа да го прифатат барањето на студентите.
Студентското собрание на Универзитото „Св. Климент Охридски“ од Битола (УКЛО), исто така, им порача на студентите дека поради трагичниот настан во Кочани, поднеле барање за откажување на предавањата за оваа недела, од 17 до 21.032025 г.
Претходно, Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип извести дека од денес нема да се одржуваат предавања и најави дополнителни информации во текот на денот.
Од приватните Универзитети, Американ Колеџ Скопје ги извести сите студенти, професори и соработници дека испитната недела закажана за денес година е откажана.
„Ревидираните датуми од презакажаната испитна недела ќе бидат дополнително објавени“, објавија од Американ Колеџ.
Европскиот Универзитет, исто така најави дека наставата (предавања и вежби) во деновите додека трае прогласената жалост на ниво на цела држава ќе биде одложена.
„Со редовна настава ќе се продолжи по завршување на седумдневната жалост“, напишаа од Европскиот Универзитет на социјалните мрежи.
Предавањата закажани за денеска на Меѓународниот Славјански Универзитет се исто така откажани.
Студентската платформа Студентарија објави дека ги поддржува одлуките и повиците да нема настава за студентите на универзитетите и факултетите.
„Трагедијата е огромна и потребни се сплотеност и заедништво во ваков траорен период“, велат од Студентарија.