Стразбур: Вардар, Брегалница, Црна река и Охридското Езеро се сериозно погодени од неконтролирано загадување

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти објави извештај за (не)почитувањето на правото за здрава животна средина, т.е. за загадувањето во Македонија во кој констатира дека државата има стратегии и солидна законска рамка – но ништо од тоа не се остварува во практика.
Во извештајот притоа стои дека комесарот е загрижен за негативните влијанија од загадување на воздухот во Македонија, посочувајќи ги Скопје, Битола и Тетово како градови кои редовно ги надминуваат безбедните нивоа на загадувачки честички присутни во воздухот и се рангираат меѓу 10-те најзагадени градови во Европа, а понекогаш и во светот.
– Петгодишната национална стратегија за справување со загадувањето на воздухот
истече во 2018 година, наводно без да биде целосно спроведена. Последователната „програма за намалување на загадувањето на воздухот“ од три години, исто така, наводно не била целосно имплементирана, ја забележува комесарот во извештајот практиката добро позната на нас во Македонија, да се носат закони и стратегии а потоа да не се исполнуваат или почитуваат.
Комесарот е загрижен и за негативните влијанија од лошото управување со отпадот и ширењето на нелегалните депонии, кои според него непропорционално влијаат врз ранливите заедници, вклучувајќи ги и Ромите.
-Постојат неколку озлогласени места за отстранување на токсичен отпад во земјата, некои на индустриски објекти кои работеле во времето на СФРЈ, кои се карактеризираат со контаминирана почва и вода, како што се депонијата за отпад од рудникот Лојане, ОХИС и индустриската депонија Јегуновце. Големите реки како Вардар, Брегалница и Црна, заедно со Охридското Езеро се сериозно погодени од загадување. Нерегулирано испуштање отпадни води од индустриски, земјоделски и домашни извори доведува до контаминација, загрозувајќи ги водните екосистеми и јавното здравје. Не постои регистар на загадувачи, а нелегалното испуштање отпадни води често не се санкционира, посочува комесарот.
За време на посетата, Комесарот добил информации за системските пречки што треба да се решат за да се подобри ефикасноста на јавната акција во областа на животната средина. Тој
дознал за недостаток на капацитети и ресурси кај државните службеници кои се занимаваат со ова прашање, вклучително и во Министерството за животна средина и просторно планирање и во локалните самоуправи. На својот состанок со Државниот инспекторат за животна средина, Комесарот бил информиран дека инспекторатот нема доволно ресурси и инспектори за ефикасно извршување на својата работа. Комесарот бил информиран и дека општините, кои ја делат надлежноста во областа на животната средина, честопати не се доволно проактивни. Многу од нив не успеале да донесат планови за намалување на загадувањето и другите еколошки опасности. Информациите што се релевантни за животната средина не се објавуваат систематски, што го попречува правото на поединците на информации и учество во донесувањето одлуки.Конечно, соговорниците истакнале систематски недостаток на спроведување на постојните закони поврзани со животната средина, стои во извештајот.
притоа се додава дека проценките на влијанието врз животната средина од страна на инфраструктурните проекти не се секогаш завршени.
-Во овој поглед, Комесарот добил информации за голем автопатски проект што е во тек во земјата, кој започнал пред завршувањето на проценката на влијанието врз животната средина, стои во извештајот.
На крајот се оценува дека пристапот до правда во случаи на кршење на човековите права во животната средина, вклучително и правото на здрава животна средина,„во голема мера отсуствува во Северна Македонија“. Судот постојано потврдува дека поединците мора да имаат пристап до трибунал способен да утврдува лични еколошки барања во разумен рок и дека резултирачките одлуки мора да се спроведуваат, вклучително и мерки за решавање на штетите врз животната средина и обесштетување на жртвите.Но, Судот има флексибилен пристап во утврдувањето кој ги поседува релевантните права, прифаќајќи во неколку случаи дека еколошките и другите здруженија можат да ги застапуваат своите членови или локалните жители.
– Во времето на посетата на Комесарот на Северна Македонија, немаше судска пракса во
земјата што би придонела за дефинирање на елементите на правото на здрава животна средина што е гарантирано во Уставот. На пример, Македонското здружение на млади правници објави дека од 2019 година повело шест случаи пред основните граѓански судови во Скопје, Битола и Струга и до управниот суд во врска со загадувањето на воздухот, управувањето со отпад и загадувањето на водата, тврдејќи дека се прекршени човековите права и правото на здрава животна средина. Тие беа отфрлени, а судовите тврдеа дека немаат надлежност да се занимаваат со вакви прашања. Невладините организации, исто така, известуваат дека во
некои случаи, Архуската конвенција и меѓународното право се погрешно толкувани од домашните судови, стои во извештајот.
Во извештајот исто така стои дека Македонија е одговорна за 0,02 отсто од испуштањето на штетни гасови, но се уште нема стратегхија за климатските промени, а не може ни да ги мери гасовите бидејкќи нема ни механизам со кој ќе го прави тоа – односно е во камено доба на екологијата.