Стразбур ги спори смените и „интерпелациите“ во судството
Ниската доверба на јавноста во судството, според Советот на Европа, е резултат на мешањето на власта и на бизнисот во нивната работа
Парламентарното собрание на Советот на Европа објави мониторинг извештај за Македонија во кој предлага да се прекине редовното следење на состојбите во нашата држава, но по некоја година да се провери напредокот во неколку клучни области за кои Стразбур има многу забелешки – од изборните закони, состојбите во правосудството, состојбите со корупцијата, правата на малцинските групи и состојбата во затворите во земјата – што ја оценува како многу лоша.
По укинувањето на мониторингот за Бугарија, што беше дочекан со чудење кај нас поради многуте неисполнети пресуди на Судот за човекови права и внатрешните состојби во таа држава, Стразбур очигледно ѝ погледна низ прсти и на Македонија, бидејќи извештајот дава катастрофален приказ на состојбите во правосудството, влошувања место подобрувања и најави за нови реформи и закони – кои никако не се остваруваат.
Притоа, известувачите ја споменуваат и трагедијата во Кочани која според нив открила „многу недостатоци во противпожарната безбедност на ноќниот клуб, во кој речиси немало никакви мерки за противпожарна безбедност и немало соодветни излези во случај на пожар“.
„Ноќниот клуб официјално имал лиценца за сместување на 250 лица, додека на денот на трагедијата бил преполн со над 1.500 луѓе. Тешките прекршувања на безбедноста, наводно, биле познати и толерирани поради корупција и поткуп во институциите одговорни за спроведување на законот, што покажува системски проблеми во регулаторниот надзор. Истрагата што започна по трагедијата откри дека лиценцата на ноќниот клуб била нелегално издадена од Министерството за економија. Покрај тоа, според некои извештаи, на пожарникарите и медицинскиот персонал им требало подолго време отколку што е потребно за да пристигнат на местото на трагедијата. Ова покренува сериозни прашања за ефикасноста и подготвеноста за итни случаи на државните институции“, оценуваат известувачите на Стразбур.

Отакако посочуваат дека Македонија паднала дополнително на индексот на корупцијата минатата година, тие нагласуваат и еден куриозитетен факт – дека сега обвинетата и сменета претседателка на ДКСК додека била на функцијата не покренала „ниту еден случај“ за испитување на корупција, како дополнение на претходната констатација дека членовите на ова тело биле критикувани како наклонети на власта и дека не покажале проактивност.
Академијата за судии во вегетација
Друга шокантна констатација која ја покажува намерната ерозија на судството во Македонија е дека од 2020 година Академијата за судии и за јавни обвинители не примила нови кадри, иако има застрашувачки недостиг на судии и обвинители на сите нивоа во судството, а неколку градови немаат јавни обвинители.
„Тековниот процес на прием во Академијата за судии и обвинители, кој започна пред повеќе од две години со цел регрутирање на 130 практиканти, сè уште е во мирување од нејасни причини. За време на нашата посета на Скопје, ни беше кажано дека последното регрутирање за оваа академија се случило во 2020 година. Друг предизвик е доцнењето во одржувањето на изборите за повисоките судови. Овој проблем го засега дури и Врховниот суд, каде што се пополнети само 14 од 26 позиции“, стои во извештајот.
Покрај недостатокот на финансии и човечки ресурси, се забележува и недоволна меѓуинституционална координација и соработка, па се наведува примерот со Советот за следење на спроведувањето на Стратегијата за за развој на правосудниот сектор (2024-2028) , формиран во мај 2024 година, кој воопшто не се состанал во 2024 година, во 2025 година бил реструктуиран и се состанал за првпат дури на 10 септември истата година.

Нагласувајќи најпрво дека во земјата лани само 28% од општата популација и 26% од компаниите сметале дека нивото на независност на судовите и судиите е „прилично или многу добро“, Стразбур смета дека тоа е резултат на „мешањето и притисокот од владата и политичарите, како и мешањето или притисокот од економските или други специфични интереси“.
„Некои иницијативи преземени од владата за борба против корупцијата беа директно насочени кон судството (и, особено, Судскиот совет), што во некои случаи покрена сериозни загрижености во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на власта. Судиите и обвинителите се исто така предмет на зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување во медиумите и на интернет“, оценуваат известувачите на Стразбур.
Како илустрација и повод за политичка поларизација притоа го наведуваат судењето на четворицата поранешни функционери од ВМРО-ДМПНЕ за организирање насилен напад врз парламентот на 27 април 2017 година, кои беа ослободени повикувајќи се на Законот за амнестија од 2018 година. Се набројуваат и контроверзните промени во неговото претседателство и состав на Судскиот совет, па до последниот потег – гласањето во парламентот со кое не беше одобрен извештајот на Судскиот совет за 2023 година и кое
обезбеди правна основа за започнување дебата за нивно разрешување.
Незаконски интерпелации
„Последователно, владата предложи да се распуштат Судскиот совет и Советот на обвинители, а во март 2025 година, парламентот гласаше за ‘интерпелации’ против петте членови на Судскиот совет кои не се магистрати и кои беа избрани од парламентот. Причините наведени за интерпелациите беа нестручното извршување на должностите, што дополнително го еродираше веќе ниското ниво на јавна доверба во судството. Иако овие предлози не даваат законска основа за разрешување на членови на Судскиот совет, тие ефикасно претставуваат политички предлози за недоверба, што ризикува да ја поткопа легитимноста и независноста на членовите на Судскиот совет“, стои во извештајот на Парламентарното собрание, па се додава:
Во јуни 2025 година, Венецијанската комисија издаде мислење за нацрт-законот за Судскиот совет(на барање на министерот за правда) и даде голем број препораки, вклучително и отстранување на министерот за правда од Судскиот совет и разјаснување на постапката за избор на неговите членови од страна на парламентот, обезбедување дека изборот се базира на заслуги и разјаснување на основите за разрешување на неговите членови, претседателот и заменик-претседателот. „Владата, стои во извештајот, сè уште работи на овој нацрт-закон“.
Како „уште еден загрижувачки пример“ се споменува и постапката за разрешување на главниот обвинител Љупчо Коцевски, бидејќи се покажале „недостатоците во правилата за разрешување и ризикот од политизација“. Наспроти тоа, според Стразбур, корупцијата во јавниот сектор останува сериозен проблем, а нејзината перцепција меѓу експертите, граѓаните и бизнисите останува висока.
„Таа не се однесува само на високи функционери во политичката сфера, туку и на други сектори, а особено на јавното здравство, јавните набавки и затворите“, стои во извештајот.
Како пример, притоа, се наведува случајот со Државна лотарија во кој се обвинети осум поранешни високи функционери, вклучувајќи и поранешен вицепремиер, како и случајот со поранешниот раководител на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, кој беше уапсен под обвинение за корупција по четири основи: примање мито, фалсификување службени документи, проневера и небрежност при работа.
И во овој извештај, како што се очекуваше, се нагласува контроверзната измена на Кривичниот законик од претходната влада (со премолчена поддршка од ВМРО-ДПМНЕ) која според Стразбур довела до прекинување на голем број случаи против поранешни и сегашни владини функционери, бидејќи казните биле отстранети или намалени, а рокот за застарување истекол.
„Ова, исто така, доведе до зголемување на правната несигурност и неказнивоста. Нема официјална статистика за влијанието на овој амандман врз случаите на корупција, но сепак, за време на нашата посета на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ни беше кажано дека по промените во Кривичниот законик во врска со делото ‘злоупотреба на службена должност’, во 2023 година, 11 обвиненија биле повлечени, 5 преквалификувани, а во 10 случаи постапките биле прекинати поради застарување. Податоците за 2024 година сè уште се прибираат“, стои во оценката.
Неказнивоста голем проблем
Како и Брисел, и Стразбур гледа голем проблем во неказнивоста:
„И покрај неодамнешните напори за истражување и гонење на корупцијата, одложувањата во судските постапки и ограничените ресурси продолжуваат да го спречуваат развојот на силна евиденција во случаите на корупција на високо ниво. Ваквите случаи честопати се соочуваат со одложувања или резултираат со минимални казни и ретко резултираат со конечни пресуди… За време на нашата посета, властите нè информираа дека Министерството за правда подготвува измени на постојниот Кривичен законик, со цел да се справи со негативното влијание на промените направени во септември 2023 година. Сепак, ваквите измени на Кривичниот законик нема да бидат ретроактивни и нема да обезбедат повторно започнување на прекинатите истраги и постапки.
Министерството за правда работи на сеопфатен нов Кривичен законик, кој ќе ја модернизира казнената политика и ќе се справи со организираниот криминал и корупцијата, кој треба да го усвои парламентот до декември 2025 година. Исто така, планира да подготви нов Закон за кривична постапка, кој би се фокусирал на области како што се конфискација, замрзнување на средства, електронски докази, финансиски истраги, посебни истражни мерки, притвор и жалбен процес“, наведува Стразбур во извештајот објавен деновиве, но очигледно напишан пред да стане јасно дека и ова ветување на Владата нема да се оствари, бидејќи место закон поднесоа измени, а за тоа кога ќе дојде новиот Кривичен закон – има само временски поместувања.
Корупцијатата, според Стразбур, е присутна не само во владата, туку и во затворите, при што корупцијата на пресоналот во „Идризово“ се оценува како „ендемска“, па се повикува на реформа.
„Иако има екои подобрувања во затворите во Скопје, Штип и Прилеп, ситуацијата во затворот ‘Идризово’ остана алармантна поради физичко малтретирање од страна на персоналот и продолжена изолација на предизвикувачките затвореници, високо ниво на насилство меѓу затворениците, нехигиенски и небезбедни услови и сеприсутната корупција и фаворизирање на персоналот. Обезбедувањето здравствена заштита е несоодветно и стратешката реформа на затворскиот систем треба да се фокусира на искоренување на корупцијата меѓу персоналот и професионализација на управувањето со затворите преку транспарентни, засновани на заслуги и деполитизирани назначувања.
Во 2021 година, Комитетот за тортура (КПТ) ги оцени деловите од затворот како нехумани, пренатрупани и нехигиенски. Постојаното постоење на неказнивост за тортура и друго малтретирање е олеснето од недоволно финансираниот Национален превентивен механизам, недоволната обука и истраги, како и неуспехот да се спроведе независен систем за надзор на чуварите и полицијата“, стои во извештајот.
Стразбур има забелешки и околу работата на нашиот парламент при што стои дека тој е „под влијание на политичката поларизација, што резултира со одложувања и честа, понекогаш несоодветна, употреба на забрзани законодавни процедури“. Според оценката, поради интензивните поделби, предизвик е планирањето на донесувањето на законите.
„Опструкцијата на парламентарните активности, честопати поради недостаток на дијалог, ги одложи назначувањата на клучни позиции во независните институции, вклучувајќи ги судиите во Уставниот суд, замениците на народниот правобранител и членовите на Програмскиот совет на Јавниот радиодифузен сервис и Советот на АВМУ. Кандидатите избрани од парламентарната комисија за прашања на изборите и именувањата честопати немаа релевантно професионално искуство или не ги исполнуваа квалификациските критериуми, што предизвика загриженост во врска со изборот врз основа на заслуги“, стои во оценката на Стразбур.
Немање напредок се констатира и во реформирањето на локалната самоуправа, при што се констатира дека поради одложувањето на процесот на децентрализација многу општини се соочуваат со економски проблеми кои влијаат на квалитетот на нивните услуги.
За медиумите стои дека се длабоко поларизирани по политички линии, при што приватните медиуми често се поврзани со политички или деловни интереси кои влијаат на нивната содржина, иако има „неколку критички и независни медиуми, првенствено онлајн“.
Многу сериозни заостанувања Стразбур регистрира околу запрените реформи во изборното законодавство и политичките излети околу нив пред последните избори, особено за учеството на независните кандидати и рекламирањето.
„Иако законската рамка останува погодна за одржување демократски избори, остануваат многу празнини и недоследности, што ја прави понатамошната реформа неопходна. Голем број клучни препораки дадени од Венецијанската комисија и ОДИХР остануваат неспроведени. Некои важни области како што се правилата за кампања, пристапот до медиумите и распределбата на државното финансирање не се регулирани, поткопувајќи го клучниот принцип на правна сигурност, поради што е потребна ревизија на Изборниот законик.
Во однос на финансирањето на кампањата на последните избори, методот за распределба на државните средства за кампањи и медиумско време ги стави во неповолна положба помалите партии и оние без никаква застапеност во парламентот. Во исто време, транспарентноста и отчетноста на финансиите на кампањата беа ослабени од минималните барања за известување за финансирање на кампањата, како и ограничените ресурси и капацитети што им се дадени на надзорните тела. Затоа, потребно е да се донесат мерки за зголемување на транспарентноста на финансирањето на партиите и кампањите, а прописите за распределба на платени политички реклами треба да се ревидираат“, оценуваат известувачите. Ова не е ни ново ни непознато, но нема политичка волја кај партиите да ја сменат состојбата која сега од политиката им направи „дуќан“.
Изборни реформи без дијалог
Стразбур остро забележува и на манирот изборните реформи да се прават во последен момент, ненавремено, набрзина и без дијалог.
„Загрижувачко е што Изборниот законик беше изменет непосредно пред последните избори преку забрзан процес и без јавни консултации, спротивно на меѓународните стандарди, и покрај претходните критики на ОДИХР за претходните слични практики. Изборното законодавство треба сеопфатно да се разгледа за да се решат недоследностите навремено, инклузивно и транспарентно, преку инклузивни консултации“, оценува Стразбур.
Притоа се наведува дека за време на нивната посета известувачите биле информирани дека владата подготвува нов изборен закон и планира да ги реформира правилата што се однесуваат на гласањето на дијаспората, односно да воведе една изборна единица и практично да овозможи да го надмине изборниот праг, да го укине ограничувањето од три места и евентуално да се дозволи гласање по пошта.
„Беше објавено дека министерот за правда ќе предложи широка, опсежна и длабинска ревизија на целиот Изборен законик, во согласност со препораките и забелешките на ОДИХР“, стои во извештајот – за уште една најава за која со години се зборува, а не се случува.
Стразбур најде и одредени постигнувања поради што препорача да се укине редовниот пост-мониторинг на Македонија. Притоа се споменува дека 14 од 19 препораки на ГРЕКО за справување со корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите се спроведени „задоволително или се обработени на задоволителен начин, четири препораки се делумно спроведени и една препорака (во врска со отстранување на министерот за правда од Судскиот совет) не е спроведена“.
Во однос на членовите на парламентот, ГРЕКО забележал напредок во поедноставувањето на Етичкиот кодекс за пратениците и во развојот на програма за обука за негово спроведување и други мерки за подигање на свеста. Сепак, Стразбур жали за недостатокот на напредок во системот за санкционирање предвиден во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Она што е интересно исто така е дека во извештајот се споменува спорот со Бугарија во рамките на заштитата на малцинствата. Притоа се потсетува дека „Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (ACFC) ја пофалил земјата за значаен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особеново областа на антидискриминацијата и употребата на албанскиот јазик… иако практичната имплементација на законодавството и политиките за националните малцинства сè уште треба да се подобрат“.
„За време на нашата посета на Скопје, разговаравме главно за состојбата на албанското и бугарското малцинство. Во однос на првото, беа изразени загрижености за можните последици од пресудата на Уставниот суд со која се укинува механизмот ‘Балансер’, со што се доведува во прашање Охридскиот рамковен договор. На крајот на јуни 2025 година, владата финализираше нов Закон за фер и соодветна застапеност, кој предвидува дека составот на јавните институции треба да го одразува етничкиот состав на населението. Според властите ‘Балансерот’ повеќе не ги исполнува целите, бидејќи процентот во формулата не ги одразува податоците од пописот за резидентното население. Паралелните процедури за вработување дизајнирани да го зголемат вработувањето на малцинствата во јавниот сектор, во пракса, можат да ги поткопаат принципите на заслуги, ефективност и фер застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработени за да ги задоволат нивните потреби во согласност со барањата за правична застапеност. Друго прашање на несогласување е примената на Законот за употреба на службените јазици од 2019 година, во кој се наведува дека албанскиот јазик е втор службен јазик, а прашањето за неговата уставност сè уште не е решено од Уставниот суд“’, стои во извештајот.
Потоа се споменуваат Бугарите:
„Ситуацијата на бугарското малцинство, кое не е официјално признаено во Уставот и
законодавството, влијае на преговорите на државата Северна Македонија за нејзино пристапување кон ЕУ. Официјално има околу 3.500 етнички Бугари. Според извештајот на ЕКРИ од 2023 година, тие понекогаш се жртви на говор на омраза, се етикетираат како ‘фашисти’ и се физички напаѓани. Извештајот на ЕКРИ се однесува на палеж врз Бугарскиот културен центар ‘Иван Михајлов’ во Битолa на 4 јуни 2022 година и нападот врз секретарот на Бугарскиот културен клуб ‘Цар Борис III’ во Охрид на 19 јануари 2023 година. На 2 ноември 2022 година, парламентот го измени Законот за фондации и здруженија со цел да се поништи законската регистрација на етничките бугарски организации, што покрена неколку правни прашања, вклучително и прашањето за ретроактивна примена на новите одредби. Иако ЕКРИ е свесна за контроверзиите околу употребата на имињата на Иван Михајлов и цар Борис III, препорача ‘властите да продолжат да заземаат силен јавен став осудувајќи ги сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или нивните организации, како и да обезбедат властите на локално ниво да го сторат истото. Исто така, во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од откажување на регистрацијата или распуштање на здруженија на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат, промовираат, шират или оправдуваат насилство, омраза или дискриминација“, стои во извештајот.

Иако Стразбур нема ништо со процесот на евроинтеграција, во извештајот се изразува жалење што измените со кои Бугарите ќе се внесат во уставот и ќе и се отвори пат на Македонија за ЕУ, сѐ уште не се реализирани. Притоа се пренесува ставот на властите и други парламентарни групи што се на иста линија дека „таквиот амандман може да се усвои само под услов да стапи во сила откако Северна Македонија ќе се приклучи на Европската унија“.
Она што е интересно е дека Стразбур, наспроти Брисел, смета дека пристапувањето на земјата во Европската унија сè уште се одложува поради спор не само околу амандманите туку „околу историјата, јазикот и културата“.
Во извештајот стои и барањето да се отворат архивите на тајните служби во Македонија, по барање на поранешната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која испратила писма до премиерите на земјите-членки на Советот на Европа во регионот и препорачала конкретни чекори што треба да се преземат за справување со нивното насилно минато и порешително движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Во своето писмо до премиерот на Северна Македонија, иако признава дека конфликтот во оваа земја е од многу помал обем отколку во некои од другите земји во регионот, таа сепак ги поканила властите да преземат конкретни чекори за подобрување на почитувањето на правата на жртвите, справување со минатите поплаки и социјалната кохезија (како што е укинување на автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година; истражување на досиејата што беа префрлени од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија на домашните судови; и реформирање на образовниот
систем).
Околу заштитата на животната средина стои дека три града во земјата – Скопје, Битола и Тетово – редовно ги надминуваат безбедните нивоа на загадувачки честички присутни во воздухот и се рангирани меѓу 10-те најзагадени градови во Европа, а понекогаш и во светот.
„Според Европската агенција за животна средина, секоја година околу 3.600 луѓе во земјата умираат предвреме поради загадување на воздухот… Иако ја признава силната правна и политичка рамка на Северна Македонија и меѓународните обврски, вклучително и уставното признавање на правото на здрава животна средина, лошата имплементација негативно влијае врз здравјето и човековите права“, стои во забелешката, со препорака судовите да добијат овластување да решаваат прекршувања на човековите права во животната средина и да се поддржат бранителите на човековите права во животната средина, вклучително и преку пристап до финансирање и заштитни мерки против SLAPPs.