Странските компании ги мачи цената на енергентите и инфлацијата, но и бирократијата и лошата инфраструктура

Ако лани 75 отсто (или три од четири компании) изразиле спремност повторно да инвестираат во земјава, сега тој процент е намален на 52 отсто, или на две од четири компании, покажа анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство


 

Околу 30 отсто од странските компании во земјава очекуваат помали нето приходи во последниот квартал годинава во однос на истиот период лани, како резултат на економската криза, а 12 отсто од нив, поради намалениот обем на работа би можеле и да посегнат по најнепопуларната мерка – да го намалат бројот на вработени. Ова го покажа анкетата која што беше спроведена од страна на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комора на Македонија која што беше презентирана денеска во Скопје. Како главен проблем, очекувано, беа трошоците за енергенти, но анкетата покажа дека странските компании во земјава се повеќе се соочуваат и со недостиг на соодветни кадри, бирократијата и непочитување на процедурите, правната неизвесност, често менување на регулативата, владеење на правото… Исто така, како проблеми се инфраструктурата, грижата за корисници, нејаснотиите во доделувањето државна помош и тн.

Посочените слабости и недостатоци резултира и со помал број на заинтересирани компании кои повторно би инвестирале во земјава. Ако лани со претходната анкета 75 отсто (или три од четири компании) изразиле спремност повторно да инвестираат, сега тој процент е намален на 52 отсто, или на две од четири анкетирани компании, истакна Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата, кој заедно со потпретседателот на Асоцијацијата, Ѓорѓи Тренковски, ги презентираа резултатите од анкетата.

Сепак, според очекувањата за приходите споредено со планираните, резултатите се поурамнотежени – 41 процент од компаниите сметаат дека ќе имаат зголемени приходи во однос на планираното, а 36 проценти помали приходи од планираното.

Како најсериозни ризици за наредната година се посочуваат инфлацијата и цената на енергентите, што ќе влијае како компаниите ќе работат идната година. Повеќе  од половина од компаниите сметаат дека инфлацијата кај нас ќе расте и дека се уште не сме стигнале до врвот.

Во однос на трошоците за електрична енергија и енергенси, кај 40 проценти од анкетираните компании се зголемени трошоците за електрична енергија од 300 до 500 проценти или од три до пет пати, од 100 до 300 проценти зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 отсто од компаниите и до 100 проценти се зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 отсто од анкетираните компании.

Една четвртина или 25 отсто од компаниите опфатени со анкетата, не се задоволни од инфраструктурата во местото каде ја вршат дејноста, 30 отсто се задоволни, а 45 проценти дале неутрален одговор.

„Постои влошување на незадоволството во однос на минатата година, кога изнесуваше 10 проценти. Шеесет и пет проценти рекле дека се уште имаат потреба од решавање на инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Дополнителни барања за услуги 55 отсто од компаниите би сакале дополнителни инфраструктурни услуги“, рече Мизо, посочувајќи дека 79 отсто од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила.

„Компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство – 63 проценти, во други компании во земјата – 10 проценти, а за останатите флуктацијата е во разумни рамки“, рече Мизо.

Иако инфлацијата е еден од проблемите што е на врвот на листата, сепак, според резултатите од анкетата, сите анкетирани компании ги имаат зголемено платите во 2022 година, најчесто од 10 до 20 проценти. Според Мизо, причини за зголемување на платите се инфлацијата и зголемени трошоци за живот, но и конкуренцијата и намалена понуда на работна сила на пазарот на труд,  и зголемувањето на ефикасноста и мотивацијата на вработените.

Инаку, во Асоцијацијата на странски компании членуваат 34 фирми од кои 20 се меѓу најголемите 50 извозници во земјава, а 24 се на листата 100 најголеми извозници за 2021 година. Тие вкупно вработувале околу 30 илјади лица на крајот на минатата година.

Анкетата била спроведена во периодот од 20 ноември до 10 декември годинава и во неа учествувале (односно пратиле одговори) 76 отсто од членките на Асоцијацијата или 26 компании , за прашања кои се однесувале на инфраструктурата, трошоците за увоз и извоз, државната помош и за грижата за корисници. Компаниите претежно се од автомобилската индустрија, но ги има и од други дејности, како медицински помагала и тн. Исто така, дел од нив дејноста ја спроведуваат во ТИРЗ, а дел надвор од зоните. Во сите нив кои испратиле одговори во моментов има 28.641 вработени, а на крајот на минатата година тие имале приходи од вкупно 2,9 милијарди евра и 1 милијарда инвестиции.

Овие податоци ја потенцираат валидноста на анкетата, како и потребата пораките од неа да се земат сериозно во предвид, беше посочено на презентацијата, на која присуствуваа и претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава, како и од германската и од американската амбасада, од каде што се и најголемиот број инвеститори.

Мизо, меѓу другото рече дека како асоцијација изминатиот период од повеќе од три години имаат континуирана комуникација со Владата односно со економскиот тим каде што даваат континуирано забелешки на кој начин и како некои работи треба да се подобрат.

„Тука, прво нешто што е поврзано со анкетата, побаравме да има олеснување на постапките за поставување фотонапонски централи, надвор од Технолошко индустриските развојни зони од над 1 мегават на кровните конструкции. Некои од компаниите имаат погони кои се 20, 30 или 50 илјади метри квадратни“, рече Мизо, додавајќи дека дополнително, на компаниите во ТИРЗ, не им е дозволена продажба на вишоците на струја.

Исто така, едно од прашањата е државната помош и унифицираноста на сите процеси помеѓу институциите даватели на државна помош.

„Нема унифициран начин што е реален оправдан инвестициски трошок и во моментов тоа не е  според меѓународните сметководствени стандарди, но и стандарди за оправдан трошок. Ние бараме да има унифицираност на сите даватели и ова е нешто што ЕУ ќе го поздрави бидејќи државната помош таму е многу важна и специфична тема“, посочи Мизо.

Еден од проблемите е и состојбите со квалитетот со работната сила.

„Сите знаете дека повеќе од 10 години во државата се спроведува процес на стипендирање на млади кои бидат примени на еден од 100 те најдобри универзитети во светот, кои по завршените додипломски или постдипломски студии имаат обврска да работат во државата. На последниот состанок, на почетокот на октомври побаравме од владата ни се даде листа на сите завршени кадри, посебно од техничките факултети. Тие можеби не се соодветни да работат во државна служба, но кај нас како странски компании зошто да не ги искористиме тие кадри. Сега е крајот на декември, но се уште таа листа не ја имаме добиено, иако сметаме дека е нешто релативно лесно што може да се даде“, рече Мизо.

Од Асоцијацијата исто така имаат забелешки и на грижата потоа (афтеркеар системот) која е оптоварена со непотребна бирократија. Странските компании посочуваат дека е неопходна професионализација на сите оние институции, агенции и тела кои се поврзани со странските инвеститори.

„Тука можам да го кажам примерот на агенциите во Ирска, Унгарија, во Чешка, како можеби три најдобри земји кои имаат висок степен не само на привлечени странски инвестиции, туку и на целиот процес на грижата потоа. Дури и во Србија, нивната Развојна агенција (РАС), начинот на кој тие тоа го прават, каде што има луѓе кои што се професионалци и кои работат во тие институции повеќе од 15 години и се експерти за одредени дејности и  сектори. Сметаме дека таа професионализација е неопходна и кај нас“, рече Мизо.

Најважните пет работи на кои според Анкетата треба да се фокусира државата во наредниот период се подобрување на инфраструктурата, истовремено и навремено исполнување на договорните и законските обврски кои се преземени од институциите , потоа усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за држава помош, намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ, дополнително усогласување на царинските увозни стапки, како и нешто што е болка 15-тина години кај нас, а се однесува на олеснување и поедноставување на правилата и постапките  за престој и работа на странски државјани кои се неопходни во процесите на компаниите.