Странските инвеститори кај Битиќи за плановите на Владата на краток, среден и долг рок
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи попладнево реализира работна средба со управниот одбор на Советот на странски инвеститори, на која било дискутирано за предизвиците со кои се соочуваат странските компании, актуелната економска ситуација, но и плановите на Владата на краток, среден и долг рок.
Тој истакна дека Владата во првите недели од конституирањето реализирала серија на средби со сите релевантни учесници во економскиот живот, од консултативен карактер, првично да се слушнат предизвиците и предлог решенијата за нивно надминување од бизнис заедницата, работниците и научната јавност, во насока на креирање на сеопфатен и ефективен сет на мерки со кои ќе се овозможи поддршка на оние, на коишто таа им е најпотребна.
-Битиќи се осврна и на плановите на Владата, на среден и долг рок, кои предвидуваат создавање на Платформа за економски развој, која ќе овозможи пред сè побрз и одржлив раст на економијата, но и предвидливост и сигурност за странските и домашните инвеститори. Креирање на уште поповолна бизнис клима, преку консултации за секоја поважна промена која би можела да има влијание на деловните активности, борба против корупцијата и криминалот и сузбивање на сивата економија се само дел од темите за кои во периодот кој следи, ќе се создаде широк фронт на активности, кој ќе бара тесна соработка помеѓу сите страни во економското живеење, велат од неговиот кабинет.
Токму во таа насока биле и клучните барања на Советот на странски инвеститори кои ги презентираше претседателот и извршен директор на ЕВН, Штефан Петер.
-На крајот на средбата вицепремиерот Битиќи и членовите на управниот одбор на Советот на странски инвеститори, го потврдија заедничкиот интерес и желба за отворен дијалог и партнерски однос на чинителите во економијата, пред сè за излез од кризата предизвикана од КОВИД-19, но и создавање на развојна одржлива економија, соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот.