Странски пратеници на средба со Вучиќ, тој вели – нема признавање на Косово


 

Нема да има признавање на Косово, објави српскиот претседател Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил, додека продолжува неговата средба со претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак и личните претставници на лидерите претставниците на Франција и Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер.

„Во моментов разговарам со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, и со советниците за надворешна и безбедносна политика на Германија и Франција, Јенс Плетнер и Емануел Бон, најави Вучиќ.

Секогаш подготвен за компромисни решенија, во согласност со Уставот на Србија и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Нема предавање! Да живее Србија“, порача Вучиќ.

Лајчак и советниците на германскиот претседател Олаф Шолц и Емануел Макрон утрото разговарале со премиерот на Косово Албин Курти за тоа како понатаму во дијалогот, но не навеле детали од разговорот.

„Разговаравме за дијалог и како да се придвижи процесот. Тоа беше исцрпна и важна дискусија, а верувам дека разбирате дека не можеме да даваме детали, бидејќи денеска ќе ги имаме истите разговори со претседателот на Србија, Александар Вучиќ“, рече Лајчак во текот на утрото.

Пред пет дена Макрон и Шолц му пишаа на Вучиќ во, како што рекоа, клучен момент за безбедноста во Европа и стабилноста во регионот. Тие апелираа шефот на државата „да покаже подготвеност за донесување тешки одлуки во продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина“, а ги задолжија своите советници Јенс Плетнер и Емануел Бон да му помогнат на европскиот посредник за дијалогот Мирослав Лајчак во тој процес.

„Убедени сме дека, во светлината на руската агресија врз Украина, мора да направиме уште посилни напори за да ја направиме европската перспектива на земјите од Западен Балкан реалност и да ги решиме долгорочните билатерални и регионални спорови. Неодамнешните тензии покажаа дека итно се потребни конструктивни чекори напред, и на практично и на политичко ниво“, велат тие.

И косовскиот премиер Абин Курти доби писмо со иста содржина од Макрон и Шолц.