Стотина групи за заштита на човековите права повикаа на ембарго на ОН за Мјанмар

Повеќе од 100 организации за заштита на правата на човекот повикаа на глобално ембарго за оружје во Мјанмар, како одговор на воениот удар и притворањето на демократски избраните лидери на земјата, што предизвика секојдневни протести низ земјата, јави ДПА.
Лидерот на воениот удар, генералот Мин Аунг Хлаинг, власта насилно ја презеде на 1 февруари и ги приведе премиерката Аунг Сан Су Чи и претседателот Вин Маинт, појаснува ДПА.
Во денеска објавеното отворено писмо потписниците, вклучувајќи ги Хјуман рајтс воч, Глобален сведок и Институтот за азиска демократија, го повикуваат Советот за безбедност на Обединетите нации и членките на ОН да воведат координирано, глобално ембарго за оружје.
„Секоја продажба или трансфер на воена опрема поврзана со Мјанмар може да обезбеди средства за натамошна репресија врз луѓето во Мјанмар, кршејќи го меѓународниот закон за хуманитарни и човекови права“, се наведува во писмото на организациите.
„Со децении има несоодветен одговор на Советот за безбедност на злосторствата од безбедносните сили на Мјанмар, со што војската се поттикнуваше да продолжи со злоупотребите, без страв од сериозни последици. Сегашната криза бара промена на курсот“.
Активистите во понеделникот повикаа на генерален штрајк, откако огромна толпа луѓе ги преплави градовите и населените места низ целата земја и покрај заканите со насилство од новиот режим.