Стопанска комора: Изборите најмалку пет месеци ќе ја блокираат економијата
Претстојните избори ќе ја блокираат домашната економска активност најмалку пет месеци. И оние малку пари што доаѓаа од државниот буџет кон стопанството, ќе бидат ставени под знак прашање. Фондовите ќе бидат практично нефункционални барем до јуни 2024. Притоа, најзагрозени ќе бидат микро, малите и средните претпријатија (ММСП). Кај нив ваквата ситуација се одразува драматично. Тие вработуваат многу луѓе, од нив зависат многу судбини, треба да поделат плата. Не можат да издржат блокади од 100 дена, плус избори, плус формирање влада и плус почеток на нејзино функционирање. Тоа би значело повеќе од пола година нефункционална држава, реагира бизнисот.
Како што рече денеска извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, државата секогаш треба да има механизми кои ќе и овозможат на економијата да пребродува периоди какви што се изборните. Негова оценка е дека домашната економија издржува само зашто направи големо пренасочување на активностите кон надвор, па значаен дел од извозот денес ги спасува стабилноста на денарот и функционалноста на компаниите.
Навредливо е, потенцира Пешев, она што се случува во комуникацијата со владејачките гарнитури низ годините – едно зборуваат на средбите со реалниот сектор и „климаат со глава“, а прават нешто сосема друго.
Тој укажа дека во земјава најмногу се поддржува администрацијата и дека се мисли за стандардот на луѓето зашто се гласачи, додека економијата е оставена на страна и многу долго време сама на себе, без фокус како да и се помогне.
Пешев им порача на политичките партии дека е редно да седнат и да се договорат – кади оди државата.
Според Комората, мора да се промени матрицата и да се разбере дека партиите и политичарите не се најбитни, туку дека е најважна економијата.
-Оваа, 2024-та, е година на двојни избори. Ќе имаме скоро повеќе од пет месеци блокиран процес на економска активност. Владата ќе биде во поприлично рестриктирана состојба да влијае врз економијата и она малку пари што доаѓаа од државниот буџет кон економијата ќе бидат ставени под знак прашање. Цениме дека ова е вистински момент да почнеме сериозно да говориме за економијата и за потребата државата да се врати назад на вистинскиот фокус, а тоа е дека без економска активност, без бизнис, без стопанство, не може да постои. Државата не може да постои само со постоење на администрација, со кратење на државниот буџет и фондовите од буџетот, не може да функционира во смисла „ќе ја оставиме економијата, па кој преживее – преживее“. Кај нас особено се поддржува администрацијата, за која перманентно говориме дека е премногу непотребна, дека го товари државниот буџет, дека ги товари компаниите. Се мисли за стандардот на луѓето зашто тоа се гласачи, а економијата е ставена на страна – таа треба да преживува во кои било услови и мислиме дека во тој сегмент државата сите овие години направи навистина малку. Постојано велиме дека македонската економија е жилава, дека успева да се справи со сите проблеми, меѓутоа навистина е навредливо она што ни се случува сите овие години. Навредлива е особено комуникацијата со владејачките гарнитури, не говорам само за последната, во серија владејачки гарнитури – овде говорат едно, а низ годините и низ владеењето се случува нешто сосема друго, истакна Пешев.
Партиите кои претендираат да дојдат на власт, потенцира Пешев, треба да имаат фокус на бизнисот глобално.
-Апсолутниот износ на трошоци за изборите и покрај тоа што е значајна сума, е безначаен во делот на нефункционалноста на економскиот систем. Имаме 100 дена полувлада или влада која се блокира самата себе, која нема можност да носи ниту економски одлуки, потоа имаме изборен процес во кој не смее да троши, не смее да работи, а знаеме дека државата е голем финансиер на дел од економијата – фондови, тие фондови ќе бидат блокирани барем до шести месец годинава и останува она што е најважно и за кое ние како Комора многу посветуваме значење, дека нашата економија издржува само зашто изминативе години имаше големо пренасочување на активностите кон надвор. Значаен дел од извозот денеска ги спасува и стабилноста на денарот и функционалноста на компаниите. Не случајно Комората сака да помогне што е можно повеќе компании да работат за извоз, да не зависат од моменталните случувања во државата кои особено во сегментот на мали, микро и средни претпријатија се одразуваат драматично. Затоа цениме дека таму се штетите и тие може да бидат поголеми од апсолутниот износ колку што ќе им се даде на партиите во процесот на избори. Ќе имаме промена или ќе имаме старо-нова влада, ќе видиме што ќе се случува, но, во секој случај, ќе имаме ситуација во која политичките партии ќе треба да седнат ида се договорат за тоа каде оди оваа држава генерално, рече извршниот директор на Стопанската комора.
Тој констатира и дека економската активност замира.
-Економската активност е можеби и веќе замрена. Со почетокот на оваа година Владата ќе влезе во некаков си блокирачки режим, едни со други ќе се блокираат, тоа сме го имале како искуство. Не знам дали сакаат да слушаат. Имаме некакви решенија, но се испостави дека кога говориме ние, сите климаат со глава, а кога треба да спроведат, како да не сме се договориле. И тоа е она што не фрустрира. Меѓутоа, Стопанската комора мора тоа да го работи, компаниите мора да продолжат да работат во интерес на државата. Не се сите дел од администрацијата па државата од буџет да ги плаќа. Ние мораме нашите пари да ги створиме, мораме да ги направиме во сопствените компании и мораме да ги најдеме платите таму. Мислам дека многу долго време нашата економија е оставена сама на себе без фокус на тоа како да и се помогне. Нема „перпетум мобиле“ економија, државата ќе ги дава парите на администрацијата, администрацијата ќе купува во продавници и од тоа ќе се пресметува ДДВ, а ДДВ-то ќе го полни буџетот. Тоа не функционира. Тоа е круг кој ќе трае многу кратко. Ако не се создава нова вредност, ако не функционира економијата, ако не се става нова вредност, ништо не е употребливо, истакна Пешев.
Според претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија, Габриела Кулебанова, во нашата држава акцентот е ставен на политиката, а потоа на се останато, но тоа треба да се смени зашто политичарите и политиката не се најбитни, како што рече, туку најважна е економијата. Таа се осврна и на потребата од „вистински статистички податоци“ кои засега, нагласи, не постојат. Потсети и дека бизнисот бара регистар како единствениот регистар за населението.
-Имаме година на избори. Не очекуваме дека ќе биде лесно, ќе мора многу повеќе сами да се поддржиме. Независно која политичка партија е на власт, ќе вршиме силен притисок за да се намалат трошењата на партиите во рамки на институциите, за да се намалат административните трошоци, а ќе бараме и подобро поле за работа. Инаку, како бизнис заедница, секогаш сме барале вистински статистички податоци кои што ги немаме и бараме регистар од каде ќе црпат податоци сите институции, да не играат „пинг-понг“ меѓу себе за да ги пренесат своите податоци од една кон друга институција. Треба да имаме, секој како што има матичен број, социјален број и во АВРМ и во УЈП – регистар што ќе се користи секаде за да ги смалиме манипулациите во рамки на државата токму заради сите анализи што се прават. За да направиме анализа, ни требаат вистински точни податоци. Не можеме да ја направиме анализата правилно и да ја насочиме онаму каде што треба. Тоа е потенцирано од нас во рамки на Националната развојна стратегија да се имплементира во еден единствен регистар како за население, така и за компаниите, подвлече Кулебанова.