Стопанска банка со добивка од 9,2 милиони евра во првите три месеци годинава


Стопанска банка АД – Скопје во првите три месеци од годинава оствари добивка пред оданочување во износ од 566.310.000 денари, или околу 9,2 милиони евра, покажува неревидираниот биланс на банката доставен до Македонската берза. Во споредба со истиот период од претходната година, односно пред КОВИД-19, се забележува намалување од 7 отсто, што е последица на пандемијата и, пред сè, резултат на прудентниот пристап на Банката и на повисоката исправка на вредноста за кредитното портфолио во однос на истиот период од минатата година.

Во Анализата на финансиските резултати на банката за перидот од 1.1.2021 – 31.3.2021 година, се вели дека резултатите во првиот квартал годинава претставуваат континуитет на долгогодишното успешно работење на Банката и на здравите фундаменти врз кои е поставена, заедно со успешниот бизнис модел, кој ефикасно се остварува во секојдневното работење.

Притоа, вкупната актива на банката на 31.3.2021 година изнесуваше 106.284.545.000 денари (околу 1,72 милијарди евра) и е на исто ниво во однос на крајот на минатата година.
Во Анализата на финансиските резултати исто така се претставени одделните позиции од билансот на успех и од билансот на состојба на Банката.
Биланс на успех
Нето-приходите од камати изнесуваат 918.985.000 денари и се незначително намалени, за 1 отсто во однос на истиот период од минатата година, пред сè како резултат на намалените каматни стапки.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 203.390.000 денари и се
зголемени за 9 отсто во однос на првиот квартал од 2020 година.
Нето-приходите од курсни разлики се речиси на исто ниво во однос на истиот период од минатата година и изнесуваат 29.850.000 денари.
Останатите приходи од дејноста забележаа зголемување од 9 отсто и изнесуваат 86.163.000 денари.
Оперативните трошоци (трошоци за вработени, амортизација и други расходи) во првиот квартал од годината изнесуваат 434.507.000 денари и се пониски за 1 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Исправката на вредноста на финансиските средства изнесува 240.618.000 денари и е
поголема за 35 отсто, односно 62.877.000 денари во однос на анализираниот период од минатата година. Ова е резултат на прудентниот пристап на Банката во однос на исправката на вредноста за кредитното портфолио во услови на криза предизвикана од КОВИД-19 и влијае на натамошно засилување на нејзината веќе изградена силна капитална позиција.

Биланс на состојба
Вкупната актива изнесува 106.284.545.000 денари и е на исто ниво во однос на крајот на минатата година.
Паричните средства и парични еквиваленти во споредба со крајот на 2020 година се
пониски за 818.200.000 денари, односно за 5 отсто, како резултат на употреба на овие
средства во кредитен пораст и зголемување на портфолиото на хартии од вредност.
Кредитите на и побарувања од други комитенти остварија пораст од 1 отсто во услови на пандемија и изнесуваат 71.940.468.000 денари.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 234.248.000 денари и бележат
зголемување од 4 отсто.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 14.895.755.000 денари, што претставува зголемување од 1 отсто во однос на минатата година.
Останатите побарувања се на исто ниво и изнесуваат 1.482.779.000 денари.
Вкупните депозити на други комитенти се на исто ниво во однос на крајот на 2020 година, кога вообичаено нивото на депозити е највисоко поради исплатите на плати и на пензии пред престојните новогодишни празници и изнесуваат 86.303.853.000 денари, додека во споредба со крајот на истиот квартал од минатата година, вкупните депозити остварија пораст од 3.802.460.000 денари, односно 4,6 отсто.
Капиталот и резервите изнесуваат 17.889.800.000 денари, што претставува зголемување за 3 отсто во однос на крајот на 2020 година, стои, меѓу другото, во Анализата на финансиските разултати.

Во однос на очекувањата за претстојниот период, од Стопанска банка нагласуваат дека во согласност со објавените макроекономски проекции од страна на надлежните институции за раст на БДП (од 3,5 до 4 отсто), за буџетскиот дефицит (проектиран на  4,9 отсто), јавниот долг, како и проекцијата на НБРСМ за 2021 година за кредитен и депозитен пораст од околу 6 отсто, предвидувањата на банката, како банка со најголема капитална основа и со најголемо кредитно портфолио во земјата, се да се движи во линија на порастот на пазарот, со очекување да го зголеми пазарното учество во корпоративниот сектор, да го задржи водечкото пазарно учество во секторот на население, со понуда на услови и на цени што се во согласност со конкуренцијата, притоа почитувајќи ги принципите за прудентно работење во својата кредитна политика.
Во делот на депозитното работење, банката планира задржување на конкурентските услови и понуда на депозити што ќе ги следат потребите на клиентите, како и осовременување на начинот на комуникација со клиентите во овој сегмент.
Како и досега, надградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Секако, грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите останува да биде примарен фокус на менаџментот, како и во досегашниот период, велат од Стопанска банка – Скопје.