Стоп за Вардариште предводеше река луѓе на вечерашниот протест (видео)


На вечерашниот протест што почна во 18 часот, кај мостот „Киро Глигоров“ меѓу Општина Аеродром и Општина Гази Баба, се собраа река луѓе, кои маршираа до пред зградата на општината.

Повторно, Возрасни, деца, стари и млади застанаа рамо до рамо да им порачаат на надлежните дека не чекаат до избори за решение за Вардариште. Неформалната депонија, онаа која не се користи веќе 30 години организирано, е узурпирана од неформални собирачи и препродавачи на отпад, а кога одвреме навреме ќе се запали, најмногу страдаат жителите на Ново Лисиче и Аеродром, кои веќе две недели се собираат и ја блокираат крстосницата кај мостот. 

Денеска, првпат крстосницата беше блокирана и во 7.30 часот утрото, што предизвика застој во сообраќајот, па низ Аеродром до Центар се патуваше и по еден час. 

„Сакаме воздух!“ и вечерва се извикуваше на масовниот протест. Со транспаренти, со пораки до надлежните и со свирчиња повикуваа да бидат слушнати, за да престане труењето од оваа депонија.

Повторно порачаа дека не е важно кој е на власт, туку сакаат да се понуди решение и Вардариште да се исчисти. 

Порано денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека среде депонија живеат над 200 луѓе. „Страшно е од секој аспект, страшно е. Индициите се дека потпалувањата се сторени од мал дел од тие луѓе. Не можеме да го ограничиме правото на пристап на тие луѓе во Вардариште, овој проблем е таложен со години не може да го решиме тој проблем за една недела. Тие луѓе треба да бидат дислоцирани, местото да се исчисти, отпадот да се однесе на друга локација“ – додаде Тошковски.

Оние кои се секоја вечер на протестот, бараат ваквите ветувања да почнат да стануваат реалност.(Б.Б.)