Странците цупкаа на граница за да платат казна: В година трева ќе ви никне на автопатот!

Нека, благодарам! Од сега па натаму само преку Бугарија. За жал, и Охрид ќе страда, но вие самите го побаравте тоа!


На граничниот премин „Табановце“ помеѓу Северна Македонија и Србија, вчера беа забележани редици странски возачи кои чекаат да платат казни за сообраќајни прекршоци снимени од камерите на системот „Безбеден град“.

„Срамота што прават Македонците“, е само еден од лавината коментари на социјалните медиуми по вчерашната примена на системот „Безбеден град“ за странци, поради што на излез од државава се направи голем метеж.

„Безбеден град“ предизвика километрски колони пред Табановце, претежно од луѓе кои се враќаат од одмор во Грција, а кои поминувајќи низ Македонија направиле сообраќаен прекршок, па на излез треба да ја платат казната. А казни се наплаќаа за сторени прекршоци уште од февруари.

„Речиси секое второ возило требаше да плати казна“, се вели во друг коментар, поради што, како што пишуваат српски граѓани се создала толкава гужва, што сите возила не можело да ги собере во меѓу зоната.

МВР се огласи со соопштение

-Поголемиот број возила кои се појавуваат на граничниот премин Табановце се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на овој механизам, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци.На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци. На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка, информираа вчера од МВР и објаснија дека „Министерството за внатрешни работи презема активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците“.

Но, ова објаснување не беше доволно за колапсот што се случи на излез од државава и на колоните возила во кои беа и тие што треба да платат казна, но и тие кои немаат направено прекршок. Сите заедно, како што пишуваат во коментари, чекаат по неколку часа во колона од неколку километри.

Нервозата што се создаде во колоните автомобили предизвик полемика, па дури и кавга.

„Чекаме со часови со деца во автомобилите. Кој направил прекршок нека си чека и нека си плати, зошто ние да чекаме со нив кои немаме направено ништо“, се вели во друг коментар.

„Срамота е ова да се случува за 30 евра“, пишуваат во коментар.

„Прво срам да им е на тие што возат брзо. И нека им наплатат казна. Но, ние и нашите деца, кои не го правиме тоа, не сме должни да го трпиме аматеризмот на македонските цариници. Нека наплаќаат двојни казни на секој што ќе направи прекршок. Но, пред тоа, нека го направат системот да профункционира. А не да малтретираат илјадници невини луѓе“, пишува во друг коментар.

Но, има и такви, на кои системот им пречи.

„Сакат браќата Македонци да земаат милостина за поминати 5 км/ч над ограничувањето, а до година има трева да им никнува низ асфалтот, само овци ќе можат да видат и да свират на кожна флејта таму, за подобро и не се се вели во друг коментар“.

-Нека, благодарам! Од сега па натаму само преку Бугарија. За жал, и Охрид ќе страда, но вие самите го побаравте тоа. Ова е малтретирање на луѓето и полнење на буџетот на лесен начин, бидејќи ниту нашите политичари ниту вашите не можат да го направат тоа поинаку. Само, најголемата штета е што народот страда, се вели во друг коментар.

На коментарите по групите на социјалнит мрежи се приклучија и Македонци со свое мислење.

„Ако не, ви се допаѓа одите си преку Бугарија“!

„Срамота за тие што возат 200 на саат и ја загрозуваат и својата и безбедноста на фамилијата и на сите други учесници во сообраќајот, ако возиш 200 на саат не очекувај дека со цвеќе во рака ќе те пречекаат“, се вели во друг коментар.

Како им се појаснува системот на возачите во Србија

Според информациите што ги имаат, возачот чие возило е регистрирано како прекршок добива записник и прекршочен платен налог. Доколку не ја плати казната, може да биде изведен пред надлежниот суд по забрзана постапка.

Особено е важно што постапката може да се однесува и на прекршоци снимени од камери од 1 февруари 2026 година, без оглед на тоа дали возилото има македонски или странски регистарски таблички.

Ова значи дека странските возачи, додека минуваат низ Северна Македонија, може да се соочат и со казни за претходно евидентирани прекршоци.

Според „Грчка Инфо“, страница што ги има речиси сите детаи и актуелности при патување во грција, линкот за плаќање може да им се испрати на возачите електронски, за да можат да ја платат казната преку интернет. Доколку немаат пари на картичката,можат да бидат упатени во Куманово за да ја извршат уплатата таму.

На возачите што патуваат низ Северна Македонија кон Грција, како и на оние што се враќаат од одмор, им се препорачува да бидат дополнително внимателни и да го почитуваат ограничувањето на брзината.

Камерите на системот „Безбеден град“ ги контролираат главните транзитни правци низ земјата, па затоа може да се евидентира прекршок дури и без запирање на возилото.

Што најавуваше Тошковски?

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна посочи дека „Сејф сити“ ќе ги санкционира сите возачи кои ги прекршуваат сообраќајните правила на делниците покриени со камерите, без разлика дали се работи за домашни или странски возила. Пораката е јасна – кој ќе вози пребрзо низ Македонија, казната може да го стигне токму на граница.

Казните од системот „Сејф сити“ стигнаа и до странските возачи – гужва на Табановце

Кога беше воведен системот „Безбеден град“ на почетокот на годнава беше истакнато дека странските возила кои ќе направат сообраќаен прекршок нема да бидат задржани при излез од државата, но возачите ќе добијат официјално известување дека нема да можат повторно да влезат на македонските граници доколку не ја подмират казната.