Столтенберг: Претпазливи сме, но нема реална закана од Русија за Македонија и регионот
Македонија е важен и доверлив сојузник во Алијансата, рече генералниот секретар на НАТО во Скопје. Тој имаше обраќање во Собранието
Генералниот секретар на НАТО денеска испрати умирувачка порака до Македонија и другите земји во регионот велејќи дека нема некаква воена закана што би дошла од Русија. Јенс Столтенберг на тој начин ги демантираше тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека по неговата земја следна цел на Русија може да биде Балканот.
На прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски, Столтенберг рече:
„Ние имаме воено присуство во овој регион со КФОР, со ГШ во Сараево и со канцелариите во Белград и подготвени сме брзо да се засилиме и да направиме сѐ што треба за да го одбраниме секој сојузник од каква било закана. Но, сепак, не гледаме нешто што би дошло како закана против кој било НАТО сојузник. Исто така, продолжуваме да ја повторуваме нашата порака до Русија дека треба да се воздржат од агресивните дејства против соседите и да ја сопрат војната агресија против Украина“, рече Столтенберг.
Една од причините, како што нагласи Столтенберг, поради која рускиот претседател Путин тргна во војна против Украина е дека тој не сакаше Украина да се приклучи кон Алијансата.
„Ввсушност сакаше и многу повеќе од тоа. Сакаше НАТО да гарантира дека нема да има натамошно проширување на НАТО, да ги тргне сите свои сили од источниот дел на Алијансата. Путин го добива токму спротивното. Добива повеќе НАТО, поголемо присуство на НАТО во источниот дел од Алијансата и сега доаѓаме и до нови НАТО членки – Финска и Шведска. Ова е голем стратешки пораз за претседателот Путин и покажува дека било голема грешка да се нападне Украина. Ја поздравувам поддршката што ја добиваме од Македонија, сојузниците на НАТО“, рече првиот човек на НАТО.
Во однос на истото прашање премиерот Ковачевски истакна дека информациите кои ги разменуваме со институциите внатре во државата, меѓутоа и со земјите сојузнички во НАТО е дека нема закана за безбедноста и стабилноста на нашата земја. Потенцирам дека ние а и останатите земји членки на НАТО се бориме против руското влијание во регионот.
На прес-конференцијата Столтенберг рече дека претходно на турнејата ги посетил партнерските земји, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, и дека во Скопје е во НАТО членка. И затоа е особено важно за Македонија што утре во Скопје ќе се одржи состанок со шефови на влади и министри од државите членки на Алијансата од регионот. „Ова е признание за важноста на улогата што Македонија ја игра во оваа Алијанса и покажува колку ние го цениме фактот дека вие сте полноправна членка“, рече Столтенберг.
За време на обраќањето во Собранието, Столтенберг рече дека Македонија е важен и доворелив сојузник во Алијансата. „Сојузниците во НАТО гарантираат за безбедноста на Северна Македонија. Во изминатите три години по вашето членство во НАТО видовте повеќе странски инвестиции, зголемен раст и повеќе работни места. Мирот и стабилноста се предуслов за економски просперитет. Патот до членството во НАТО беше долг и полн со предизвици. Вашата држава се одлучи да биде дел од НАТО пред 30 години. Ваквото патешествие бараше истрајност, одлучност и посветеност на реформи. Со политичка храброст и визија успеавте да постигнете историски компромис со Грција. Преспанскиот договор го овозможи членството во НАТО. Истиот договор придонесе и во добрососедските односи за посветла иднина на народот на Македонија. Во март 2020 година, конечно ја постигнавте вашата амбиција и станавте полнправна членка на НАТО, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека членството во НАТО е претходница кон членството во Европската унија и суштинската меѓа, како што беа случаите со поранешните членки на Варшавскиот договор и дека верува оти така ќе биде и со Македонија. Тој ги охрабри пратениците да го завршат патешествието на земјава кон ЕУ.
Столтенберг се заблагодари на тоа што Скопје именуваше една улица по неговиот татко Торвалд (поранешен шеф на норвешката дипломатија), кој за време на скопскиот семјотрес работеше во норвешката амбасада во Југославија. Торвалд Столтенберг ја координираше помошта на Норвешка за разурнатото Скопје. И дел од таа помош е детската болница „Козле“ во Скопје.