Стојаноски за новиот Закон за работно ангажирање: Силен удар на сивата економија

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска изјави дека со новиот Закон за работно ангажирање на лица односно за сезонско и привремено ангажирање, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од повеќе парламентарни партии, се става крај на долгогодишната пракса на неформално вработување.
„Со законот овозможуваме флексибилност, со цел работодавачите да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси“, рече Стојановски.
Според него, ова „креативно законско решение“ е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности.
„Важно е и за студентите, за средношколците, за само-вработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците“, рече Стојановски.
Со цел да се има квалитетен закон, во Собранието се одржа и јавна расправа, на кои беа прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование како и експерти и невладини организации.
Подобрувања вметнати преку 33 амандмани, кои дојдоа од различни партии. За непречено спроведување, се проширува надлежноста на Агенцијата за вработување, а предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет – брзо и едноставно, за само неколку минути.