Стоилковски: Дали наставничката со средно е најсоодветен кадар за информатика во АЕК?
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски праша денес на прес конференција дали 56-годишна наставничка од средно медицинско училиште во Битола, Емилија Костурски, е најсоодветниот кадар за место соработник за информатички технологии во АЕК, а Бесмира Ејупи за дипломат во МНР.
-Дали предноста на примената пред пријавениот информатичар на конкурсот во АЕК е само фактот што таа е партиски функционер на антимакедонската СДС? – праша Стоилковски оценувајќи дека работното место во АЕК со плата од 55.000 денари било претходно поделено за да припадне за партиски кадар на владеечката партија во замена за вработувањето од ДУИ во МНР.
-Неопходен е директен одговор, дали Бесмира Ејупи ќе биде испратена наскоро во некоја дипломатска мисија? Дали сето ова е последица на ухлебувањето на буџетски пари со полнење и партизирање на администрацијата?- праша Стоилковски според кого нема струја и нема гас, ама има пари за вдомување на партиските кадри.