Стоев избра тим за преговорите со Македонија


Континуитет и предвидливост во надворешната политика, се двата елемента што ги посочи новиот шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев како принципи по кои ќе се води на функцијата. Преставувајќи го тимот со којшто ќе работи, тој посочи дека во преговорите со Македонија ќе учествува Румен Александров, кој во моментов е на Европскиот совет заедно со претседателот Радев и претходно бил заменик министер во периодот 2014-2016 година.Јана Дончева ќе биде шеф на неговата канцеларија.

„Мојот тим е целосно стручен. Таа беше директорка во Министерството за време на бугарското претседателство “, додаде министерот за надворешни работи. 

Тој ги идентификува враќањето на довербата и дијалогот со Република Северна Македонија како приоритет број еден.

„Целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, беше категоричен Стоев.

Според него, нивната политика кон Северна Македонија е доследна и оти предлагаат продлабочување и рестартирање на дијалогот и тоа да биде од двонасочна перспектива.

-Вториот сегмент, на кој се работи е враќање на темата во нормалните европски формати, каде треба да се разгледаат тие прашања меѓу државите-членки на Европската Унија, и каде што ќе се дадат гаранции на Бугарија дека тоа што е договорено на билатерална основа, ќе се исполнува и во иднина. Тој мониторинг од страна на ЕУ е гаранцијата дека билатералните договори што се потпишани и кои претстои да бидат потпишани, ќе бидат исполнувани. Тоа е тактиката, стратегијата. Ние очекуваме конструктивен дијалог од страна на РСМ, рече Стоев.

Според Стоев, ова е актуелно прашање за кое треба да се разговара.

– Ние сме отворени за дијалог. Она што е потребно е постојаност, конструктивен став во дијалогот и можам да кажам дека целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во воспоставувањето на довербата меѓу двете земји, рече министерот Стоев.

„Потребни ни се и позитивни примери во билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, како и директен и отворен билатерален дијалог за решавање на проблемите“, истакна претседателот Румен Радев вчера по средбата со Урсула фон дер Лајен во Брисел, каде што учествува на самит и денес. Тој го оцени како добар знак претстојното заедничко чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј од страна на делегациите на Бугарија и Република Северна Македонија во Рим и повика на политичка волја од нашиот југозападен сосед за постигнување конкретни резултати .

-Привремената влада на Бугарија е подготвена да спроведе активен дијалог со Република Северна Македонија во оваа насока, како и да разговара за можностите за забрзување на процесот на европска интеграција, рече Румен Радев. Шефот на државата исто така посочи дека секоја можна одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ од страна на Република Северна Македонија ќе биде внимателно анализирана и споредувана со Декларацијата на бугарскиот парламент и Рамковната позиција на нашата земја за проширување на ЕУ и Процесот за стабилизација и асоцијација.