Стоев до Силва и Вархеи: Бугарија не ја менува позицијата околу Македонија


 
Нема промена во позицијата на Бугарија во однос на РС Македонија. Ова го изјави вршителот на должноста министер за надворешни работи Светлан Стоев, кој денес се состана со министерот за надворешни работи на Португалија, Августо Сантос Силва и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, јави  БГНЕС.
Бугарија продолжува да биде доследна во поддршката за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, истовремено почитувајќи го критериумот за индивидуалните достигнувања на секоја земја и почитувајќи ги основните вредности на заедницата како добрососедство.
-Ние сме подготвени за одговорен, отворен и полноправен дијалог со РС Македонија. Очекуваме нашите најблиски соседи во регионот да работат во духот на искреност и конструктивност. Сакам да истакнам дека на оваа тема има целосен континуитет и не може да се очекува промена во националната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија, рече министерот Стоев.
 
Тој изрази подготвеност да се сретне со македонскиот колега Бујар Османи за да разговара за иницијативите што можат да бидат преземени од привремениот кабинет.
 
-За нас одржувањето на добрососедските односи и добивањето на потребните гаранции за спроведување на Договорот од 2017 година е од клучно значење, истакна министерот и додаде:
 
-Ние продолжуваме да правиме напори за враќање на довербата во нашите односи со РС Македонија.„Нашата цел е да преземеме конкретни чекори за враќање на дијалогот со Скопје, вклучително и на највисоко ниво, што ќе обезбеди основа за идната редовна влада да ги врати нашите односи на нивото што треба да поврзе две такви блиски земји“, рече Стоев.
 
Како заклучок, министерот за надворешни работи изјави дека се надева дека напорите и добронамерниот пристап на Бугарија конечно ќе бидат ценети од нашите соседи и дека ќе работиме заедно за да најдеме одржливо и трајно решение за отворените прашања во нашите односи.
 
Процесот на проширување е исто така еден од приоритетите на Португалија, изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантос Силва, додавајќи дека тој се потпира на поддршката на Европската комисија, со која Лисабон работи тесно. Тој истакна два процеси на проширување: започнување на меѓувладини конференции со Србија и Црна Гора и одобрување рамка за преговори со РСМ и Албанија.
 
-За двата процеси беше многу важно да се слушнат бугарските предлози, иницијативи и грижи. Ние тоа го правиме преку соодветни дипломатски и политички канали и веќе е направено многу. Затоа, сега е време да се остварат директни политички консултации со Бугарија и тие ќе бидат од големо значење за тековниот процес и многу важни за португалското претседателство , рече министерот Силва.
 
Еврокомесарот  Вархеи рече дека секогаш е многу важно да се слушнат важни земји-членки за прашањата за проширување.
 
-Бугарија е водечка земја-членка во однос на развивањето на нашата политика за Западен Балкан. Затоа секогаш вреди да се доаѓа овде за да добиете идеи и да се консултирате, рече тој, додавајќи дека сме на важна раскрсница и дека  има одлуки што можеме да ги донесеме.