Сточарите ќе ги добијат субвенциите по ребалансот на буџетот


Сточниот фонд веќе е намален за половина, а изгледа и уште ќе се намалува

 

Субвенциите за сточарите по грло и премијата за млекото се во рацете на политичарите, од изгласувањето на ребалансот на буџетото зависи дали ќе земат пари за стоката и по други мерки.

Со ребалансот на Буџетот се предвидени 1,3 милијарди денари за исплата на субвенции, кои земјоделцоите требаше да ги добијат до 30 јуни, за минатата 2025 година.

Субвенции по грло чекаат сите сточари, освен овчарите кои ги добија парите во пролетта. А премијата за млекото не им е исплатена цела година од лани од јуни досега.

Вчера заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа, во Собранието рече дека исплатите ќе започнат веднаш по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, кој се наоѓа во собраниска процедура.

„Со ребалансот ќе се обезбедат средства за исплата на субвенциите за млеко, обележани говеда, пченица, другите житни култури, како и поледелските култури“, изјави Хоџа.

Остри критики за состојбата во млечниот сектор упати пратеникот Борислав Крмов од Левица.

„Толку се очајни сточарите што моментално го даваат млекото без цена. Подобро им е да го предадат, па потоа да потпишуваат договори, отколку да им пропадне производството“, истакна Крмов и додаде дека домашното производство покрива само околу 62 отсто од потребите на македонскиот пазар, но и покрај тоа, домашните производители се доведени во незавидна положба поради неконтролираниот увоз на евтино млеко и млеко во прав од Србија.

„Големите млекарници, кои се сопственост на српски фирми, повеќе се грижат за своите кооперанти во Србија отколку за сточарите во Македонија. Владата знае каде е проблемот, но замижува“, критикуваше пратеникот.

На прашањето на Крмов за проблемите со откупот на млекото во Пијанечко-Малешевскиот регион, заменик-министерот информираше дека Министерството веќе разговарало со млекарниците и компаниите што вршат откуп. Според него, е постигнат предлог за решение што треба да овозможи подобар пласман на млекото, вклучително и продажба на странски пазари, а во подготовка е и план поврзан со откупната цена, за кој јавноста ќе биде информирана наскоро.

Сточарите се нестрпливи, дел од здруженија одржаа мерни протести, но не го кријат незадоволството.

„Додека не се блокира целата држава нема субвенции. Цели 13 месеци не е исплатена премијата за млекото. Субвенцијата по грло говедо е намалена од 12.000 на 8.000 денари. Откупната цена на млекото вртоглаво паѓа и стигна до 23-24 денари за литар“, коментираат сточарите.

Не само што нема субвенции за ланската година, туку нема ни повик од државата земјоделците да аплицираат за субвенции за оваа година. Постапката доцни, иако вообичаено се објавуваше во пролетните месеци. Заменик-министерот  Хоџа за овој проблем денеска  информира и дека Платежната агенција е во завршна фаза на тестирање на новиот софтвер за поднесување барања за субвенции за 2026 година.

„За да не биде оштетен ниту еден земјоделец, рокот за аплицирање е продолжен до крајот на септември, а системот ќе биде отворен многу скоро, веднаш по завршувањето на финалните тестирања“, нагласи Хоџа. (А.Б.)