Стив Кари со неверојатна низа тројки не дозволи пресврт – кошаркарите на САД до петто олимписко злато во низа

Кошаркарите на Соединетите Американски Држави го освоија златниот медал на Олимписките игри во Париз, откако во финалето вечерва ја совладаа Франција со 98-87 (20-15, 29-26, 23-25, 26-21).
Тоа е 17. олимписко злато на САД, петто по ред и осмо на последните девет олимписки турнири. Единствени кои успеаја да освојат злато во тој период беа аргентинските кошаркари кои славеа во 2004 година во Атина.
Good night.🥇#ParisOlympics pic.twitter.com/Bq4l2y04yy
— Team USA (@TeamUSA) August 10, 2024
Кевин Дурент стана првиот кошаркар во историјата со четири олимписки златни медали.
Французите речиси постојано заостануваа резултатски, но во финишот се приближија на достижни шест поени негатива и со агресивна игра во одбраната беа на прагот да приредат изненадување. Но, во клучните моменти Стивен Кари со неверојатна серија тројки ги „заспа“ надежите на Французите за пресврт.
Кај Американците прв стрелец во вечерашното финале во Париз беше Стивен Кари со 24 поени, сите осум тројки. Леброн Џејмс постигна 14 поени со шест скокови и десет асистенции, а Кевин Дурент додаде 15 поени.
DR5AM TEAM LEGACY 🇺🇸🏀#Paris2024 pic.twitter.com/bGStHl4QhX
— Paris 2024 (@Paris2024) August 10, 2024
За Франција, Виктор Вембањама постигна 26 поени, додека Гершон Јабуселе додаде 20 кошеви.
Претходно денеска бронзениот медал го освои Србија, која во мечот за третото место ја совлада Германија, актуелниот светски првак, со 93-83.