Бомба од С. Арабија: Роналдо го купува Ал Наср


Конзорциум од инвеститори, меѓу кои Кристијано Роналдо и Гери Кардинале, сопственик на Милан, подготвува понуда за купување на саудискиот клуб Ал Наср од Фондот за јавни инвестиции (PIF) на земјата. Покрај Роналдо и Кардинале, кој ја предводи компанијата RedBird Capital Partners, групата ги вклучува и претприемачите Ибрахим Ал-Мухаидиб, Мохамед Ал-Кураиџи и Шараф Ал-Харири. Веста првпат ја објави спортскиот аналитичар Наваф_СТАТС, а ја потврдија и италијанските медиуми, според португалскиот весник А Бола.

Според планот, секој од петте членови на конзорциумот ќе инвестира најмалку 100 милиони долари, што е приближно 92 милиони евра. Таквата инвестиција би обезбедила значителен капитал за структурата и работењето на клубот од Ријад. Со спроведувањето на овој договор, Кристијано Роналдо повеќе нема да биде само прва ѕвезда на тимот, туку и ко-сопственик на клубот за кој игра. Ова би претставувало уникатен аранжман во кој активен играч станува и акционер во институцијата. Ал Наср му плаќа на Роналдо 200 милиони долари годишно.

Преговорите влегуваат во последна фаза. Се очекува претставниците на RedBird Capital и други инвеститори да се сретнат со раководството на PIF во следните 48 часа. На состанокот ќе се одлучи дали саудискиот фонд ќе ја прифати понудата и ќе ја отстапи контролата врз Ал Наср или преговорите ќе бидат прекинати. Исходот би можел да има значително влијание врз глобалниот фудбалски пазар.

Роналдо (41) е во Ал Наср од почетокот на 2023 година. Оттогаш, постигнал 126 гола и асистирал за 24 во 148 натпревари. Сепак, не освоил никакви големи трофеи. Не успеал да стане шампион на Саудиска Арабија или на Азиската Лига на шампиони.