Македонските одбојкари со победа над Израел го завршија настапот на Европското првенство


Македонската одбојкарска репрезентација со победа го заврши настапот на Европското првенство, совладувајќи го попладнево Израел со максимални 3-0 во сетови во рамки на 5. коло во групата Б во Софија.

Со триумфот извојуван во доминантен стил во сите елементи на одбојкарската игра, избраниците на селекторот Јошко Миленкоски завршија петтопласирани во групата Б и ги избегнаа последните четири места во конечниот пласман на турнирот со 24 репрезентации.

Македонските одбојкари одлично влегоа во првиот сет во кој за разлика од претходните натпревари добро функционираа сервисот и играта на мрежа што резултираше со водство од пет поени (10-5, 14-9). Израелците израмнија на 19-19, но македонската репрезентација одговори со три врзани поени и го освои првиот сет на Европското првенство со 25-21.

Вториот сет почна израмнето до 12-12 кога избраниците на Миленкоски влегоа во нова серија, поведоа со 16-12 и 19-15 и ја искористија третата сет топка за 25-23 и водство од 2-0.

Третиот сет се покажа и последен на натпреварот, и откако Македонија поведе со 14-10 ја задржа предноста до завршницата и со третата сет топка извојува максимална победа на Израел.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 20 и Стојан Илиев со 14 поени беа најефикасни на натпреварот во македонската репрезентација која во воведните четири натпревари загуби без освоен сет од Бугарија, Полска, Португалија и Украина.