Стевче Јакимовски по петти пат во трка за градоначалник на Карпош

Стевче Јакимовски, актуелен градоначалник на општина Карпош, досега бил избран за градоначалник во три мандати:
- 2000–2003: Прв мандат како кандидат на Либерално-демократската партија.
- 2009–2017: Втор и трет мандат како кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
- 2021–досега: Четврт мандат како независен кандидат.
Денеска, Јакимовски ја објави својата кандидатура за петти мандат на претстојните локални избори.
„Одлуката ја донесов по долготрајни консултации со граѓаните и по внимателно следење на јавното мислење. Сите ме знаете, мојот телефон е отворен и комуницирам со секого – токму тоа е доказ дека постои силна поддршка и желба повторно да ја водам општината,“ истакна Јакимовски.
Тој подвлече дека довербата од граѓаните не се должи на симпатии, туку на конкретни резултати. „Карпош е десет до петнаесет години пред било која општина во Македонија. Имаме модерна инфраструктура, реновирани училишта и градинки, подобрени услови за образование и спорт, како и подготвена администрација која стои зад секој реализиран проект,“ додаде
Јакимовски.
Во својот настап, тој посочи дека и понатаму постојат предизвици – пред сè паркирањето и одржувањето на хигиената и зеленилото. „Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и зеленилото, затоа што е недозволиво десетина градоначалници и стотици функционери да бидат надлежни, а резултатите да бидат катастрофални. Одговорноста мора да е јасна и да дојде кај локалната самоуправа,“ нагласи тој.
Јакимовски потенцираше дека Карпош ќе продолжи со унапредување на училиштата – со нови системи за греење и ладење, топлотни пумпи и батерии за складирање струја, што дополнително ќе ги намали трошоците. Ќе се зголемат стимулациите за реновирање на кровови и лифтови, ќе се продолжи со субвенциите за полагање возачки испити за средношколци, а
проектите ќе се прошират со покривање на дополнителни трошоци.
Најавени се и нови стимулации за бушотини и системи за наводнување, субвенции за електрични возила во општината, поголем акцент на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.
„Карпош мора да има свој пензионерски дом со капацитет од 150 до 200 легла. Тоа е голема потреба за нашите повозрасни сограѓани, и како општина ќе вложиме напори да обезбедиме финансиска конструкција за реализација,“ изјави Јакимовски.
Тој ја заокружи изјавата со порака дека Карпош секогаш ќе биде чекор пред останатите општини и дека изборите се можност за граѓаните повторно да ја одберат патеката на развој, а не тапкање во место.
За време на неговите мандати, Јакимовски се соочи со различни контроверзии, вклучувајќи обвиненија за незаконско градење и злоупотреба на службената положба. Во април 2025 година, тој беше осуден на три и пол години затвор за бесправна градба на административна зграда на општината и злоупотреба на службената положба. Судската пресуда не е правосилна, бидејќи Јакимовски најави жалба.