Стефанос Каселакис: „Странецот“ кој преку ноќ го разниша политичкиот систем во Грција
Победата на изборите за шеф на Сириза на човекот кој никој пред неколку месеци не го знаеше во Грција, е шокантна. Овој случај дури ќе се изучува и во политичките студии
Аналитичарите и политичките партии во Грција сè уште се обидуваат да разберат како 35-годишен жител и бизнисмен на САД, претходно непознат во земјата, успеа да го освои лидерството на главната опозициска партија Сириза во, како што се опишува, феномен на „метаполитика“.
Стефанос Каселакис е роден во Грција, но мигрирал во САД на 14-годишна возраст откако добил целосна стипендија за средното училиште Академија Филипс во Андовер, Масачусетс. Според неговото CV, откако дипломирал на Универзитетот во Пенсилванија, следела успешна кариера во бродската индустрија и работел за Голдман Сакс.
Во меѓувреме, тој исто така волонтираше во персоналот на тогашниот сенатор Џо Бајден за претседателските избори во 2008 година.
Во неделата (24 септември), по токсична и доста интензивна предизборна дебата, тој победи во вториот круг на изборите во главната грчка опозициска партија Сириза, добивајќи 57 отсто од гласовите против неговата ривалка Ефи Ахтисиоглу – која се смета за традиционална левичарка – која освои 43%. На изборите излегоа 133.000 членови на Сириза. Пред првиот круг, токму поради Каселакис, на партијата ѝ пристапија 40.000 нови членови.
Пред еден месец Каселакис беше непознат во Грција. Во последен момент, тој влезе во трката за лидерство на Сириза и ја доведе во прашање првично навидум лесната победа на Ахтисиоглу.
Благодарение на успешната и паметна кампања на социјалните мрежи, за него почнаа сите да зборуваат во текот на еден викенд. Но, Каселакис нема никаква врска со грчката политика, а камоли со левицата.
Неговата кампања, сепак, успеа да донесе повеќе од 40.000 нови членови и гласачи во болната грчка левица која се обидува повторно да застане на нозе по изборната катастрофа во јули годинава од страна на конзервативната партија Нова демократија која доведе до оставка на поранешниот премиер и лидер Алексис Ципрас.
Аналитичарите и политичките партии се обидуваат да анализираат зошто гласачите го избраа Каселакис и во суштина му го свртеа грбот на традиционалниот и мејнстрим политички естаблишмент.
Некои го опишуваат како феномен на „метаполитика“ воведен во Европа за прв пат користејќи исклучиво социјални медиуми за кампања.
Други инсистираат на тоа дека неговата едноставна реторика далеку од „политичкиот јазик“ привлече гласачи на кои им е преку глава од грчките политичари.
Многумина се фокусираат и на фактот дека тој ја започна својата кариера и напредуваше од нула, нешто невообичаено за грчкиот политички естаблишмент воден од непотизмот.
Следниот ден ќе биде тежок
Политички неискусен, Каселакис сега ќе има тешки денови: прво, тој мора да се етаблира како лидер во многу поделена партија и, второ, да се соочи со моќна конзервативна влада.
Европратеникот од Сириза, Стелиос Кулоглу, го опиша Каселакис како „падобранец на непријателска територија“ кој не ја познава левицата, а левицата не знае за какви политички ставови се залага.
„Но, тој беше единствениот кој му кажа на електоратот дека ќе го собори Мицотакис […] таквата порака беше многу потребна за левичарските гласачи“, рече Кулоглу за „Еурактив“.
Друга пречка ќе биде тоа што тој не е пратеник и затоа нема да може да учествува во парламентарните дискусии.
Повеќето традиционални левичарски фигури не застанаа на страна на Каселакис, туку ја поддржаа политички познатата Ахтисиоглу, која е позната и во бриселските кругови благодарение на нејзината претходна министерска функција.

Каселакис ќе биде и првиот, отворено геј лидер на политичка партија во Грција.
Каселакис, за кој не се знае дека имал никакви врски со Сириза пред оваа година, се пресели во Атина пред само неколку месеци со својот американски сопруг Тајлер Мекбет. Тој го повика Мекбет, медицински брат по професија, да му се придружи додека се обраќаше на насобраните пред седиштетот на Сириза, нарекувајќи го својот партнер „моето лично семејство“. „Од се срце ви благодарам што го пречекавте и го прегрнавте“, рече тој насмеан додека поддржувачите извикуваа „Стефанос промени сѐ“.
Грчко-американецот сигнализираше дека ќе направи големи промени во Сириза, прогресивен сојуз кој вклучува марксисти, еврокомунисти, екологисти и социјалдемократи. Тој изјави дека ако партијата некогаш сака повторно да ја вкуси моќта, треба „само да ја копира американската формула што е можно поскоро“ со трансформирање во „голем шатор“ во стилот на американската Демократска партија.
Во колумната објавена во јули, претприемачот ја нарече својата одлука да се вклучи во грчката политика „краток прекин помеѓу две поглавја во мојата деловна кариера“.
Новите приоритети
Меѓу низата приоритети на политиката предложени од бизнисменот беа „драстично“ даночно олеснување за вработените во приватниот и јавниот сектор, поделбата на црквата од државата, судските реформи, државјанството за децата мигранти родени и израснати во Грција и легализирање на истополовите бракови. Но, неговиот неуспех да произведе детална програма беше критикуван како показател за пристап и непроѕирен и сеопфатен.
Неколку грчки медиуми го критикуваа фактот дека во својата прва изјава Каселакис не го спомна зборот „левица“ и наместо тоа се фокусираше на нејасни зборови поврзани со економијата.
Среде радосните сцени пред седиштето на Сириза во Атина, 35-годишникот им рече на поддржувачите: „Денес победи светлината и надежта колективно, надежта за иднината… Јас не сум феномен. Јас сум гласот на едно општество и нема да ве изневерам. Утре започнува напорната работа“.
Во својот говор, Каселакис рече дека неговата победа ќе донесе „светлина за поразување на финансиските окови на економскиот систем“.
Реториката на голема поделба пред изборите поттикна многу аналитичари и политичари да кажат дека е можна партиско расчленување по изборите. Сепак, од минатиот петок, агресивната реторика е намалена, а влијателни левичарски фигури сега разговараат за потребата од единство.
Имајќи го предвид масовното учество на гласачите, некои сугерираат дека би било политичко самоубиство некој да го стави на тест единството на партијата, барем засега.
„Ова е крајот на левичарската Сириза каква што ја знаеме“, изјави европаретникот Кулоглу за „Гардијан“. „Таа партија почина вечерва. Каселакис ќе направи огромни промени и во иднина ќе се спроведуваат студии на случај, бидејќи она што го направи е толку зачудувачки. Тој се појави речиси од никаде и сега е главен. Тоа е лудо, сценарио во кое никој не би поверувал пред неколку месеци“.
Неговиот прогресивен либерален профил не остана незабележан од конзервативната влада на Нова демократија, бидејќи премиерот Мицотакис во моментов се смета за единствениот избран политичар кој го претставува центарот и про-бизнис дел од политичкиот спектар на Грција.
Во последните години, перформансите на грчката економија значително се подобрија по годините на штедење и недостаток на инвестиции. Сепак, критичарите укажуваат на фактот дека економскиот раст останува ограничен на затворениот круг на традиционални домашни семејства и бизнисмени. (Еурактив, Гардијан)