„Ставете нѐ на вашиот ѕид” – кампања за подигнување на јавната свест за лицата со попреченост


„Ставете нѐ на вашиот ѕид” е насловена националната кампања по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Ја спроведува проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, заедно со проектите „Поддржување на процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост од институцијата во Демир Капија во станбени единици за поддржано живеење“ и „Добивање живот – деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија“, сите финансиски поддржани од Европската Унија.

– Нашите заеднички напори годинава се насочени на подигање на јавната свест за т.н. невидливи попреченост, оние кои не се надворешно видливи или лесно препознатливи. Невидливата попреченост е физичка, ментална или невролошка состојба која не е видлива однадвор, но сепак може да ги ограничи движењата, сетилата или активностите на една личност. За жал, самиот факт дека овие симптоми се невидливи може да доведе до недоразбирања, лажни сфаќања и пресуди од околината. За невидливи попречености се сметаат аутизам, хронична болка и тешкотии во учењето, како и состојби на ментално здравје, мобилност, говорни оштетувања и сензорна загуба, како што се губење на видот, оштетување на слухот или глувост. Респираторни состојби како астма, хронични состојби како што се дијабетес, хронична болка и нарушувања на спиењето, кога значително влијаат на секојдневниот живот, се сметаат за невидливи попречености, велат организаторите на кампањата.

Луѓето кои живеат со невидливи попречености често се соочуваат со бариери во секојдневен живот, вклучувајќи недостиг од разбирање и негативни ставови. Тие, исто така, се една од најпогодените популации од пандемијата на КОВИД-19.

– Долгогодишното изолирање и институционализирање на лицата со попреченост остави негативни и неточни верувања и ставови за тоа што значи да се живее со попреченост. Овие ставови се прифатени и рефлектирани од медиумското покривање, од кое голем дел се потпира на стари стереотипи и дезинформации. Лицата со попреченост ретко се присутни во медиумите, а кога се прикажуваат, тие често се несоодветно претставени, како предмет на сожалување, добротворни цели или медицински третмани кои треба да надминат трагична и оневозможувачка состојба или обратно, претставени како суперхерои кои постигнале големи подвизи, за да ги инспирираат лицата што не се со попреченост, наведуваат организаторите на кампањата, нагласувајќи дека со зголемување на свеста и разбирањето за прашањата за попреченост и различноста на лицата со попреченост и нивните ситуации, медиумите можат активно да придонесат за нивна успешна интеграција во сите аспекти на општествениот живот.

Се смета дека на глобално ниво повеќе од една милијарда луѓе живеат со некаква попреченост, што значи дека едно од секои седум лица има попреченост. Генерално, тие имаат послабо здравје, пониски образовни достигнувања, помалку економски можности и повисоки стапки на сиромаштија од луѓето без попреченост.

Ова во голема мера се должи на недостигот на достапни услуги (како информатичката и комуникациската технологија (ИКТ), правдата или транспортот) и многуте пречки со кои се соочуваат во секојдневниот живот, а се во различни форми, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на физичката средина, или оние кои произлегуваат од законодавството или политиката, или од општествените ставови или дискриминација.

Проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ го спроведува Ептиса за потребите на Министерството за труд и социјална политика, со финансиска помош од Европската Унија

Годинава за кампањата соработуваат со уметникот и графички дизајнер Зоран Кардула, чии дизајни во стилизирана форма отсликуваат неколку состојби на невидлива попреченост (дислексија, аутизам, биполарно растројство, Даунов синдром, дијабетес кај деца, наглувост). Дизајните во електронска форма се достапни на https://socialservicesplatform.eu и на веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува од 1992, со идеја да ги промовира, но и да потсети на правата и благосостојбата на лицата со попреченост во сите сфери на општеството и да ја зголеми свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.