Статистиките во делот на здравството и животната средина се тесно поврзани со нашите животи

Статистиките во делот на здравството и животната средина се клучни за подобрување и обезбедување на одржливи политики во земјоделството и јавното здравје, како и за намалување на јазот со ЕУ. Статистиката не е само математика и бројки, таа е основата на успехот и е од клучна важност за сите нас, бидејќи се тесно поврзани со нашите животи и се однесуваат на нашето здравје, животен век и што дишеме, и затоа е особено важно да имате податоци на кои може да им верувате.
Ова беше порачано на отворањето на конференцијата по повод една година од почнувањето на проектот „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животна средина и здравствените статистики“, на Државниот завод за статистика и Италијанскиот национален институт за статистика (Istat).
Амбасадор на Република Италија Паоло Палминтери, во воведниот говор порача дека проектот се фокусира на здравствените и статистиките во областа на животната средина кои се важни за одржливиот развој и креирањето на политики засновани на факти, особено во период кога земјата се подготовува за полноправно членство во ЕУ.
-Овие твининг проекти помагаат во градењето на институционални капацитети, усвојување на нови стандарди и јакнење на заемната доверба и разбирање меѓу земјите. Италија е горда што може да придонесе на овој пат. Италијанската влада и особено министерот за надворешни работи е длабоко посветен на европската интеграција на Македонија, што е очигледно и од денешната активност, порача Палминтери.
Уверени сме, нагласи Палминтери, дека оваа соработка ќе остави позитивно наследство не само со подобрени системи за податоци, туку и долгорочни врски меѓу институциите и професионалците.
Раководителот на секторот за соработка при Делегација на ЕУ, Штефен Худолин, истакна дека радува тоа што искуството на земјите членки на ЕУ се користат за градење на капацитетите на земјите кандидати и каде експерти од ЕУ ја обезбедуваат стручноста што е потребна во Северна Македонија на патот кон ЕУ.
-Статистиката не е само математика и бројки, тоа е основата на успехот и овие два сектори – здравство и животната средина се од клучна важност за сите нас. Тие се тесно поврзани со нашите животи, се однесуваат на нашето здравство, животен век, што дишеме и особено, колку е важно да имате податоци на кои може да им верувате. Бројките се тука за властите да ги користат за градење политики за намалување на разликата меѓу ЕУ и земјите кандидати и да ги подобрат животите на своите граѓани, рече Худолин.
Според Худолин, придобивките од овој проект ќе имаат смисла, само доколку тој се спроведе до крај, нагласувајќи дека во спротивно ќе биде само парче хартија.
-Предизвиците на Северна Македоније не се носењето закони, туку спроведувањето. Затоа верувам дека ја имаме стручноста тука, колегите ќе обезбедат многу знаење, меѓутоа само ако се користат соодветно, ако креаторите на политики ги земат и ги засноваат нивните одлуки врз овие податоци ќе се постигне разлика во квалитетот на животот на граѓаните, рече Худолин.
Директор на Државниот завод за статистика Дејан Станков, на отворањето на конференцијата рече дека статистиките во делот на здравството и животната средина се клучни за подобрување на политиките и соочувањето со предизвиците во однос на обезбедување одржливи политики во земјоделството и јавното здравје.
-Во услови на брзи промени во животната средина и здравството, потребата од сеопфатни и навремени податоци никогаш не биле од покритична важност. Преку проектот се овозможува хармонизирање на статистичките поданици, и направивме важни чекори за зајакнување на нашите капацитети за собирање, анализирање и десеминација на податоците во делот на здравството и животната средина, правејќи ги споредливи на регионално и европско ниво, порача Станков.
Државниот завод за статистика е корисник на повеќе проекти од ЕУ и проекто „Подобрување на квалитетот и опфатот на статистиките за животна средина и здравствените статистики“ е четвртиот проект што го користи Статистика за развој на професионалните вештини и усогласување со европскиот статистички систем.