Статистичките податоци ќе бидат важен дел од преговарачкиот процес


Фото: Б. Грданоски

 

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг за поглавјето Статистика што се одржува во Луксембург, рече дека статистичките податоци ќе бидат важен дел од преговарачкиот процес, бидејќи ќе треба да покажеме како се применува усогласеното законодавство во пракса, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

„Во наша корист е што не почнуваме од почеток, бидејќи веќе имавме една образложувачка средба во февруари 2019 година, пред усвојувањето на новата Методологија за проширување. На ова би го додал, како уште една предност, фактот што после повеќе од 25 години ја транспониравме соодветната статистичка легислатива во нашето национално законодавство, работејќи заедно со Комисијата и Еуростат“, истакна Маричиќ.

Тој потенцира дека Северна Македонија има постигнато одредено ниво на усогласеност, што е потврдено и во извештаите, додавајќи дека токму во негово време, како министер за правда, Северна Македонија после две децении успеа да спроведе успешен попис на населението, според методологијата и стандардите на Еуростат.

„Завршувањето на одамна задоцнетиот попис беше едно од клучните барања на Брисел за Северна Македонија и беше поздравено од Европската комисија, по објавувањето на резултатите“, рече вицепремиерот.

Маричиќ пред почетокот на објаснувачкиот скрининг, заедно со директорот Апостол Симовски и државната секретарка на СЕП, Абдиу-Халили, одржаа состанок со замени- генералниот директор на Еуростат, Гало Гије, на кој разговараа за подготвеноста и активностите кои ги презема Државниот завод за статистика, со цел полесно да одговори на идните предизвици со кои ќе се соочи, при преносот на податоците во Европскиот статистички систем.