Стартот на СЕПА ќе доцни два месеци, наместо во октомври ќе почне во декември


Наместо во октоври, како што беше најавено, поевтините плаќања во рамки на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), же почне во декември, изјави денеска гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Причината е, како што кажа, подготовка на системот.

„Заради подготовката на системот нам ќе ни требаат уште два дополнителни месеци и до крајот на годината, односно во текот на декември системот ќе стане целосно оперативен“, изјави Славески, одговарајќи на прашања на новинарите при неговата посета на Агенцијата за катастар на недвижности во Скопје.

Членството во СЕПА, се смета за голема придобивка за нашата земја, бидејќи ќе овозможи значително пониски трошоци за префрлање на евра и плаќање соединствената европска валута. Според проценките од надлежните искажани претходно годинава, годишните заштеди на граѓаните за банкарски надоместоци би биле меѓу 50-60 милиони евра, а големи придобивки ќе имаат и компаниите .

Инаку, првите четири банки од земјава кон крајот на јуни беа впишани во Европскиот совет за плаќања (ЕПС). Овие банки требаше да започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.

Минатиот месец, Советот на Народната банка воведе тарифа за плаќањата на државните органи во евра со земјите од СЕПА во фиксен износ од 3 евра по трансакција за електронски иницираните налози и 5 евра за налозите иницирани на хартија. Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји, оценија од НБ.