Создаваат голема зависност: Потврдено е дека електронските цигари не се без никотин
Истрагата на лондонскиот дневен весник Гардијан откри дека електронските цигари, т.н вапси, кои се продаваат на платформата Амазон како „без никотин“ ја содржат оваа супстанца која создава голема зависност.
Тестирани се седум производи од интернет маркетот, за кои на веб-страниците на продавачите било наведено дека не содржат никотин, но во шест производи е утврдено дека ја содржат оваа супстанца, пишува весникот.
Нелегално е во Велика Британија да се продаваат електронски цигари кои содржат никотин како производи „без никотин“. Во јули и август, потрошувачите ја изразија својата загриженост преку службата за корисници на Амазон дека електронските цигари кои се рекламираат како без никотин на таа платформа всушност ја содржат оваа супстанца, но тие добија одговор од Амазон дека треба директно да контактираат со продавачите.
Дополнително, беше откриено дека некои електронски цигари имаат резервоар за е-течност што ја надминува дозволената граница од 2 ml.
Претходно овој месец, француските власти објавија дека во Франција ќе бидат забранети ваповите за еднократна употреба како дел од националниот план против пушењето. Француската премиерка Елизабет Борн изјави за RTL дека нејзината влада „наскоро ќе претстави нов национален план за борба против пушењето“, особено за забрана на електронски цигари за еднократна употреба, кои се популарни меѓу помладата популација.