Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (8)

Српскиот антитиоизам е лажен, измислен отпосле

Предводникот на Хрватската пролет, Мика Трипало беше во НОБ на 16-годишна возраст, припаѓаше на едно од најбогатите хрватски семејства. Латинка Перови вели дека имал вистинска харизма, демократски ориентиран, еден вид социјалдемократ, но во исто време беше и Хрват: Мика Трипало како млад му ја предава штафетата на младоста на Тито

Недим Сејдиновиќ

Србите беа многу компатибилни со Тито. Прво, Тито ја обнови Југославија, што беше во интерес на српскиот народ. Второ, се потпираше на Русија, а Србите традиционално се врзани за неа. Потоа создаде голема, моќна армија

Во интервјуто за хрватскиот онлајн магазин „Лупига“, направено од Недим Сејдиновиќ во август 2019 година, Латинка Перовиќ ја објаснува технологијата на смената на српските либерали и лидерите на Хрватската пролет и улогата што ја одигра Тито. Деталите што ги соопштува се важни за да се добие слика како функционираше Југославија во последната декада од владеењето на Тито. Ова интервју ќе го објавиме во три продолженија. Во него Перовиќ зборува и за Хрватската пролет и блиските односи што ги имала со Савка Дапчевиќ-Кучар.

 

Судирот за кој зборуваме беше конфликт меѓу силите кои се залагаа за модернизација и демократизација на општеството и оној догматски дел од Сојузот на комунистите? Ја спомнавте Хрватската пролет. Кои се сличностите и разликите меѓу Хрватската пролет и српските либерали?

Треба да се каже дека ниту Мика Трипало ниту Савка Дапчевиќ не беа усташи, како што тоа денес некои го прикажуваат. Трипало беше во НОБ на 16-годишна возраст, припаѓаше на едно од најбогатите хрватски семејства. Работев со него во Младинското движење, имаше вистинска харизма. Беше демократски ориентиран, еден вид наш социјалдемократ, но во исто време беше и Хрват. Савка беше образована жена, а исто така потекнуваше од угледно семејство. Докторираше, имаше важна улога на универзитетот. Таа помина низ скалестата хиерархија во комунистичката партија. И двајцата беа луѓе ориентирани кон промени. Ја покренаа темата за економските односи во федерацијата, зборуваа за потребата од реформирање на федерацијата… Не можам да кажам дека нивниот активизам не поттикна разни тенденции во Хрватска, а ние отворено разговаравме со нив. Бев многу блиска со Савка. Кога доаѓаше во Белград, отседнуваше кај мене. Ѝ кажав дека постои опасност да се најдат на опашката на национализмот, екстремниот, проусташкиот. Тие беа свесни за тоа и сметаа дека е многу важно да се убеди српската заедница дека 1941 година и геноцидот нема да се повторат. Тито еден период беше нивен сојузник, но потоа реши дека заради него треба да одлучи поинаку. Идејата за единство беше толку железна и догматска. Не е неосновано, но знаете – ако стегнете нешто премногу, ќе се скрши еден ден. И тој веќе почна да разговара со нив. Се двоумеше и Бакариќ, бидејќи и тој беше за тнр. федерализација на федерацијата, но виде дека во Хрватска народот е таков што треба да се оди постепно, повнимателено. Дојде 21. седница, а српскиот партиски врв имаше поинаков став од останатите. Рековме – наша главна грижа е што ќе се случува сега во Србија. Не можеме да го смениме хрватското раководство во Караѓорѓево. Нашите две раководства беа на иста линија без видливи манифестации на тоа единство. Во секој случај, тоа не беше антијугословенска политика. Напротив, таа не ја доведе во прашање Југославија, туку праша каква треба да биде за да се одржи, односно да има смисла. Зошто би бранеле држава во која народите кои ја сочинуваат не наоѓаат решение за сопственото прашање и на крајот прашањето за слободата? Кога југословенската делегација беше во Советскиот Сојуз по Караѓорѓево и смената на хрватското раководство, Брежнев го пофали Тито за тоа. Тито одговори: „Но мене ме чека најтешкото, ме чека Србија“.

 

Тито беше, изгледа, беше главниот столб на отпорот на промените за кои зборувате?

Се сретнавме со Кардељ кога работеше на уставни амандмани. Бевме во неговата куќа за прв и единствен пат. Тој беше многу лут и рече дека од војната до денес Србите се спротивставуваат на секоја промена. Прашав: Само Србите? Тој одговори: Не, и Тито. Еднаш ни рече дека треба да го разбереме односот на силите. Го замолив да ни објасни. Рече: Или ние ќе стегнеме или ќе нѐ избришат. Реков: Па, да бидеме сталинисти да не дојдат други сталинисти. Тој вели: Добро ме разбра. Реков дека не сакам да учествувам во таков избор. Значи, ние отворено разговаравме за тоа. Секој од нас имаше семејство, не знаевте на што се подготвени, но не можевме да прифатиме да бидеме извршители на тој пресврт.

„Бев многу блиска со Савка. Кога доаѓаше во Белград, отседнуваше кај мене. Ѝ кажав дека постои опасност да се најдат на опашката на национализмот, екстремниот, проусташкиот“: Савка Дапчевиќ-Кучар во 1971 на тогашниот Плоштад на републиката во Загреб

 

Покрај Тито, кои се центрите на моќ кои доведоа до смена на либералите и чистка во хрватската комунистичка партија?

Пред сѐ војската на која се потпираше Тито. Во едно интервју тој ќе каже дека армијата не е таму за да не штити само од надворешни непријатели, туку и да решава внатрешни конфликти. Кога изби кризата во Хрватска, Тито го прими Коча Поповиќ, кого – мислам – единствено длабоко го почитуваше. Му рекол тогаш на Коча дека бил подготвен за државен удар, а Коча одговорил дека тоа може да го направи секој јужноамерикански генерал. Од тебе очекувам државничко решение, рече Коча. Значи, секако армијата беше голема поддршка. Дополнително, треба да се каже дека српскиот антититоизам е лажен, дополнително конструиран феномен. Србите беа многу компатибилни со Тито. Прво, Тито ја обнови Југославија, што беше во интерес на српскиот народ. Второ, се потпираше на Русија, а Србите традиционално се врзани за неа. Потоа создаде голема, моќна армија… Потоа беа силните, создадени за време на војната, безбедносните служби, кои по војната се зајакнаа со формирање на власта, справување со контрареволуционери, квислинзи, непријателски елементи … Инаку, многу често војната ги толкува 90-тите како одмазда на Србите за усташкиот геноцид. Тоа е веројатно точно, но е и реванш на безбедносните служби за Четвртиот пленум и смената на Ранковиќ. Не треба да заборавиме дека на погребот на Ранковиќ дојдоа повеќе од сто илјади луѓе, многумина беа незадоволни што ги загубија позициите по неговата смена. Конечно, имаше неформално опозициско движење кое беше создадено во Србија веднаш по смената на Ранковиќ. Добрица Ќосиќ го сметам за клучна фигура во тоа движење, поради неговата централна улога. Не треба да се заборави дека Ќосиќ е човек на партијата, дека во 1968 година прв излезе со платформа да се менува националната политика. Никогаш не беше исклучен од партијата, таков беше односот на силите. Движењето полека ги освојуваше културните институции, Српската книжевна задруга, Академијата на науките… Во него беа вклучени многу дисиденти, членови на ИБ, ранковиќевци, елементи кои отпаднаа во различни фази на комунистичкото движење. Се создаваше една мрежа која ја поврзуваше Ќосиќ. Не треба да се заборави ниту „Праксис“, кој беше против уставните измени, односно некои решенија. Се создаде една широка коалиција која ја гледаше опасноста во демократските, либерални тенденции во самата партија.!

 

Кога од оваа гледна точка ќе ја погледнете историската улога на Јосип Броз Тито, што би рекле?

Неговата историска улога е непобитна, и тоа не само во контекст на Народноослободителната борба и 1948 година и Информбироро. Неговото долго траење, изградбата на партијата што ја презеде југословенската платформа… Во прашање е една вистинска харизма. Каде се неговитеограничувања? Колку повеќе го истражувам тој период и читам други историчари, толку повеќе ми се чини дека неговите ограничувања се од идеолошка природа. Тој е човек на едно време, почетокот на дваесеттиот век. Тој никогаш не можеше да замисли поинаков имотен однос и да се одвои од руската револуција и нејзината парадигма. Балансираше меѓу Истокот и Западот, покажа голема умешност во Движењето на неврзаните, но не можеше да замисли поинаков сопственички однос. Уште помалку можеше да замисли, следејќи ја идеологијата и утопијата, дека тоа може да се реализира без револуционерната партија што тој лично ја инкарнираше. За Тито се напишани многу добри книги. Одлична е книгата на Јоже Пирјевец „Тито и другарите“, одлична е книгата на Голдштајн „Тито“. И двете ја прикажуваат трагиката на Тито – кога тој сака да ја задржи моќта што опаѓа, а претставува параван за борбите на недораснатите следбеници.

Тито беше длабоко свесен за српскиот национализам и опасностите што тој ги носи со себе: Латинка Перовиќ во едно од своите последни интервјуа

 

Каква беше односот на Тито и српскиот национализам?

Тито беше длабоко свесен за српскиот национализам и опасностите што тој ги носи со себе. Во интервју со еден американски новинар кој го прашува дали постои можност Војводина и Косово да станат републики, Тито вели: Не, Србите би ме убиле доколку излегов со таква идеја, иако самиот лично мислам дека тоа може да биде решение. Значи, тој беше свесен за клучната улога на српскиот национализам и беше многу внимателен со него. Во една прилика ни рече: Сега ме напаѓаат дека сум против Србите, а јас дојдов овде во 1941 година и почнав од тука. Тој беше свесен за историјата, вистинската и митологизирана, на српскиот народ и силата на неговиот отпор. Знаеше дека тој долго трпи, а потоа со еден удар ги решава работите убивајќи ги владетелите, од Караѓорѓе, преку кнезот Михаило, до Александар Обреновиќ. Тито балансираше.

 

Српските националисти ги убија не само нивните владетели, туку и тројца хрватски пратеници, вклучувајќи го и Стјепан Радиќ.

Напишав еден текст за тоа. Ме опседнуваа тие убиства во парламентот. Сакате заедничка држава, но ги убивате политичките претставници на хрватскиот народ во парламентот!? Тоа беше крајот на првата Југославија. Тоа се работи кои ги губиме од вид, а се случија. Србите мислеа дека ги освоиле териториите и така ја направиле Југославија. Пашиќ зборуваше во дебатите за првиот устав на кралството – не мислевме дека ќе ни бидат слуги (мислеше на Хрватите и Словенците), но мора да се знае кој е газда во Југославија, а тоа е тој што го има најголемите жртви во борбата за неа. (Продолжува)