Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (10)

Навраќање на Мирослав Крлежа: По кој пат?

Трајното недоразбирање меѓу писателот и околината, меѓу она што го напишал и она што се очекуваше да го напише, предизвика кај Мирослав Крлежа - замор. Несовладливо недоразбирање меѓу колективизираното мнозинство и писателот како поединец, кој може да направи нешто што сите други не можат

Латинка Перовиќ

За Мирослав Крлежа беше изграден своевиден култ во Хрватска и во Југославија. Но во партијата никогаш не му беа заборавени судирот на книжевната левица и неодењето во партизани во 1941 година

Во наредните неколку продолженија ќе ја објавиме рецензијата на Латинка Перовиќ за книгата на Мирослав Крлежа „Илјададеветстотиниишеесеттите. Фрагменти од дневник“, во избор и редакција на Влахо Богишиќ, „Бодони“: Загреб, 2022. Објавена е на српскиот сајт „Пешчаник“ во декември 2022 година, непосредно пред нејзината смрт. Тоа е последниот ракопис на Латинка Перовиќ.

„Што се однесува до необјавените ракописи, ги оставам во целосен неред, повеќе од тоа, во хаотична збрка, свесен дека не постои човек кој може да се снајде среде оваа начкртана хартија. Кога би се запалило сето ова, што според мое длабоко убедување би било најмудрото, знам дека тоа е моја залудна желба, која никој жив нема да сака да ја исполни, иако тоа би било единственото остварување на оваа последна моја волја, која, за жал, не ја претворив во дело, залажувајќи се дека има уште време за тоа, но не се случи“. Тестаментот на Мирослав Крлежа, писател, напишан во Загреб на 14 јуни 1965 година.

 

  1. За книгата и по повод книгата

Издание на книгата „Илјададеветстотиниишеесеттите. Фрагменти од дневникот на Мирослав Крлежа“ е во најдобрата традиција на висок професионализам, што со децении го карактеризира издаваштвото во Хрватска. Текстовите што ги избрал и уредувал Влахо Богишиќ ги класифицирал во три целини: I Дневник, II Структура, III Контекст. Изданието содржи и краток биографски текст за авторот, белешки на уредникот, текстуални белешки, биографски белешки, јазични белешки, како и мошне опсежен Поговор од Влахо Богишиќ. Голема штета е што ова издание нема регистар за имиња. Поговорот е за текстовите на Крлежа во оваа едиција, и оние веќе објавените и оние што првпат се објавуваат, а се земени од оставnината на Крлежа, која се чува во Националната и универзитетска библиотека во Загреб во Збирката на ракописи и sтрански книги. Тоа е придонес и за биографијата на Мирослав Крлежа, и за онаа страна од неа која често се претпоставува и не се проучува. Истовремено, Пoговорот укажува и на поширокиот историски контекст на споменатото издание.

***

За дневничкиот корупс на својот опус Крлежа им зборуваше на Анѓелко Малинар и Енес Ченгиќ, кои се грижеа за неговото наследство. И на сликарот Јосип Ваништа, од кого во 1970 година побарал да направи портрет за избор од неговите дела – пет тома во едицијата Пет века хрватска книжевност. Сите правеа белешки за тие разговори. Белешките на Ченгиќ и Ваништа се делумно објавени, а на Малинар се чуваат во Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“. Сите тие белешки Богишиќ ги искористил како извор во објаснувањето на Крлежиното сфаќање за феноменот дневник и дневничката проза.

Во интервјуто за белградска „Политика“ (1968), Крлежа инсистира на тоа дека не реконструира ништо во записите на „постар датум“: „секој од тие текстови е напишан на денот кога бил посочен“. Запишувањето на детали спречило да бидат заборавени. Врз основа на нив, беше можно да се реконструираат сеќавањата и на настаните и на луѓето. На пример, Солун во 1913 година или европски патувања во 1930-тите. Но, Крлежа тврди дека тоа не е дневник. На прашањето на „Политика“ „дали сè уште пишува дневник“, тој одговара: „Па, јас всушност не пишувам дневник“. Од друга страна, Влахо Богишиќ смета дека несомнено е дека Крлежа „водел дневник во текот на својот живот, бележел и датирал факти и околности и дека овој вид материјал е основа на различни жанровски форми, вклучително и дневни белешки“. Во разбирањето на феноменот дневник, Крлежа смета „со текстот што во таа форма ќе го сподели со читателот, значи, како освестен дневнички материјал“.

Пишувањето белешки, како основа за дневниците, секогаш било под влијание на политичките околности, односно причините поради кои тие не можеле да бидат објавени. По 20 години, Крлежа му се доверил на Малинар: „Имам скици за целата галерија на нашите комунистички лидери во првите години од Првата светска војна (Филиповиќ, Ѓука и Штеф Цвииќ, Симо Миљуш итн.). Сега го дотерувам текстот за Филип Филиповиќ и гледам дека за него пишував со најголема топлина, а тој навистина беше многу симпатичен човек, вистински интелектуалец, професор господин. Не се снајде во нашите балкански околности и едвај чекаше да се врати во Русија, каде што го чекаше смртта. Меѓутоа, тие и такви текстови – како што се напишани – не можат да се објават. Ми здодеа сам да се цензурирам со години“.

Во тоа време, Крлежа – според Богишиќ – бил „повеќе уредник на сопственото веќе објавен опус, отколку активен литературен глас, ерудит кој повремено се јавува како арбитер на естетските, книжевните и културните прашања. Во неговиот гест едвај да има не само полемички, туку и остатоци од таа творечка енергија, занесната енергија со која некогаш се закотви во самата срж на современото обновување на националниот канон“.

***

Под туторство на партискиот апарат по 1945 година, Крлежа учествува во јавниот живот. Држи реферат „Книжевноста денес“ на Конгресот на писателите во Љубљана и на Собирот на мирот во Загреб има презентација за литературата – „ангажиран сум – вели – идеолошки… но како белетрист молчам“. Значи, цели 20 години. „Во декември 1939 година – објаснува Крлежа – излезе последниот број на ‘Печат’ со мојот текст ‘Распад на паметта’ и оттогаш, што се однесува до мојата белетристика, молк. Молк цели дваесет години“.

Во партијата никогаш не му беа заборавени судирот на книжевната левица и неодењето во партизани во 1941 година. Не само во КП на Хрватска, туку и во КПЈ/СКЈ. Во 1950-тите, студентите на Универзитетот во Белград ги читаа делата на Крлежа. Група активисти организираа академија посветена на 60-годишнината од раѓањето на Мирослав Крлежа на Коларчевиот универзитет. На академијата говореше поетот Оскар Давичо и беше испратена порака до Крлежа. Тој го изрази своето задоволство, но истакна дека му е жал што пораката не е доволно писмена. Но, високиот партиски и државен функционер во Србија, Милош Миниќ, тогаш им забележа на студентите за организацијата на академијата, велејќи: „Болниот Владимир Назор отиде со нас во 1941 година, а Мирослав Крлежа не“.

Врската на Мирослав Крлежа со Јосип Броз Тито беше обострано реалистичка и подеднакво без илузии: Тито и Крлежа на 4 август 1950 на Бриони

Тоа траеше. Во април 1968 година, Мирослав Крлежа запишува како Младен Ивековиќ му донел „невралгично поглавје за ‘Печат’ од ракописот на својата книга ‘Левата интелигенција меѓу двете светски војни’“, тврдејќи дека „таа свињарија му е подметната“. Ставајќи ги тие страници од ракописот на увид на Крлежа, Ивековиќ сакаше да се заштити. Му беше, важно книгата да се објави. За нејзино повлекување од печат немаше сила. Крлежа се прашуваше „кој бара и кој може да бара од него да напише нешто што не е точно? Врз основа на што?“

А на погребот на Мирослав Крлежа, високите партиски и државни функционери од Југославија и Хрватска, Владимир Бакариќ, Јаков Блажевиќ, Душан Драгосавац, Цвијетин Мијатовиќ во своите проштални говори го споменаа разидувњето на Крлежа со партијата во 1928 и 1941 година.

***

Крлежа бил свесен за својата позиција. Тој во својот дневник напиша: „Што не беше веќе забрането во врска со моите текстови и поради нив? ‘Слобода, вистина’, ‘Пламен, Галиција’ (1917-1927), девет книги од изданието на ‘Минерва’ со моите собрани дела, ‘1001 смрт, 1000 најубави романи’ (1928), Eppur si muove (1938), ‘Книга на студии и патописи’ (1939), ‘Десет хрватски години’ (1937), ‘Филип Латиновиќ’ и сите девет книги на Библиотеката на независни писатели (1931), првите две книги на ‘Глембееви’ (1945 г. ) итн“.

Под притисок беа и издавачите на делата на Крлежа: „Шефот на шестгојануарската диктатура, Јанко благородниот Бедековиќ, му се закани на Вук Симоновиќ на благородниот Вукановиќ, сопственикот на книжарницата ‘Минерва’, дека ако не го прекине натамошното објавување на моите собрани дела ќе запали оган под петиците, а не само на книгите. Така и направи и ‘Минерва’ се предаде кај деветтата книга“.

Мирослав Крлежа секогаш предизвикуваше контроверзии и поделби во партијата и во општеството. Тоа нема да се промени во неговиот живот. Но, ни по неговата смрт

Но, тоа продолжи и после шестојануарската диктатура, во диктатурата на пролетаријатот. За негативните реакции за Марин Држиќ, Крлежа пишува (26.10.1967): „Со години се прашуваме, кому му пишувавте? Се прашувам и кога ќе дојде некое проклето време кога никој нема да ме праша зошто – баш денес го напишав ова, или она… Станува збор за некое елементарно недоразбирање меѓу мене како писател и околината, за која наводно пишувам. Погрешни се претпоставките и погрешни се заклучоците, па себеси се прашувам, каде по ѓаволите паднав во нашата синагога? Според сето се чини дека сум безнадежен случај. Читањето на моите ракописи, непрегледната архива на овие глупости, испечатени по повод моите текстови, се магазин на моите заблуди и левите и десните промашувања“.

Навистина, ова трајно недоразбирање меѓу писателот и околината, меѓу она што го напишал и она што се очекуваше да го напише, предизвика кај Мирослав Крлежа – замор.

Несовладливо недоразбирање меѓу колективизираното мнозинство и писателот како поединец, кој може да направи нешто што сите други не можат: „Тешко е да се пишува книга овде – вели Крлежа – а особено, не дај Боже, да се биде композитор“.

***

Познатиот писател, ерудит, интелектуалец, левичар – Мирослав Крлежа секогаш предизвикуваше контроверзии и поделби во партијата и во општеството. Тоа нема да се промени во неговиот живот. Но, ни по неговата смрт. Без разлика на конфликтите во пресрет на Втората светска војна, Крлежа ќе ѝ биде потребен на КПЈ кога ќе дојде на власт. Особено по конфликтот со Сталин во 1948 година. Тогаш Крлежа станува важна идентификација на Југославија пред Западот. Нему му беше доверено да ја организира изложбата на средновековната уметност на Југославија во Париз, а потоа да раководи со Лексикографскиот институт во Загреб и да работи на Енциклопедијата на Југославија. Овој голем културен зафат имаше за цел обединување преку соработка на републиките. Тоа подразбира пречистеност напоимите, веродостојност на критериумите и фактите без ригидна идеолошка евалуација. Колку можеше да се смета на тоа во Југославија по Втората светска војна? Споменатиот потфат не можеше да се замисли без Мирослав Крлежа, а ќе се покаже дека и кај него се реализираше со тешкотии (Мирослав Крлежа, „Маргиналии 1000 избрани коментари на текстови за енциклопедија на ЈЛЗ“, 2011). Како главен уредник, Крлежа многу упорно ја надмина неспособноста на авторите на прилозите, но и претензиите на републиките. Редукцијата на минатото ги одразуваше, всушност, различните сфаќања за југословенската држава, односно различните очекувања на републички редакции во поглед на застапеноста. Од оваа гледна точка, работата за југословенските енциклопедии сè уште заслужува сериозно проучување.

***

Со автономијата што ја дозволуваше политичкиот монопол на КПЈ/СКЈ, Крлежа со својата интелектуална супериорност постепено стана арбитер не само во книжевните прашања, туку и во институциите во културниот живот на Хрватска и Југославија. Хрватските историчари велат вертикала. За ова секако придонесе врската на Мирослав Крлежа со Јосип Броз Тито. Обострано реалистичка и подеднакво без илузии. Донекаде таков беше само односот меѓу Јосип Броз Тито и Коча Поповиќ. На Тито му требаше Коча како креатор на филозофијата на вонблоковската надворешната политика на Југославија: оддалечување од моделот на советскиот социјализам, свртување кон Запад, соработка со земјите кои се ослободуваа од колонијализмот и развиваа политика на неврзаност во која Југославија би играла водечка улога.

Влијанието на Мирослав Крлежа беше многу пошироко. „Беше заштитен – како што вели Крешимир Немет – од секаква сериозна критика од непробојна мрежа: режимот на кој му припаѓаше, институциите, почестите и позициите. Беше тешко, понекогаш речиси невозможно, да се одолее на неговото моќно влијание. Афирмацијата и идолопоклонството беа сфатени како conditio sine qua non на самокритичка практика. Постепено и јасно се формулираше крлежијанство како своевиден национален култ израснат на дисциплинирање и стравопочит, што е единствен културен феномен, незабележан во нашата интелектуална историја“.

До преиспитување на култот на Мирослав Крлежа дојде уште за време на неговиот живот. Станко Ласиќ, според Немец, „најдобриот познавач на животот и делото на Крлежа“, за време на животот на Крлежа пишуваше за нелагодноста на секој почитувачна делото на Крлежа кога ќе се најде пред мит, или статуа околу која владее или тишина или темјан“. Меѓутоа, по смртта на Крлежа, демитологизирањето се претвори во негација и отфрлање. Како да се објасни тоа? Барањето одговор, според мене, бара анализа на односот на Мирослав Крлежа спрема Јосип Броз Тито, а потоа и на политичкиот и културниот контекст во кој е создаден „култот на Мирослав Крлежа“. Врската со Јосип Броз Тито беше своевидна заштита за Мирослав Крлежа и од десницата, која секогаш го обвинуваше за кроатофобија, и од левицата, која никогаш не го заборави неговото одвојување од зададената партиска линија. Значи, се очекуваше по смртта на Мирослав Крлежа тој да биде демитологизиран. Но повеќе за тоа подоцна, а прво за крлежјанството и Мирослав Крлежа како институција. (Продолжува)