Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (6)

Југославија ѝ припаѓа на историјата

Национализмот на просторот на поранешна Југославија беше историски заснован. Единствената традиција е национализмот. Нема социјална и парламентарна традиција. Она што остана беа поделбите што се појавија и се манифестираа во Втората светска војна. Овие проблеми беа скротени на некој начин, но не и решени

Драган Штављанин

Процесот на конституирање на јужнословенските народи како модерни нации покажа голема жилавост. Но промените во светот се многу големи и ако не учествуваме во нив, ризикуваме да останеме на маргините

Значи, најголемата „грешка“ на Тито, како што вели Сабрина Рамет, е што умрел. Смртта на авторитарен лидер не беше искористена како можност за реформи, туку духовите на национализмот и минатото излегоа на површина со пароли и теории во Србија дека политиката на Тито била „слаба Србија – силна Југославија“, дека Србија ја жртвувала својата државност, се појавува Меморандумот на Српската академија на науките и уметностите, како нова националистичка програма. Од друга страна, во Хрватска и Словенија се тврдеше дека Југославија е „вештачка творба“.

Севкупно, 1980-тите докажаа дека национализмот – кој постоел цело време во одредени форми, дури и за време на социјалистичка Југославија – е единствената остварлива, жилава и ефективна идеологија. Дали сè што се случи со распадот на Југославија и војната во многу аспекти беше предодредено од процесите од самиот почеток на првата Југославија или можеше да биде поинаку?

Национализмот беше историски заснован. Слободан Јовановиќ го опишува преминот од 19. во 20. век како состојба во која единствената традиција е национализмот. Нема социјална и парламентарна традиција.

Она што остана, секако, беа поделбите што се појавија и се манифестираа во Втората светска војна. Сепак, овие проблеми беа скротени на некој начин – многу повеќе отколку решени. Мислам дека во комунистичкото движење беа отстранети оние струи кои се залагаа за договор и рационално решение, па пропадна еден културен и цивилизациски проект.

 

Извинете, зборуваме за политичките елити, но зошто тоа се одрази и на интелектуалните елити кои ја создадоа, на пример, спорната програма на Српската академија на науките и уметностите, која се смета за темпирана бомба и причина на многу последователни настани, или словенечката национална програма објавена во списанието „Нова ревија“? Зошто сите националистички програми прво се артикулираат во интелектуалните кругови?

Постои многу тесна граница меѓу политичката и интелектуалната елита. Ако зборуваме за генерацијата која му припаѓаше на комунистичкото движење пред Втората светска војна, која ја водеше и победи таа војна, има многу мала разлика меѓу политичката и интелектуалната елита.

Српската академија на науките постигна еден вид симбиоза. Тој Меморандум беше прифатен како национална програма бидејќи Академијата имаше голем авторитет, што овозможи да биде широко поддржан во општеството.

Други тоа го сфатија како најава за војна, особено кога Меморандумот со доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ, кој беше перципиран како водач на српскиот народ, доби и политичка легитимација, започнувајќи ја војната со илузија дека може да трае кратко, дека нема да остави таков пустош.

Ова ја објаснува не толку одговорноста, туку ситуацијата во која се наоѓаме денес како општество со многу старо население, во кое младите не гледаат перспектива.

 

Дали распадот на Југославија може да се објасни и со неуспехот да се конституира како политичка заедница, се разбира, демократска, како еден вид модерна, инклузивна национална држава, чиј идентитет концептуално и структурно ги надминува различните нации кои ја сочинуваа?

Па, мислам дека процесот на конституирање на јужнословенските народи како модерни нации покажа голема жилавост.

Слободан Милошевиќ за време на обраќањето на насобраниот народ во Белград на 19 ноември 1988 откако Албанците во Косово излегоа на протести против репресијата

 

Дали тоа значи дека идејата за југословенство била илузорна?

Како државна идеја во смисла дека не го запира процесот на национална интеграција што води кон создавање посебни држави – мислам дека тоа е повеќе или помалку јасно по нејзиното исчезнување.

 

И така стигнавме до каде што сме – во 2018 година (кога е правено интервјуто – н.з.). Проблемот е што државата се распадна во крв и што сѐ уште не е решено ниту едно прашање. Процесите што траат по распадот на југословенската држава продолжуваат. Национализмот, кој е главната причина за распадот на Југославија, сè уште е доминантен, како во односите меѓу земјите од регионот, така и во секоја од нив, што се рефлектира во односот на мнозинството против малцинските народи. Дали распадот на Југославија е трагедија чиишто најлоши последици сè уште не се манифестирале целосно?

Овие последици што се манифестираа досега се длабоко трагични сами по себе: мислам на човечки жртви и материјално уништување. Војната е многу скапа работа и е еден од најдолгите вооружени конфликти што се воделе овде. Следеше наше исклучување од светот и затворање. Тоа е тешко надоместливи последици и мислам дека дури кога патувате низ поранешна Југославија, запознавате луѓе, разговарате со нив, ги слушате нивните лични судбини, дури тогаш се под површината се наѕира длабочината на човечката трагедија за која зборувате.

Кое е рационалното решение? Овие земји можеби имаа и една илузија – поттикната од падот на Берлинскиот ѕид, исчезнувањето на Советскиот Сојуз – за брза интеграција во Европа. Тоа се покажа како многу тежок и несигурен процес, кој е во судир со историските традиции. Додуша, се прокламираа некои решенија, кои се објаснети со оглед на тежината на ситуацијата во која се најдоа народи и поединци во земјите од поранешна Југославија, но сета таа историска инерција, сето тоа минато, како што рекоа Германците, одбива да се предаде.

 

Дали живееме во некаков вид регресија? Сега сме сведоци на еден вид лелекање и тага – дека Југославија ја сонувале најдобрите, а дека ја уништиле најлошите, дека била сериозна цивилизација, дека била „Европската унија во мало“ или Европската унија пред Европската унија за нашиот простор. Исто така, дека сега живееме во некаква антицивилизација, дека скапо ги плативме сите овие држави, дека по распадот на Југославија, која претставуваше сериозен меѓународен фактор, на нејзиниот темел се појавија мали држави на кревка демократија, со национализам како единствената артикулирана идеологија и смисла на постоењето.

Значи, дали ние, парадоксално, и покрај тоа што некои од овие земји се веќе во Европската унија, некои се на пат – во историска смисла, назадуваме?

​Мислам дека се во тек различни процеси. Многу е тешко да се поништат некои достигнувања кои биле постигнати во текот на животот на таа југословенска држава, како што се: индустријализацијата и економскиот развој, образованието на сите нивоа, напредокот во културата и науката, подигањето на здравствена култура што влијаеше на продолжување на животниот век и на мажите и на жените. Конечно, таа поголема отвореност кон светот. Без разлика на сите недоразбирања, разни монополи, тешко е да се негира напредокот. Но, во однос на тоа има одредено уназадување, што беше предизвикано од колапсот на државата и војната, како и длабоката недоверба.

Бидејќи Југославија сѐ повеќе му припаѓа на минатото самиот тој факт овозможува критички разговор и размислување за неа

Овде се зборува за помирување, што е многу важно од гледна точка на владејачките елити, како интерес на луѓето кои сакаат да живеат во мир, но мислам дека оваа недоверба е сè уште многу длабока – сите овие земји се во фазата на нивна консолидација, често со помош на авторитарен метод на владеење и насилство – со страв дека овие конфликти ќе се обноват. Сè додека живеат тие парадигми за потребата ние да се грижиме за секој свој поданик, а не овие општества да се развиваат како демократски и граѓански – таа претпазливост ќе постои.

Има и други сили кои дејствуваат, како што се црквите и надворешните фактори, па затоа е важен момент кога се приближуваме до крајот на тие илузии. Вистина е, побавно бараме одговори на овие прашања, побавно формулираме алтернативи, но принудени сме да ги бараме, бидејќи промените во светот се многу големи и ако не учествуваме во нив, ризикуваме да останеме на маргините.

 

Две Југославии исчезнаа, дали со нив умре идејата за југословенството како симбол за поврзување и соработка на народите од овие региони, особено што тоа е еден од предусловите за членство во ЕУ?

Мислам дека оваа идеја се одржува во различни варијанти, можеби преку негативен однос кон Југославија кој владееше до неодамна. Сепак, нешто малку се менува во оваа прослава на 100-годишнината од нејзиното постоење, се создава поизбалансирана слика за неа во научна смисла. Сепак, мислам дека сè повеќе ѝ припаѓа на историјата и токму овој факт овозможува критичка дискусија и размислување за неа. Лично, мислам дека терминот регион е премногу….

 

Пежоративен?

Не толку пежоративен колку што е анемичен, има географски карактер и нема никаква социјална и културна содржина.

 

Нема идеја?

Тој нема идеја и, можеби, во оваа неопходност од соработка и мир, не можеме да ги жртвуваме сите овие вредности заради безбедноста. Напротив, тие се услов за безбедност и отсуство на конфликт. Меѓутоа, таквиот пристап, кој штотуку почнува, не гледам дека е прецизно артикулиран и дека нашироко ги мотивира луѓето. (Продолжува)