Српска листа прогласи тридневна жалост за тројцата Срби убиени во северно Косово


 Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, прогласи тридневна жалост за смртта на тројцата Срби, кои беа убиени во Бањска, по нападот врз косовската полиција во неделата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук, партијата го нарече настанот трагичен.

Според соопштението, „во српските средини на територијата на Косово ќе бидат откажани сите забавни настани организирани од органите и институциите на локалната самоуправа, а знамињата на Република Србија во сите институции ќе бидат спуштени на половина копје“.

– Од името на Српската листа и српскиот народ од Косово и Метохија изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, се вели во објавата на СЛ.

Група од над триесет вооружени и маскирани лица рано наутро на 24 септември убија еден полицаец и ранија уште еден во селото Бањска, во северно Косово. Во акцијата што уследи на косовските специјалци беа убиени четворица од напаѓачите и уапсени шест лица. Другите членови на групата, меѓу кои имало и ранети, првично се засолнија во православниот манастир во Бањска, а потоа побегнаа во Србија, соопштија официјални косовски извори.