Средно стручно: „Доста е зборување, од понеделник на работа, па во школо“
Денес околу 13.500 ученици се вклучени во средно дуално образование, во 130 квалификации низ 14 сектори, а овој модел се покажа како успешен и според креаторите на образовниот модел и од бизнис секторот.
Идејата за дуално образование се турка од 2007 година, за во 2017 година интензивно да почне да се воспоставува, кога почна како пилот-проект. Бројот на училишта кои воведоа ваква пракса од осум нарасна на 65, а бројот на компании кои учествуваат во овозможување пракса за учениците од 2020 година досега нарасна од 61 на 900. Во тој период дуалните паралелки од 11 станаа 875 во различни струки.
„Денес околу 13.500 ученици се вклучени во 130 квалификации низ 14 секотори, во 2020 година почнале со 4 квалификации. Имаме 1.500 сертифицирани ментори во компаниите, и 200 верификувани компании“, беше речено на денешната конференција „Револуција во образованието: моќта на дуалното образование во Македонија“, на која во Стопанската комора беа сумирани резултатите.

„Факт е дека дуалното стручно образование е наш успешен образовен модел кој го градиме последниве неколку години и дава одлични резултати. Тие се мерат со сé поголемиот број ученици кои го бираат како и со постојаниот раст на компаниите кои се вклучуваат, што е разбирливо, затоа што е најдобар начин да добијат млад кадар што сами го обучиле“, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на промотивниот настан на кој се говореше за резултатите и прогресот на концептот на дуално образование во организација на Стопанската комора на Северна Македонија.
Вкупниот број на ученици во средното образование во учебна 2025/2026 година изнесува 65.858, од кои 43.187 се во стручно образование, а 21.640 во гимназиско образование, односно приближно 70% од учениците се запишани во стручно образование. Од бројот на ученици запишани во стручно образование, 13.371 се запишани во дуално образование, или приближно 30% од вкупно запишаните во стручно образование.
Министерката во своето обраќање истакна дека Министерство за образование и наука во надградувањето и промоцијата на дуалното образование има одлично партнерство со стопанските комори, германската и швајцарската развојна агенција, Шведска и Австрија, како и со општините, при креирањето на уписна политика според реалните потреби на пазарот на трудот.
– И во новиот конкурс за упис во средно образование, за учебната 2026/2027, фокусот
ќе биде на дуалното образование, а постојните и новите профили ќе ги димензионираме во договор со локалните самоуправи и компаниите, рече Јаневска, напоменувајќи дека очекува истиот успех да се повтори и во високото образование, со стручните студии.
Академската заедница, потенцираше министерката, е подготвена да воведе студиски програми кои ќе бидат продолжение на средното дуално образование, како и интердисциплинарни студии со странски универзитети, студентска размена и заеднички проекти.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески се наврати на почетоците на воведувањето на стручното средно образование, при што признание му оддаде на Драги Милошоски од Битола, доскорашен директор на печатницата „Киро Дандаро“, кој денеска има приватна компанија. Тој на седница на Управниот одбор во кој се договарало како да функционира средносто стручно образование рекол дека „доста зборување, во понеделник кај мене на работа, а од таму во школо“.