Средба на Сојузот на одгледувачите на овци со претставници на АХВ за сипаниците кај малите преживари


Членови на Управниот одбор (УО) на Сојузот на одгледувачите на овци „Модерен овчар“ денеска ќе имат средба со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во врска со болеста сипаници кај малите преживари.

Како што информира членот на УО на Сојузот, Моме Младеновски за МИА, состојбата со сипаниците кај овците во земјава континуирано се следи.

– Состојбата ја следиме постојано, и ние и ветеринарните инспектори, како и ветеринарните друштва. За секој сомнителен случај што ќе го пријават сточарите, веднаш се излегува на терен – истакнува Младеновски.

Досега, како информира, поради сипаници кај овците во земјата, уништени се речиси 2.700 грла.

Според податоците на АХВ објавени на 16 јули, кога се одржа работната средба со претставниците на здруженијата на одгледувачите на овци и Сојузот на одгледувачите на овци на Македонија, од почетокот на овој месец на територијата на Македонија се потврдени 10 нови жаришта на сипаници кај овци и кози: во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, во селото Соколарци, општина Чешиново – Облешево, во селото Бигла, општина Делчево, во селата Малино и Косевица, општина Свети Николе, како и во селото Сопот, општина Куманово. Болеста е потврдена во 15 одгледувачници на овци и 2 одгледувачници на овци и кози.