Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (9)
Србија ја продолжува политиката на Слободан Милошевиќ
Во Србија има луѓе на власт и на јавната сцена кои имаат голема врска со војната. Или беа министри во неговите влади и креатори на закони, или беа негови портпароли. За мене, ориентацијата на Србија кон Европа е прилично неуверлива. Мислам дека тоа е само реторика и дека Србија сè уште е суштински ориентирана кон Русија и дека Русија тоа го користи
Во интервјуто за хрватскиот онлајн магазин „Лупига“, направено од Недим Сејдиновиќ во август 2019 година, Латинка Перовиќ ја објаснува технологијата на смената на српските либерали и лидерите на Хрватската пролет и улогата што ја одигра Тито. Деталите што ги соопштува се важни за да се добие слика како функционираше Југославија во последната декада од владеењето на Тито. Ова интервју го објавуваме во три продолженија. Ова е третотот. Во него Перовиќ зборува Србија, нејзиниот национализам, врските со Русија и отстусвото на визија.
Да се вратиме на потенцијалните наследници на Тито. Значи зад кулисите постојано се водеше битка за неговото наследство?
Коча зборуваше дека никогаш немал вистинско објаснување зошто Тито ја изврши политичката ликвидација на Александар Ранковиќ со кој беше многу близок. Мислам дека на тоа се одлучи во моментот кога претчувствува дека српскиот национализам во сојуз со Русија веќе почнува да калкулира со Ранковиќ како негов наследник. Тој беше свесен дека Ранковиќ има контрола над безбедносните служби и дека се обидува да го освои Министерството за надворешни работи. Треба да ги прочитате и дневниците на Ќосиќ, кои ги сметам за многу важен извор. Тој е воодушевен од Тито, пишува дека не спиел цели ноќи затоа што на петтиот конгрес имало пет гласа против Тито, а потоа патувал со него во Африка и полека почнал да калкулира кој ќе биде наследникот на Тито. Проблемот со наследството игра огромна улога и во тоа ја гледам големата одговорност на Тито, која тој не ја почувствува како државник. За време на судирот околу амандманите, Тито го прими Никезиќ, а овој му рекол: Слушајте, другар претседателе, добро би било да останетепретседател на државата, бидејќи ја симболизирате Југославија, нејзината обнова, ослободителната војна, но партијата да му ја препуштите на некој друг на некој друг. Можеби на Кардељ. Тито рече дека и тој размислува за тоа. Кога Никезиќ дојде на состанокот на српското раководство и го кажа ова, сите молчеа. Никој не рече – добро е што го предложивте. Никој не сакаше да ризикува. После тоа, Тито не се врати на тоа. Тој се согласи да биде доживотен претседател. Тоа е веќе фаза на опаѓање. Уставот од 1974 година, според мене, беше последица на психолошката потреба на републиките да се обезбедат за периодот после Тито – да се создадат национални, републички држави и да се има федерација заснована на принципот на паритет, но концентрирана на сосема предвидливи функции. Тито секако е голем државник на дваесеттиот век, но му недостигаше државничко провидение – што после него! На крајот од животот се врати кон Советскиот Сојуз. Одеше на разговори во Москва, без никој овде да знае дека тоа се случува.
Српскиот национализам, на чело со Добрица Ќосиќ, има исклучително важна улога во периодот по смртта на Тито, до денес. Добрица Ќосиќ, ако не се лажам, тврдеше дека Србите треба да се вратат во 19. век за да го завршат тоа што тогаш не го направиле?
Да, вие го отфрливте комунизмот, но се вративте во 19. век. Ќосиќ во своите дневници пишува дека треба да се вратиме во 19. век за да се создаде држава за сите Срби и да се реши српското прашање како државно прашање. Но чекајте, па тоа е решено! Ти си во Југославија, не можеш да доминираш, не можеш да имаш хегемонија! И тогаш Добрица Ќосиќ вели, по 1968 година: ќе војуваме со Хрватите, муслиманите и Албанците. Па зарем не одеше по тој редослед? Кога ќе ја погледнете антибирократската револуција и интелектуалната подготовка за неа, кога ќе го погледнете меморандумот што ги исплаши другите во Југославија, кога ќе ја земете предвид мобилизацијата на масите во Србија и инструментализацијата на Косово, што друго можеше Милошевиќ друго да направи освен да влезе во војна за територии. Јас така ги гледам работите и ми се чини дека историските извори зборуваат за тоа.
Без разлика на војната, југоносталгијата и титосталгијата јакне дури и во западните земји од поранешна Југославија. Како да се објасни? Како гледате на феноменот југоносталгија?
Југославија исчезна во страшна војна, со многу жртви. Југославија беше земја на надеж за земјите од Источна Европа. Луѓето патуваа, се вработуваа, градеа викендички, одеа на море, се лекуваа, ги школуваа децата. Може да се каже од филозофска гледна точка: добро, тоа не е среќа во никаква апсолутна смисла, но за обичниот човечки живот тоа е многу. Живеевме поинаку од Романците, кои го препливуваа Дунав и остануваа, од Унгарците и Полјаците, кои бегаа од кризата. Тоа беше еманципаторски процес, по кој западнавме во некакво дивјаштво, кое се спротивставува на модернизацијата и европеизацијата. Покрај тоа, социјалните врски беа поотворени, имаше значителен развој на полето на културата. Имаше и репресија, но таа беше непропорционална со подемот на културата и уметноста. Ги имавте и оние иницијативи кои беа исклучително значајни и не го негираа постоењето на различни народи во Југославија, на пример, енциклопедискиот труд на Крлежа. Тогаш имавте големи културни настани. Имаше широка комуникација во културниот простор. Првата Југославија ја создаде рамнотежата на силите, таа од почетокот беше контрадикторна и се карактеризираше со насилство и корупција, во која учествуваше и самиот кралски двор. Национално-ослободителното движење, пак, доведе до помирување на народите, бидејќи во спротивно тие меѓусебно ќе се уништуваат. Имате формална федерација, која е далеку од вистински централизам, постепена еволуција преку постојани уставни промени. Еден американски историчар вели дека од 1945 година до нејзиниот колапс, Југославија барала форма на одржливост. Имаше два концепта: или ќе бидеш високо централизирана, унитарна земја, каква што заговараа Србите, или ќе бидеш сложена држава.
Дали Србија сè уште го сонува тој неостварен, великодржавен сон?
Кога започна кризата, југословенскиот министер за одбрана Вељко Кадиевиќ отиде на средби во Русија, без знаење на сојузната влада и нејзиниот тогашен претседател Анте Марковиќ. Кога Марковиќ рече дека поради ова ќе го постави прашањето за оставка на Кадијевиќ, претставникот на Србија во Сојузниот извршен совет рече дека не би го советувал да го стори тоа, бидејќи на крајот ќе се случи Марковиќ, а не Кадиевиќ, да поднесе оставка. Србија сметаше на помошта на Москва и не очекуваше распад на Советскиот Сојуз. Иако имаше различни тенденции во прашање, Србија на некој начин е врзана за државниот социјализам. Имате еден говор на Никезиќ, во кој тој зборува за социјализмот како начин да се одржи големосрпскиот национализам. Таа парадигма е жива и денес. Србите се фрустрирани, поради својата одговорност ја изгубија Југославија. Во исто време, тие ги мобилизираат тие делови од српскиот народ во Босна, Хрватска и на други места, ветувајќи помош, држејќи ги во некакво единство, повикувајќи ги нивните претставници овде. Извинете, што е тоа освен еден вид непроспиен големодржавен сон што предизвикува недоверба на другите?
Често патувате во земјите од поранешна Југославија – Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска. Кога би правеле споредба во политичките и општествените процеси, што би било заедничко, а што различно?
Последиците од војната се чувствуваат насекаде. Исто така, во сите земји допрва треба да се достигне нивото на кое беа делови од Југославија во 1989 година. Војната е скапа: таа вклучува уништување на човечки и материјални ресурси. Дополнително, тоа води до демографски промени, миграција, бегство на квалификувани луѓе. Односот кон Европа е различен во овие земји. Словенија е европска држава, мала самодисциплинирана нација, многу конструктивна. Во Хрватска има различни тенденции, но таа никако не е усташка држава. И таму постои ревизија на историјата, но имате широк спектар на ориентации и се чувствува дека таа е дел од ЕУ. Босна, се разбира, е етнички многу поделена. Бошњаците можеби се оптоварени со позицијата на жртва, но имаат нова елита. Тие се обвинуваат себеси што малку лобираат во Европа и светот за Босна и Херцеговина. Црна Гора, според мене, доживува многу видливи промени, кои ги чувствувате штом ја преминете границата. Мојот син сака да каже дека сум премногу критична спрема Србија, но неодамна, кога се враќав од Хрватска, сите можеа да забележат по квалитетот на патот кога влеговме во Србија. Во Црна Гора се уште трае борбата за зацврстување на државата, но промените се видливи. Конечно, таа промена е на некој почеток и во Македонија. За разлика од Црна Гора, тие немаат отворено прашање за државноста.
А како изгледа денес Србија на Александар Вучиќ?
Ниту историски ниту теоретски не гледам дека дошло до дисконтинуитет со времето на Слободан Милошевиќ, СПС и војните. Конечно, во Србија има луѓе на власт и на јавната сцена кои имаат многу врска со војната. Или беа министри во неговите влади и креатори на закони, или беа негови портпароли. За мене, ориентацијата на Србија кон Европа е прилично неуверлива. Мислам дека тоа е само реторика и дека Србија сè уште е суштински ориентирана кон Русија и дека Русија тоа го користи. Русија е секогаш присутна на Балканот и никогаш не го негираше тоа. Погледнете само како се однесуваат руските амбасадори во Белград. Србија е карактеристично големо насилство. Локалните заедници се затворени, управувани од некои кабадахиикои имаат врски со врвот на владејачката партија, поседуваат пари и моќ. Од локалната самоуправа нема ништо. Опозицијата не нуди нови ориентации, алтернативи, а самата е окупирана со просторите во кои живеат Срби. Сето ова го гледам како опасна историска регресија. Ако се погледне односот на Србија со светот, за тоа најдобро зборуваше главниот обвинител на Хаг, Серж Брамерц, кој предупреди да не се негираат извршените злосторства и да се рехабилитираат оние кои издржаа казна за воените злосторства и се вратија. Институциите се уништени, тие сведочат за тоа дека нема демократизација на општеството. Надлежните луѓе, како што е поранешниот комесар за информирање од јавен карактер Родољуб Шабиќ (кој одлично си ја вршеше работата), постојано излегуваа или излегуваат со информации дека назадуваме. Важен индикатор е континуираното заминување на младите. Ги следам тие студии. Главниот проблем веќе не е егзистенцијалниот, односно вработувањето, туку луѓето едноставно не ја поднесуваат оваа атмосфера, немањето надеж, непочитувањето. Јавниот јазик е страшен. Каде имате – па тоа не беше ни во најлошиот авторитаризам – шефот на државата да обвини локален функционер, избран на избори, дека е крадец, а потоа неговите трабанти ја шират веста преку социјалните мрежи. Тоа е уништување на сите форми, уништување на демократскиот потенцијал. Ги разбирам луѓето што протестираат, иако мотивите се различни. Академскиот дел од народот што протестира нема никакво учество во власта. Порано стручната јавност нешто значеше овде, но сега во овој раскопан Белград тоа не значи ништо. Владата создава своја елита, се произведуваат дипломи и докторати без покритие. Тоа е интелектуален и морален пад кој никако не ветува сјајна перспектива. Јавниот јазик е она што ја дешифрира власта во оваа земја, но и опозицијата. На тоа лексичко ниво тие некако престануваат да се разликуваат.
Дали мислите дека сѐ понегативните оценки за политиката на Александар Вучиќ кои доаѓаат од ЕУ, но и од други западни институции и организации, најавуваат промена на нивната политика кон Србија? и како генерално го оценувате фактот дека без разлика на сето она што го посочивте, ЕУ го поддржуваше Вучиќ и сè уште го поддржува во добра мерка?
Мислам дека Европа се сомневаше дека е во прашање само реторика. Конечно, има индикатори: растот на корупцијата, ужасната состојба во медиумите, статусот на граѓанските права, статусот на малцинските права. Потоа, како што реков, јавниот јазик. На пример, поистоветувањето на Хрватите со усташтвото е многу опасно за нашите идни односи. Говорот за Албанците е расистички говор. Мислам дека тоа се нештата кои работат против нас. Мислам дека меѓународната заедница, со сите тие превирања во неа, го гледа сето ова: нашето неразбирање на Европа, кое бара формула помеѓу сложеноста и целината, она наше посакување Европа да пропадне, она наше потврдување дека не треба да губиме време со Европа, дека воопшто не треба да влегуваме во неа… Се плашам дека нивната проценка за реалната состојба во Србија е многу полоша отколку што се чини врз основа на официјални изјави и дека се плашат од хаос овде. Затоа ваквата одредување спрема сегашниот режим и сегашната политика. На некој начин, тие дипломатски се обидуваат да ги насочат работите.
Значи, тие сакаат да спречат поголема штета?
Се плашам дека за тоа се работи. И второ, тие имаат свои проблеми. Никогаш не сум бил застапник дека Европа треба да направи нешто наместо ние. Доволно е што помага процесот на модернизација, ние живееме од нејзините средства, а не само ние. Чекајте, а каде се нашите внатрешни напори? (Продолжува)