Србија има програма за враќање на село, им купува куќи на млади семејства


Српскиот министер за рурални прашања, Милан Кркобабиќ, денеска изјави дека се одобрени средства за купување на уште 209 куќи за враќање на младите брачни парови на село, што значи дека во рамките на програмата се купени вкупно 3.309 куќи.

„Најголем број куќи повторно има во Сомбор. Тоа е град во кој очигледно се собираат млади луѓе, досега само таму се всели 201 семејство“, рече Кркобабиќ по денешниот состанок на Комисијата за распределба на рурални куќи со градина. Според него, најатрактивно село и натаму е Бачко Петрово Село, кое со дополнителни осум куќи ја достигна бројката од 98 куќи кои се доделени по оваа програма.

„Ама и југот не заостанува – Неготин пет куќи, Владичин Хан пет куќи, Прокупље четири куќи, Блаце четири… сите заедно годинава 650 нови куќи добија станари, млади. Овој пат имаме и семејство со дури шест деца кое оди во Буџановци“, рече Кркобабиќ.

Министерот истакна дека акцијата продолжува со желба сите делови на Србија да станат интересни за живот за младите. Како што беше нагласено, наскоро жителите на селата во 66 општини и градови, од Шид и Кикинда, преку Аранѓеловац и Ваљево, на кои ова се први апликации годинава, ќе добијат нови соседи, па се до Пирот и Димитровград.Меѓу денешните добитници се и неколку семејства со пет деца, а 11 семејства имаат по три деца.

„Најголемото домаќинство, со површина од 281 квадратен метар, се наоѓа во Српски Крстур, општина Нови Кнежевац и е наменето за млад земјоделец, додека најголемата парцела, нешто повеќе од половина хектар, ќе му припадне на брачен пар во Владимирци“, рече агроекономистот и заменик претседател Комисија за доделување куќи Милан Простран.
Тој додаде дека најевтиниот дом, вреден околу половина милион динари, и овојпат е во Житиште.