Србија и Косово: 25 години од убиството на Адем Јашари
Пресметката на српската полиција со семејството на Адем јашари кај Дреница беше пресвртниот момент на косовската битка за независност. Оттогаш борбата се засили, а не стивна

Бесарта имаше 10 години кога српските сили ѝ го убија целото семејство.
Таа е единствената преживеана од акцијата на специјалните единици на српската полиција, спроведена далеку од сите очи од 5 до 7 март 1998 година во селото Доњи Преказ во Косово, во првите недели од конфликтот меѓу безбедносните сили на Србија и вооружените борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
За време на нападот беа убиени повеќе од 50 луѓе, членови на потесното и поширокото семејство Јашари, меѓу кои и вујкото на Бесарта, Адем Јашари, тогашниот командант на герилската ОВК.
Бесарта за Светскиот сервис на Би-Би-Си во 2015 година изјави дека нејзината мајка, сестрите, бабата и братучедите биле исто така во селската куќа во планинската област Дреница во централниот дел на Косово.
„Се сеќавам како мајка ми цврсто нѐ гушкаше, за да не се плашиме, и ни даде леб и вода“, вели Бесарта, која сега има 35 години.
Кога по експлозии на бомби, гранати и неколкудневна размена на оган, српските сили се приближиле до куќата, Бесарта се сокрила под креветот и цело време гмечела леб во рацете.
Не беше ни изгребана, но сите околу неа беа мртви.
Во истата просторија лежеше телото на убиениот Адем Јашари и неговата сопруга.
За Албанците во Косово, Јашари е симбол на отпорот кон режимот на Слободан Милошевиќ и легендарен командант, чие име го носи аеродромот во Приштина и фудбалскиот стадион во Митровица.
За Србија, Јашари беше водач на „терористичка група“ која го злоупотреби сопственото семејство користејќи го како жив штит во акцијата во Дреница, според Белград, центар на албанските сепаратисти.
Акција со непредвидени ефекти
Размената на оган кај градот Србица, кој Албанците го нарекуваат Скендерај, беше и останува легитимна антитерористичка акција за српските власти, иако во неа загинаа и жени и деца.
„Таа акција во прицип беше спроведена според сите правила, сите знаеме кој беше Адем Јашари, дека беше терорист, криминалец, убиец, крадец, кој им правеше проблеми и на Србите и на Албанците. Знам дека кога заврши таа акција, многу Албанци во населбите Геца и Горни Преказ славеа, затоа што им влегол дома, им ги силувал сопругите и ќерките, тоа беше криминалец пар екселанс“, вели Горан Радосављевиќ Гури, пензиониран полициски генерал кој учествуваше во акцијата, за Би-Би-Си на српски.
Би-Би-Си не можеше да добие независна потврда за сведочењето на Радосавлевиќ.
Историјата на семејството Јашари е длабоко вкоренета во борбата за слобода, но улогата на ова семејство, „особено Адем Јашари, беше многу голема во обединувањето на политичките и воените фактори на Косово“, вели поранешниот припадник на ОВК, Даут Харадинај.
„Имав среќа добро да го познавам војсководецот Адем Јашари и неговото семејство. Тој беше мудар, решителен, прагматичен и визионер“, вели Харадинај во писмената порака до Би-Би-Си на српски јазик.
По акцијата во Дреница секојдневие се вооружените судири меѓу безбедносните сили под команда на Слободан Милошевиќ и ОВК, а следната година, во 1999 година, НАТО почна да ја бомбардира тогашната Сојузна Република Југославија.
На местото на страдањата на семејството Јашари е изграден меморијален комплекс кој секоја година го посетуваат највисоките косовски функционери, а во Косово речиси и да нема место каде што не е поставен споменик на Адем Јашари.
Кога неодамна му е обележан неговиот роденден во државен празник, претседателката на Косово, Вјоса Османи, истакна дека беше „одлучен, храбар и борбен“.
„Тој еднаш влезе во историјата за да остане засекогаш и да биде запаметен особено на 28 ноември, заедно со Денот на албанското знаме и Денот на независноста – еден ден и три историски датуми. Адем Јашари е херојот на нашето детство“, рече Османи, оддавајќи почит пред гробовите на семејството Јашари во Преказ.
Кој беше Адем Јашари?
Адем Јашари е роден 1955 година. Завршил средно техничко училиште.
Неговиот татко Шабан Јашари бил првиот учител во Дреница по Втората светска војна, изјави за агенцијата Анадолија еден од потомците Беким Јашари. И тој својот живот го посветил и на борбата за слободата на Албанците, за што бил гонет и затворан, а бил и еден од учесниците во демонстрациите во 1968 година.
По стапките на нивниот татко ќе тргнат и неговите синови Хамза и Адем, кои беа меѓу организаторите на албанските демонстрации во Косово против одземањето на автономијата од оваа покраина во 1989 година.

Според сведочењето на Беким, Адем Јашари отишол во Албанија на воена обука во 1991 година, поради што полицијата кон крајот на декември истата година за првпат ја опколила и нападнала нивната семејна куќа. „Оттогаш Адем со пушка во рака ја шири својата група и ги мобилизира Албанците низ Косово“, вели Беким.
Во јули 1997 година, заедно со 14 други косовски Албанци, Јашари беше осуден во отсуство во Приштина, а некои меѓународни невладини организации го опишаа процесот како политички.
„Тој беше првиот одметник, првиот човек кој беше надвор од законот и ја основа ОВК“, вели Неџмедин Спахиу, косовски политички аналитичар.
Припадниците на ОВК во тие месеци сѐ почесто напаѓаа полициски станици, за што српските власти се сомневаа и во Јашари. Затоа, како упориште на бунтовниците, во јануари 1998 година на мета на полицијата беше и семејната куќа Јашари, но потоа Адем и дел од борците побегнаа во шумата, а две малолетни девојчиња од семејството Јашари беа силувани, вели Спахиу.
Беше голем срам за албанското семејство и Адем Јашари реши да не бега, дури и сите да се жртвуваат, забележува тој.
Затоа може целото дејствие, но и на личноста на Јашари да се гледа низ различни призми, посочува Спахиу. „Ако се гледа од позиција на интереси на Косово, тој е главниот национален херој бидејќи го прекина стравот од Албанците и ја започна борбата за слобода. Ако го гледате од српска страна, тој е виновен што Србија изгуби дел од својата територија“, вели Спахиу.
Ако, пак, гледаме од човечка страна, Јашари е човек кој го бранел сопственото огниште и правата на сопствениот народ, додава тој.
„Сепак тој е жртва, од човечка страна, затоа што се жртвуваше. Тој не отиде во Крагуевац да нападне некого или да изврши терористички чин таму, туку загина во сопствената куќа“, заклучува Спахиу.
Како течеше акцијата во Дреница, според српската полиција
Според Горан Радосављевиќ, акцијата траела седум дена, а ја воделе Единицата за специјални операции на Одделот за државна безбедност и Специјалната антитерористичка единица на МВР на Србија.
Радосављевиќ тогаш беше помошник командант на штабот за Косово и Метохија, задолжен за полицијата, а командант беше Сретен Лукиќ, кој подоцна беше осуден на 22 години затвор пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг.
Како што тврди, полицијата го повикала Јашари да се предаде или да ги ослободи жените и децата, но безуспешно.
Кога полицијата направила обрач околу куќата, со цел, како што тврди Радосављевиќ, „да изврши апсење и да се обиде да ги извлече“ цивилите, пукале со „сѐ што имале на располагање“ на имотот.
„Меѓутоа, долу направија митралезно гнезда и тој (Јашари) не им дозволуваше на жените и децата да излезат, дури од тие силни експлозии го уби својот братучед кој се упати кон нас со девојчето“, тврди Радосављевиќ.
За жал, во таа акција загинаа цивили, жени и деца“, додава тој, оценувајќи дека Јашари „сите ги жртвувал“.
Во престрелката загинаа и двајца српски полицајци.
За него таа акција била сосема легитимна, бидејќи, како што вели, немало „масакр, туку сѐ се случило во битка“.
Истражен судија по акцијата спроведе истрага, но не е поведена судска постапка.
Радосављевиќ потоа ги одведе новинарите на обиколка на Преказ – „автобус со новинари од целиот свет“, вели тој, покажувајќи им ги земуниците и митралезните гнезда каде што биле скриени бунтовниците.
Дејан Анастасиевиќ, репортер на „Време“, а подоцна и уредник на Би-Би-Си на српски јазик, беше во Преказ во март 1998 година.
Во текстот „Мртовечки танц“, Анастасиевиќ опишал дека на километар од центарот на Србица покрај патот кон Глоговац нашол „морбидни експонати“ – 49 тела на жртви кај Доњи Преказ, меѓу кои имало 12 жени, 13 деца и пет постари лица.
„Некои се очигледно убиени од куршуми, некои од шрапнели, некои од ножеви, тројца се целосно јагленисани. Едно десетгодишно момче имаше дупка од куршум на средината на челото и немаше друга видлива повреда“, напиша Анастасиевиќ, а колумната е објавена и во книгата „Кој ми стави бомби на прозорецот“.
Во текстот тој наведува дека најпрвин биле закопани во ковчези, а потоа ископани и закопани во покрови според муслиманските обичаи и дека во морето на лажни и контрадикторни информации на теренот било тешко да се открие што точно се случи за време на акцијата.
„Од повеќе извори може да се слушне дека според првичниот план, целата работа во Дреница требало да биде завршена за четири дена, меѓу 5 и 8 март, ‘жестоко и со хируршка прецизност’. Сепак, тешко е од полицајците да се направат хирурзи: им требаа речиси два дена само да влезат во Преказ, каде наидоа на многу пожесток отпор отколку што очекуваа.
Во меѓувреме, ситуацијата се заплетка не само на терен, туку и на политички и дипломатски план.
Сега нема враќање назад со незвршената работа, а не може ни со полна сила да се оди напред, бидејќи тоа во светот секако би се сфатило како ново етничко чистење.
Најточниот и најискрен опис на ситуацијата дојде од устата на еден провинциски функционер, кој, се разбира, сакаше да остане анонимен: „Заглавивме, брате, и сега ја усравме мотката“, вели Анастасијевиќ. Во текстот објавен во „Време“ на 14 март 1998 година.
Политички околности на „укинување на стравот“
Аспирациите на косовските Албанци за создавање независна држава на Косово траеја со децении, од времето на поранешна Југославија – преку протести и референдуми, до вооружени конфликти со српските безбедносни сили. Со зајакнувањето на репресијата на режимот на Милошевиќ врз албанското население, дојде до зајакнување и на милитантното крило на отпорот кај Албанците на Косово.
Во такви околности, Адем Јашари се определи, и покрај предупредувањата на соработниците како што се политичките лидери Хашим Тачи и Адем Демачи, да остане дома и да умре за она во што верувал, се наведува до документарецот на Би-Би-Си „Падот на Милошевиќ“.
Тој вети дека нема да биде заробен жив и го одржа зборот, кој многумина во Косово го сметаат за „маченичко страдање“.
Стана народен херој, затоа што се жртвуваше заедно со целото семејство за укинување на стравот, оценува Неџемедин Спахиу, професор на Факултетот за политички науки од Јужна Митровица.
„Состојбата на страв ја воспостави Милошевиќ во 1990-тите, во која Албанците беа само жртви… За да се стави крај на тој страв, некој мораше да се жртвува на таков начин, да го жртвува целото семејство, бидејќи се знае дека не може да биде полошо од тоа и тоа беше почеток на војната во Косово“.
Тогашниот лидер на косовските Албанци, Ибрахим Ругова, писател и дисидент, се залагаше за мирни протести и штрајкови против српските власти во времето на Слободан Милошевиќ. Сепак, многу Албанци не беа задоволни од неговата политика и поддршката за борбата на герилците на ОВК стануваше сѐ посилна.
Настаните во Дреница претставуваа пресвртница во косовската криза, се вели во извештајот на меѓународната организација Хјуман рајтс воч.
„Ако намерата на владата беше да го потисне растечкиот бунт, тоа имаше спротивен ефект: бруталните и безмилосни напади само го радикализираа косовското албанско население и ги пополнија редовите на ОВК“, се вели во анализата за воени злосторства. (Би-Би-Си)