Според Филков во ДУИ има политичари од минатиот век

Министерот контрираше на изјавата на премиерот дека може да се смени законот и да се овозможи полагање правосуден испит на албански јазик


Министерот за правда Игор Филков ги отфрли денес обвинувањата од ДУИ дека го спречува  полагањето на правосудниот испит на албански јазик, поради што најавија и покренување кривична одговорност. Таквите изјави тој ги нарече национал-романтичарски теми битни за политичари од минатиот век.

„Сметам дека национал-романтичарските теми се битни за оние политичари од минатиот век. Ние работиме цврсто и решително на стабилност, просперитет и владеење на правото. Теми што ги интересираат и нашите граѓани. Се останато ќе биде оставено на тажната страна на историјата“, порача Филков во изјава за новинарите денес. 

На забелешката на Билал Касами од коалициониот партнер ВЛЕН дека игра на патриотска карта зошто знае дека нема да биде во идната влада, Филков  одговори студено дека „кога тој ќе биде премиер, ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не, а „дотогаш владеењето на правото, односно односно почитувањето на Уставот и на законите законите ќе важат за сите“.

Тој отиде и чекор подалеку, практично контрирајќи му на премиерот околу можноста да се промени законот.

„Во моментов таква можност нема, остануваме отворени за дискусија“, рече кратко Филков.

Коментирајќи го прашањето за барањето на студентите Албанци за полагање на правосуден испит на албански јазик, Касами вчера рече дека министерот Филков, со своите изјави, се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.

„Општо познато е, јавно, дека еден од министрите што ќе бидат опфатени во реконструкцијата на Владата ќе биде и министерот за правда. Гледам дека се обидува да ја искористи својата слабост, својот неуспех враќајќи го прашањето на меѓуетнички теми, па за да добие поголеми политички поени од дел од македонската заедница, се обидува да го оправда своето евентуално разрешување со „тука сакав да го заштитам македонскиот јазик“, рече Касами во емисијата „Клик Плус“. Касами рече дека, како и во многу други случаи, ставот на премиерот Христијан Мицкоски за прашањето за правосудниот испит е многу коректен.

Филков претходно се обрати на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК, нагласувајќи дека развојот на квалитетни и транспарентни механизми за избор, унапредување и дисциплинска одговорност претставува клучен предуслов за ефикасен судски систем кој работи во служба на граѓаните.

„Непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите“, истакна Филков.

Тој тврдеше дека обезбедувањето целосна независност и зголемувањето на ефикасноста на правосудството се јасен приоритет на Владата и Министерството за правда и дека во  новите законски решенија посебен фокус е ставен на изборните и дисциплинските механизми, во согласност со европските стандарди.

Филков порача дека реформите во Судскиот совет веќе се реализираат. Со новиот закон се утврдени јасни критериуми за избор и разрешување, заострени се условите за професионално искуство и прецизиран е терминот „истакнат правник“, иако вчера Блупринт групата обвини за мешање на премиерот Христијан Мицкоски во процедурата за избор на член во телото што ќе го избира Судскиот совет од граѓанските организации и што се произлегува токму од новиот закон. 

Тој најброја повече придобивки од законските измени, како воведување јавни расправи при изборот на несудските членови и јавен и транспарентен оглас за членовите што ги избира Собранието. Детално, рече тој,  е уредена дисциплинската постапка за членовите на Советот, со јасно дефинирани основи за одговорност и состав на дисциплинската комисија.Предвидена е и итна постапка за утврдување одговорност на судија или претседател на суд, која не може да трае подолго од шест месеци.

Министерот изрази очекување дека Законот за јавно обвинителство наскоро ќе биде усвоен во Собранието. Во него,како што рече, се вградени европски препораки, воведен е јасен мерит-систем за избор, унапредување и оценување на јавните обвинители, како и прецизни рокови за постапките.

„Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети“, нагласи Филков.

Со законските измени се предвидуваат и прецизни основи за престанок на функцијата, вклучително и во случаи на правосилна осуда за кривично дело против службената должност. Дисциплинската постапка ќе мора да заврши во рок од шест месеци, а во посложени случаи најдоцна до девет месеци. Согласно препораките на ГРЕКО, се воведува градација на дисциплинските повреди на лесни, потешки и најтешки.

На последната седница Владата го усвои и новиот Закон за Советот на јавни обвинители. Со него се воведува повисок цензус и јасни критериуми за избор на членови од редот на обвинителите, како и транспарентна и инклузивна постапка за членовите што ги избира Собранието.

„Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност“, порача министерот.

Секоја одлука на Советот – за избор, унапредување, дисциплинска одговорност или разрешување – ќе биде задолжително образложена и јавно објавена, со што транспарентноста станува законска обврска.

Министерот истакна дека измените се резултат на констатирани слабости во правосудниот систем во изминатиот период, како што се долготрајни постапки, случаи на корупција, недоволна транспарентност и отсуство на ефективна одговорност.

„Со овие законски решенија директно ги адресираме овие проблеми. Подготвивме измени на триесеттина закони, од кои најголемиот дел се од суштинска важност за правосудството. Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно“, истакна Филков. (С.Ј.)