СПМ: Место комисија, поединци распоредуваат полицајци


Синдикатот на Полиција во Македонија денеска во соопштение обвинија дека највисоки функционери на Министерството за внатрешни работи со години наназад постапуваат спротивно на правилата и прописите на Министерството, а со тоа, велат, нанесуваат директно штета како на работниците, така и на Министерството по изгубените судски процеси.

– Имено, наведените функционери на највисоките позиции во Министерството ставајќи се во позиција на претседатели и на наведените комисии непочитувајќи го Законот за внатрешни работи и Правилникот за начинот на спроведување на селекција при распоредување во МВР сами изготвувале одлуки и истите ги спроведувале до министерот за внатрешни работи без притоа често несвикувајќи ја комисијата која е составена од вкупно пет членови со право на глас, се наведува во денешното соопштение од Синдикатот на Полиција во Македонија.

Од Синдикатот појаснуваат дека постојат две комисии за распоредување и унапредување на полициски службеници на работни места и тоа комисија од Б,В,Г,Д и Ѓ категорија и комисија од Ж и Е категорија. Одлуки за распоредување и унапредување на работниците во Министерството донесуваат токму овие комисии за распоредување и унапредување, што ги формира министерот со решение. Комисиите се составени од претседател, четири члена и нивни заменици, од кои еден член и заменик се претставници на Синдикатот (Македонскиот полициски синдикат), а еден член и заменик е променлив и е раководител на организациската единица каде е систематизирано работното место за кое се спроведува постапка за распоредување. Во работата на комисијата, се наведува во соопштението, учествува и секретар-записничар, без право на глас кој што е должен да изготви записник, а таков записник, во најголем број на случаи нема.

– Како Синдикат кај нас лично отвара основан сомнеж дека овие комисии во овој состав, воопшто или често немаат заседавано и воопшто немаат одлучувано за предметното распоредување во полн состав, односно дека воопшто такви пропишани одлуки и записници потпишани од сите пет членови не постојат. За ова постои доказ кој што ќе го презентираме во понатамошниот период, се подвлекува во соопштението и се додава дека „се сомневаат оти е постапувано и работено спротивно на правилата и прописите на двете правни служби во МВР од причини што воопшто ваквото незаконско постапување не го земале во предвид при спроведување на постапките за распоредување“.

Во соопштението се посочува дека покрај Законот за внатрешни работи каде е пропишана постапката за распоредување на работник постои и Правилник за начинот на спроведување на селекција при распоредување број 13.1 -17949/1 од 12 март 2015 година.

– Конкретно наведените претседатели на комисиите В. К. и О. Л. , свесно заобиколувајќи го Законот и Правилникот со непостапување по прописите, не свикувајќи комисии кои биле должни да го потпишат записникот и одлуката во периодот од месец април 2018 година до месец декември 2020 година САМИ потпишале и спровеле голем број на решенија за полициски службеници и униформирани полициски службеници. Во најголем број на наведените незаконски постапки сами изготвиле и потпишале одлуки за изготвување на решенија на УПС и ПС за распоредувања најчесто надвор од местото на живеење, соопштија денеска од Синдикат на Полиција во Македонија.