„Специјалните“ си одат, но пак ќе ги водат случаите


Советот на јавни обвинители денеска ќе расправа за статусот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство. По разрешувањето на нивната шефица Катица Јанева, се очекува формално да биде констатирано оти завршува и нивниот мандат. Според законот, мандатот на обвинителите не може да го надмине мандатот на специјалната јавна обвинителка.
Десеттемина обвинители потоа ќе се вратат во матичните обвинителства од каде што и дошле во СЈО пред четири години. Најголем дел од нив се од скопското обвинителство: Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Гаврил Бубевски. Лиле Стефанова ќе оди во Обвинителството за организиран криминал, Бурим Рустеми се враќа во Куманово, Љубомир Лапе во Крива Паланка, Елизабета Јосифовска во Гостивар, а Стевчо Дончев во Кочани.
Сепак, сè уште не е дефинирано дали тие ќе продолжат да работат по предметите што ги започнаа во СЈО, а сега се во рацете на редовното обвинителство, како и статусот на останатите осумдесетина вработени во Специјалното обвинителство. Според последните информации, се размислува дел од истражителите да се вратат на претходните работни места во МВР, Управата за јавни приходи или Финансиската полицијата, а некои да продолжат во Јавното обвинителство. Неизвесна е судбината на другите вработени, особено оние што имаа договор на дело со важење додека трае и СЈО. Тие ја примиле платата за август. По притворањето на Јанева, налогот го потпишала заменичката Елизабета Јосифовска.

Фото: Б. Грданоски

Дополнителен проблем е што, според законот за СЈО, обвинителите кога ќе се вратат на претходните работни места треба да добиваат „споредливи примања“, односно платата да им биде горе-долу како таа што ја земаа досега. Но јасно е дека месечниот надомест во СЈО е поголем отколку во обичните обвинителства, така што и овие работи ќе се решаваат во од. Пратеникот Антонио Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за законот за обвинителство, вчера тврдеше оти платите на обвинителите во СЈО заедно со бонусите достигнувале и над три илјади евра.
Извори од Јавното обвинителство брифираат за „Независен“ дека по преземањето на предметите од СЈО се планира по нив да постапуваат оние обвинители што ги воделе и досега.
„Со самото тоа што обвинителите од СЈО ќе бидат вратени во матичните обвинителства, добиваат статус на обвинители. Сега имаа статус на заменици. Без оглед во кои обвинителства ќе бидат, сите тие можат да работат по предметите што ги водеа во СЈО. Ќе одиме предмет по предмет. Предност ќе им дадеме на судските предмети за да нема одложувања на судењата. Одиме во насока обвинителите да продолжат да постапуваат по своите предмети. Случаите продолжуваат таму каде што запреле. Дури и да има нов обвинител по некој случај, тоа не значи дека процесот започнува од почеток. Тоа се прави само при смена на Судскиот совет“, објаснуваат нашите извори од Обвинителството.
Јанева беше разрешена во саботата вечерта на вонредна седница на Советот на јавни обвинители, откако претходно парламентот едногласно го усвои предлогот за нејзино разрешување.
Претседателот на Советот, Ацо Колевски, по седницата изјави дека Јанева едногласно е разрешена поради незаконско, нестручно и несовесно работење, а одлуката за нејзино разрешување стапува веднаш во сила и ќе биде објавена во „Службен весник“ согласно процедурата.
За јавните обвинители што се дел од СЈО, како што посочи Колевски, ќе мора да се применат одредбите од законот за Специјалното јавно обвинителство.
„Тоа в понеделник ќе го констатираме со одлука. Став на Советот е дека не постојат услови за поставување вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство, имајќи го предвид самиот закон за СЈО каде што е наведено дека предлогот за именување специјален јавен обвинител го дава Собранието. Очекуваме предлог од Собранието и ако биде доставен ќе постапиме по предлогот бидејќи законот сè уште е во важност“, потенцира Колевски.


Процесот на разрешување на притворената обвинителка почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева.
Пратениците ѝ пресудија на Јанева со 102 гласа „за“, без воздржани и против, како и со 27 гласа „за“ од припадници од заедниците кои не се мнозинство. Партиите беа единствени во ставот за разрешувањето на Јанева, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ ги повторија своите различни позиции и гледишта за тоа какво треба да биде јавното обвинителство во кое треба да биде инкорпорирано СЈО. Тие меѓусебно се обвинуваа за правен хаос, штитење на криминалот, злоупотреби на правосудниот систем, пропаѓање на случаите на СЈО и нивно запирање.
Мандатот на Јанева секако истекуваше вчера. Таа поднесе оставка на 15 јули по објавувањето на аферата „Рекет“ и апсењето на Бојан Јовановски и Зоран Милески. Подоцна и таа беше притворена. Од затворот во Шутка побара предметите на СЈО да преминат во Јавното обвинителство, што веднаш беше прифатено. Сите предмети, прислушувани разговори, транскрипти остануваат во зградата на СЈО и ќе се чуваат под посебен безбедносен режим. Тие ќе се подигнуваат оттаму по потреба за судења.

Горан Адамовски