Специјалниот обвинител Милер ќе сведочи во Конгресот


 

Роберт Милер ќе даде исказ пред Конгресот на 17 јули. На претседателот Трамп ова нема да му се допадне

Роберт Милер искажал подготвеност на 17 јули да одговара на прашања на јавна седница на комисиите за правда и за тајни служби на Претставничкиот дом, соопшти претседателот на Комисијата за правда, Џери Недлер, на Твитер. Демократите одамна сакаа да го доведат Милер во Конгресот за да одговара на прашања на пратениците. Согласноста на Милер меѓутоа дојде дури откако двете комисии му испратија судска покана, со која недавањето исказ носи закана за казна.
Милер речиси две години вршеше истрага за тоа дали изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп имал тајна координација со руски владини претставници во изборната кампања во 2016 година и дали Трамп ја спречувал судската истрага во овој случај. Повод за истрагата беше сомнежот за вмешаност на Москва во претседателската изборна кампања во 2016 година, а истрагата му беше трн во око на Трамп.
На крајот на март Милер ја заврши својата работа и на министерот за правда Вилијам Бар му предаде доверлив извештај. На 24 март Бар објави сублимирана верзија од извештајот на четири страници, со искривување на одделни факти, што го критикуваше и самиот Милер. Дури на средината на април беше објавен комплетниот извештај, но со одредени нечитливи делови.
„Американците побараа директно да слушнат од специјалниот советник за да можат да разберат што истражувал неговиот тим, што открил и решил за нападот на Русија врз нашата демократија, прифаќањето на кампањата на Трамп и опструкцијата на истрагата“, рекоа претседателот на комисијата за правосудство Џеролд Надлер, и претседателот на комитетот за разузнавање, Адам Шиф, во заедничката изјава.

Милер и неговиот тим во текот на истрагата наидоа на многубројни контакти меѓу изборниот табор на Трамп и претставници на Русија, но не најдоа докази за кривично дело. На прашањето дали Трамп ја попречувал работата на правосудството, Милер не дава конечен одговор, туку наведува индиции за и против. Врз основа на ова, Бар констатираше дека обвинувањата за кривично дело против претседателот и во овој случај се без основа.
Демократите во Конгресот продолжуваат со истрага за руската афера и други недозволени постапки на Трамп и неговото опкружување.
Трамп, пак, постојано ги негира обвинувањата за дослух со Русија во неговата изборна кампања во 2016 година, а истрагата на Малер ја нарече „лов на вештерки“. (Според агенциите)