Спасовски за отказите: Тошковски прави чистка во МВР!
Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека одлуката да им се даде отказ на 15 високи службеници во МВР – е класична партиска чистка. Според Спасовски, не може некој кој никогаш досега не бил под дисциплинска постапка прва мерка што му е изречена да биде бркање од работа.
„Го гледаме класичниот пристап на партизација на ВМРО-ДПМНЕ, се врши дискриминација, и тоа не по политичка основа затоа што полициските службеници не може да бидат членови на политички партии, туку дискриминација само заради тоа на кои позиции биле и во чие време биле на позиција. Единствено логично објаснување на ваква состојба е само да се заtскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница, истиот ден да се објави друга вест. Апсолутно е недозволено овие луѓе да бидат понижени, иако досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети, сите се со сертификати, некои од нив имаат и НАТО сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа. Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење на страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи.
Ќе направам само споредба. Се сеќавате сите на случајот кога тогашниот телохранител на Мицкоски, Бисовки, нападна политиски инспектор со цел да спречи акција за спречување трговија со дрога, во Скопје. За истиот тој полициски службеник- иако беше поднесена кривична пријава, иако има снимка на очите на целата македонска јавност дека напаѓа полициски службеник – истиот министер него го ослободува од било каква одговорност, а на тој начин му овозможува да биде унапреден и да биде дел од најелитната единца, Тигар. Ова доволно говори којшто се има во овој момент. Апсолутно, осудувам ваков пристап и сметам дека не треба во ниту еден момент да се удира врз професионалците во МВР и во безбедносните институции“, порача Спасовски во реакцијата.
Според него вистинското прашање е зошто за само неколку месеци ни се случуваат 25 вооружени инциденти во коишто имаме ранети, убиени граѓани.
„Зошто овие настани се случуваат и зошто токму овие криминални банди добиваат на значење и на сила токму во овој период? Нема оправдување ако некој го предводи МВР една година и кажува сега дека заради тоа што се случувало во минатото не може да преземе ништо повеќе. Се бара знаење, посветеност и пристап којшто ќе овозможи заштита на граѓаните. На крајот ниту еден граѓанин не му важно со што се соочува некој министер или Министерство. Граѓаните сакаат мир и безбедност затоа што е недозволиво да излезат и да се плашат дали некој во одреден момент, некоја криминална група ќе пука, ќе подмете бомба или не дај Боже ќе се случат посериозни настани. Истот ден се случи пукање и во куќа во Шуто Оризари, каде што имаше вооружена престрелка, но не се објави во јавноста. Така да треба да се преземаат мерки, а тие мерки може да дадат резултати не ако се удира по професионалците во МВР туку ако им дадете потстрек за да се борат со криминалот и да се справуваат со ваквите криминални структури“, рече Спасовски.
Според она што се дознава, Тошковски барал проверка на 48.000 барања за издавање на дозволи за оружје изминатите години и открил дека 5.000 од нив се уште не биле решени и дека наводно не се решавале по ред. Тоа било доволна причина на 30 јануари да ја запре работата на комисијата за издавање дозволи и да покрене дисциплинска постапка која, пак, неофицијално се уште не е завршена, а тој донесе одлука. Меѓу тие што добија отказ има двајца помошници директори, а отказ добиле сите што биле членови и заменици на оваа комисија.
Дека ВМРО-ДПМНЕ се бетонира во МВР сугерираше деновиве и информацијата дека продолжува практиката од порано да се зголемува буџетот за МВР, а да се крати тој на одбраната иако трендот во Европа е обратен поради војните во Украина и на Блискиот Исток и доаѓањето на Доналд Трамп како претседател на САД. Покрај тоа во најава е спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнување со што безбедносните служби ќе се најдат само под контрола на Владата, а не и на претседателот и ќе се консолидираат – со нови чистки на кадарот. Поради ваквите чистки Македонија во 2001 година се најде целосно неподготвена за војната и ни се случи скандалот со прискушкување подоцна.
Отказите ги најави уште вчера министерот Тошковски во гостувањето во дневникот на Сител, во кое посочи дека во изминатиот период им било давано оружје на луѓе коишто законски немале право да поседуваат оружје, а притоа на луѓе коишто остварувале права не им било овозможувано да се заврши постапката. Тој, исто така, најави и дигитализација на овој тип на услуги.